Како разврските во Куманово и Кавадарци се одразија врз изборите?

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ одбраа различен пристап на решавање на ситуациите во Куманово и Кавадарци, каде имаа градоначалници со голема популарност, кои беа во конфликт со партиските раководства. Ако СДСМ дозволи за првпат да загуби во Куманово од сопартиецот Димитриевски, ВМРО направи компромис и со Јанчев во Кавадарци ја забележа најголемата победа. Покрај тоа, ваквите одлуки имаа влијание и врз советничките листи изразено со над 10.000 гласа разлика.

by Фокус

Во периодот пред изминативе локални избори, две општини се сметаа како најпроблематични за решавање во централите на двете водечки партии – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Но, проблемот не беше потрагата по кандидати за градоначалници со висок рејтинг, туку како да се постават кон актуелните градоначалници на двете општини, кои имаа голема популарност, ама не беа во најдобри односи со партиските раководства.

Станува збор за Куманово и Кавадарци, предводени од старо-новите градоначалници Максим Димитриевски и Митко Јанчев, кои на едно истражување на јавното мислење беа избрани меѓу тројцата најпопуларни градоначалници во државата заедно со Арбен Таравари. Сепак, и двајцата влегоа во конфликт со раководствата на двете матични партии, кои на изборите одбраа различен пристап за надминување на ситуациите.

И во владејачката и во опозициската партија се правеа анализи дали да направат компромис и повторно да ги кандидираат Димитриевски и Јанчев, и со тоа да влезат како убедливи фаворити во Куманово или Кавадарци? Или, пак, да настапат со други кандидати и така да ризикуваат самостојна кандидатура на двајцата сопартијци, што ќе донесе неизвесна изборна разврска?

Имено, СДСМ подолго време тактизираше со изборот за Куманово, поради тоа што Димитриевски во минатиот период критикуваше многу владини одлуки и политики, а влезе во конфликт и со неколку владини министри. Поради одолговлекување на партиската одлука, тој одлучи да поднесе независна кандидатура пред истекот на законскиот рок, а СДСМ одбра да истрча со Оливер Илиевски.

Всушност, и покрај високиот рејтинг на Димитриевски, СДСМ преферираше да истрча со друг кандидат, бидејќи, наместо да покажат широчина и да демонстрираат дека охрабруваат внатрепартиска демократија, како многупати досега, владејачката партија одлучи да прати порака дека обесхрабрува внатрепартиска критика и билдање на личен рејтинг преку критика на партијата и сопартијците.

Наспроти тоа, во ВМРО-ДПМНЕ одбраа поинаков пристап во Кавадарци, каде одлучија повторно да истрчаат со Јанчев. Иако тоа наиде на критики на многу поддржувачи на десницата, бидејќи Јанчев често го критикуваше ВМРО-ДПМНЕ, па дури и бараше смена на партискиот лидер Христијан Мицкоски, сепак, токму Мицкоски на крај пресече да одат со Јанчев.

На крајот, изборот на ВМРО-ДПМНЕ се покажа многу поуспешен, со оглед дека СДСМ за првпат на овие избори го загуби Куманово токму од социјалдемократ, а ВМРО во Кавадарци ја постигна најубедливата победа на овие избори. Официјалните бројки покажуваат дека партиските одлуки за овие две општини имаа влијание и врз советничките листи изразено со над 10 илјади гласа разлика.

Поточно, Димитриевски убедливо го победи Илиевски во Куманово во вториот изборен круг со разлика од над 6 илјади гласа поради поголемиот коалициски потенцијал, но во првиот круг, кој се смета за попрецизен приказ на реалната поддршка, беше речиси нерешено. Поточно, Димитриевски освои 15.164 гласа, а Илиевски освои 15.142, што е разлика од само 22 гласа.

При гласањето за советничките листи, пак, разликата беше во корист на СДСМ, чија листа освои 11.727 гласови, а независната листа на Димитриевски освои 10.267 гласови. Колку за споредба, на претходните локални избори во 2017 година, Димитриевски победи во првиот круг со 26.289, а СДСМ на советничката листа освои 21.760 гласа.

Тоа значи дека Димитриевски сега како независен кандидат во првиот круг сам освои над 11 илјади гласа помалку отколку кога беше кандидат на СДСМ. Но, и Илиевски сега како кандидат на СДСМ  освои исто толку гласови помалку отколку што освои Димитриевски пред 4 години.

Од таа гледна точка, разделбата лошо се одрази на сите страни, а најмногу загуби СДСМ. Патем, падот на партиската поддршка е регистриран и на советничката листа на СДСМ, за која на овие избори гласаа над 10 илјади лица помалку отколку пред 4 години. Токму толку гласа на овие избори освои независната листа на Димитриевски.

Оттука, СДСМ со Димитриевски сигурно ќе победеше на локалните избори во Куманово, а ќе освоеше околу двојно повеќе гласови на советничките листи. Токму тоа се случи во Кавадарци, каде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Јанчев победи со над 10 илјади гласа разлика, со оглед дека освои 15.182 гласа, додека неговиот противкандидат Горан Тодоров од СДСМ освои 4.677 гласови.

Притоа, Јанчев освои двојно повеќе гласови отколку ВМРО-ДПМНЕ на советничките листи (8.948). Освен што ВМРО-ДПМНЕ со Јанчев убедливо победи во градоначалничката битка, тој сигурно повлекол и повеќе гласови на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе беше најмалку преполовена доколку тој отидеше како независен кандидат.

В.С.

Поврзани новости