Во очи на овогодинешното одбележување на годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев за жал се уште е актуелна дебатата наметната од нашиот источен сосед за тоа „чив е Гоце“? Наместо достоинствено одбележување како што заслужува историска личност од рангот на Делчев, неговиот роденден се сведе на најава на доаѓање на „освојувачи“ од Бугарија и „бранители“ од Македонија.
Главен аргумент на Бугарија дека Гоце Делчев е Бугарин е бидејќи тој во документите „се пишувал“ Бугарин. Но, како се користел терминот „Бугарин“ во времето кога живеел македонскиот револуционер?
На оваа тема разоваравме со професорката Катерина Тодороска од Институтот за национална историја. Таа објаснува дека во периодот кога живеел и делувал Гоце Делчев македонската етничка територија била под власт на Османлиската Империја.
Тој бил роден во Кукуш, а убиен во Баница, двата града кои се наоѓаат во егејскиот дел од Македонија. Во времето на неговиот живот (1872-1903) македонската етничка територија била под османлиска власт во која Македонците морале да изберат дали ќе се црквуваат во цркви под црковна власт или на бугарската Егзархија или на грчката Патријаршија. Како такви верници биле и запишувани во официјалните, световни, документи. Историските факти кои говорат за Гоцета во текот на неговиот живот се идентични како и за секој друг Македонец од тој период.
Имено, доколку неговото свето крштение се вршело во црква под јурисдикција на Бугарската Егзархија, тогаш детето било запишувано како Бугарин. Со оглед на тоа што во тоа време немало македонски училишта, Гоце бил принуден да учи во оние училишта кои ги имало. Така тој се школувал во Кукуш, Солун, Софија, во последните два града во егзархиски училишта. Но, самиот факт што во документите и во сведоштвата на неговите најблиски соработници Гоце Делчев, податоците од неговите запишани говори доволно покажуваат дека Гоце Делчев бил борец за слободата на Македонците и за слободна македонска држава, објаснува професорката Тодороска.
Но, врз основа на што бугарските историчари го темелат тврдењето дека Делчев бил Бугарин? Професорката вели дека начинот на именувањето на поединците во османлиско време, всушност е основата врз која Бугарите слепо го темелат својот став.
А ставот им е инспиративен за многу прашања. На пример, нејасно е зошто Делчев не беше толку важен за Бугарите долгите години додека неговите мошти ве наоѓаа во Бугарија? Зошто годишнините од раѓањето и смртта на Гоце Делчев ги одбележувале само неговите најблиски соработници? Зошто неговите блиски и следбениците на неговото дело ги заколнале поколенијата светите коски на Гоце да бидат погребани во главниот град на независна Македонија? Или зошто сите тие, бидејќи не биле благонадежни Бугари туку Македонци, свечено ги пренеле посмртните останки на Гоце делчев од Софија во Скопје?, вели професорката.
Таа додава дека во оваа пригода сака да потсети и на еден многу значаен текст на Димо Хаџи Димов посветен на Гоце Делчев, а напишан во 1924 година по повод 21-та годишнина од гоцевата погибија.
Авторот го насловил текстот „Тој плаче…“ ги објаснува сите најважни случувања кои влијаеле врз состојбите за македонска држава да не биде создадена. Димо Хаџи Димов текстот го завршува со зборовите:
„Го повикувам духот на Гоцета, за да нѝ послужи тој како моќна повела за полно помирување на браќата што се непријателски расположени еден кон друг и за полно и сестрано откинување на ноктите и мрежата на онаа политика чиишто носители најмногу придонесоа за распарчувањето и разурнувањето на Македонија и коишто денес продолжуваат намерно да сеат крвави омрази и страсти меѓу нас, за да не бидеме во состојба да ја заштитиме од нови заговори и предавства.
Браќа и дугари, стари и особено млади!
Сите по патот и примерот на Гоцета! Сите под едно знаме! Сите во служба на Татковината! За неа да се бориме! За неа да умираме.
За тоа плаче тој…“. (Д. Х. Димов, Тој плаче…, Гоце Делчев во спомените на современиците, Скопје 1963, 286.)
На прашањето каде погреши македонската Влада, а и Комисијата за историски и образовни прашања за сега да се доведеме во ситуација да треба да се докажуваме со Бугарија и нивните империјалистички барања да се легитимираат во процесот на ЕУ преговорите, професорката Тодороска вели:
Пред да одговорам на прашањето една мала негова корекција. Не можеме да барањата на Бугарија да ги окарактеризираме како империјалистички затоа што Бугарија никогаш не била империја, нивните барања можеме едноставно да ги наречеме фашистички, децидна е професорката.
Според неа, Владата не згреши, туку направи катастрофален чин со потпишувањето на исклучително штетниот по македонската држава т.н. Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, бидејќи е крајно неизбалансиран, без никаков историски темел, со срамни обврски за преговарање за нешта што никој не би преговарал.
Комисијата за историски и образовни прашања е, вели таа, црешата на тортата на срамот која нѝ ја подготви Владата.
Лично бев изненадена што некој прифатил да биде член на Комисија за бришење на македонската историја, да прифати Бугарите да нѝ кажуваат што да учат нашите деца, какви книги да објавуваме, што да содржат македонските филмови итн.итн. Но, откако ги дознавме сумите за кои одработувале и одработуваат, јасно е дека не се работи за наука туку за измеќарство.
Сметам дека ние немаме зошто да се докажуваме со Бугарите, кои се народ кој нема ништо заедничко со нас. Ние, како држава, сме ДЕМОКРАТИЈА со големи букви за нив, смета професорката.
Таа заокружува дека актуелното однесување на Бугарите, би требало да биде вториот црвен сигнал за Европската Унија, бидејќи првиот со Грците го пропуштија. Бугарските фашизоидни постапки, вели професорката Тодоровска, и нивното премолчување значат дека, и покрај нашите нескриени намери да влеземе во тоа европско семејство, нам не нѝ е местото таму обезличени и обезимени.
Катерина Смилева Божиновска