Албанскиот премиер Еди Рама рече дека не познава никаков картел, откако мексиканските медиуми пишуваа за поврзаност на картелот „Синалоа” со Албанија. На новинарско прашање која е поврзаноста со споменатиот картел и браќата Хаса кои се фотографирани како пред две години излегуваат од неговиот кабинет, тој вели дека медиумите насекаде пренесуваат и вистини и лаги.
– Прво, мислам дека нема некоја голема разлика меѓу мексиканските медиуми за кои станува збор и вашите медиуми, на пример. Мислам дека е исто, што значи дека може да се кажуваат вистини, но и лаги, не знам како се прави ова без никакво истражување, без никаква верификација. Навистина е болно и одвратно, но јас сум прилично немоќен да направам што било освен да ја ставам мојата моќ на располагање на вистината и фактите – рече Рама.
Албанските медиуми пренесуваат информација од мексиканските медиуми под наслов „Туризмот во Албанија се развива со црни пари од нарко картелот ‘Синалоа” на Ел Чапо”.
-Овој картел се чини дека пере пари во Албанија и во бизниси, недвижности и туристичкиот сектор. Шефот на фракција на картелот „Синалоа”, Исмаел Замбада Гарсија, познат по прекарот „Ел Мајо” склучил сојуз со албанската мафија – наведуваат мексиканските медиуми.
Според нив, „Ел Мајо” има свои врски со браќата Луфтар, Арбен, Фатос и Рамиз Хиса, кои се дел од албанска криминална група.
-Тие поседуваат мрежа на казина и бизниси во Сонора, Долна Калифорнија и Квинтана Ру во кои перат милиони долари од организираниот криминал. Покрај тоа, инвестираат големи суми пари во Албанија за инвестиции насочени кон коцкарски активности и во областа на туризмот – стои во написот што го пренесуваат албанските медиуми.