Додека е во ек аферата со лекарот од Вевчани, кој шест години без диплома и завршен медицински факултет работел во Итната медицинска помош при Здравствениот дом, јавноста се сеќава на сличен случај кој го вознемири Кавадарци во 2013 година.
Стануваше збор за млада лажна докторка од Кавадарци, која седум месеци работела во Здравствениот дом во градот.
По откривањето на случајот, државен санитарен и здравствен инспектор по вонреден инспекциски надзор донесе решение за отстранување на лажната млада докторка од Здравствениот дом во Кавадарци, а Министерството за здравство поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство. По една година, заврши судењето и беше донесена пресуда.
Првостепениот суд ја прогласи лажната докторка која беше на возраст од 27 години за виновна за трите кривични дела за кои беше обвинета.
Измама, фалсификување на исправа и надрилекарство, а Апелацискиот суд од Скопје ја потврди пресудата на Основен суд Кавадарци со кој таа беше осудена на 11 месеци затвор и парична казна од 250 евра.
Како што пишувавме тогаш за случајот, таа со фалсификувани документи успеала да се вработи во Здравствениот дом во Кавадарци.
Приложила уверение за положени испити со висок просек од Медицинскиот факултет во Скопје и лиценца на лекарската комора заверени на нотар, па менаџерите во болницата воопшто не се посомневале и ја ангажирале како доктор во Итната медицинска служба со договор на дело.
Кога по седум месеци од почетокот на нејзиниот ангажман здравствениот инспектор дошол во болницата и ги побарал документите,се открила измамата на лажната докторка. Пред колегите, таа само ја наведнала главата и не изустила ниту еден збор.
-Сите коишто работиме во Итната помош сме доста изненадени од настанот, бидејќи мислевме дека вакви работи се случуваат само на филм. Нашата лажна колешка многу ја почитувавме и воопшто не се посомневавме дека со помош на фалсификувани документи се здобила со титулата лекар.
Но, и нејзиното однесување не не наведе на никаков сомнеж бидејќи се однесуваше доста искусно, но и посебно трпеливо со пациентите, беше љубезна како ретко кој и сите имавме високо мислење за неа. Бидејќи беше релативно нова во нашиот тим, искусен лекар работеше заедно со неа, односно како и сите лекари почетници и таа беше под постојан надзор на постар колега.
Сепак и таа прегледуваше пациенти, даваше дијагнози, препишуваше терапии. Досега не се случи да имаме било какви жалби од пациентите или пак од колегите во врска со нејзината работа. Затоа, кога дојдоа надлежните од инспекциската служба и не известија за случајот, ние бевме буквално во шок- ни раскажа тогаш доктор од Итната помош.
Лажната докторка била запишана на Медицинскиот факултет во Скопје и првите две години немала проблеми со учењето. Но потоа заглавила, но продолжила да живее во Скопје и на родителите им кажувала дека е редовен студент.
По шест години поминати во Скопје се вратила во родното Кавадарци, а семејството и направило и голема свеченост по повод ,,Дипломската”.
-Таа доаѓаше во болницата волонтерски речиси цела година. Не гледаше како работиме, собираше искуство. Кога пред околу шест – седум месеци ни беше потребен доктор, си ги поднесе уредно документите и никој не се посомнева дека се лажни – ни изјавија тогаш нејзини колеги, кои потенцираа дека кога ќе ја дознаат веста, голем дел од пациентите ќе бидат разочарани, бидејќи била посебно посветена на работата и доста внимателна со болните.
И за лажниот доктор од Вевчани, кој е на возраст од 33 години, пациенти од општината раскажуваат дека бил посветен на работата, па веста сите ги оставила во неверување.
Вики Клинчарова