Текстот е објавен на 16.02.2016 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 1064.
Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ
„Има една ризична работа, ама таа ја знаевме ние и затоа инсистиравме да дадат повеќе адреси комитетиве. Како што знаеш, имаме по 50 души во стан од 40 квадрати…“. Ова е само една секвенца од разговорот што го објави опозицискиот лидер Зоран Заев, воден, според него, меѓу веќе поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и се уште актуелниот генерален секретар на владата, Кирил Божиновски, кои разговараат за таканаречените увезени гласачи од странство.
Впрочем, и домашните и меѓународните набљудувачи детектираа аномалија на последните неколку изборни процеси со гласање на луѓе кои имаат биометриски документ, а со тоа и право на глас, без претходно да обезбедат живеалиште во регуларна процедура. Во таа смисла, тие утврдиле дека, меѓу другото, избирачкиот список е нереален, а особено грижа предизвикувал фактот што голем број избирачи биле регистрирани на една адреса.
Исто така, ДУИ и СДСМ на последните избори поднесоа приговори до Државната изборна комисија со барање од избирачките списоци да се избришат избирачите кои наводно живеат на фиктивни адреси. Потоа, ДИК побара од МВР, кое ја одржува базата на податоци за населението, да ги испита таквите наводи, но министерството тогаш зазеде став дека не е негова одговорност да врши проверка на таквите наводи.
Откако опозицијата, согласно договорот од Пржино, го презеде овој ресор, ја посочи Јанкулоска како главен виновник за незаконско издавање на лични на лица кои не ги исполнувале потребните критериуми. Речиси паралелно, таа стана и еден од примарните осомничени за изборен криминал под кодно име „Титаник“ од страна на Специјалното јавно обивнителсто, кое смета дека била дел од групата што извршила кривични дела против изборите и гласањето, со цел понатамошно опстојување на власт на партијата од каде доаѓа.
КРОЕЊЕ НА ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК ПО СОПСТВЕНА ВОЛЈА
Една од специјалните јавни обивнителкки – Фатиме Фетаи, неодамна на прес-конференција изјави дека оваа група сочинила план како да им се овозможи на повеќе лица од странство да користат избирачко право. Според неа, се работи за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по никој основ несмеат да бидат, односно на лица кои ниту живееле, ниту живеат, ниту има можност да живеат на наведените адреси.
– Некои лица се фотографирани во еден град, а лична карта добиле во друг град, односно во општина Центар, се разбира и во избирачкиот список се таму и таму гласале. Потоа, определени се 15.000 нови матични броеви, при што не се работи за новороденчиња. Изготвени се и 35.000 лични карти кои не се подигнати од барателите и никој незнае зошто стојат во МВР, а имаме и 60.000 нови македонски државјани – рече обвинителката Фетаи.
Притоа, таа додаде дека во оваа операција токму министерот за внатрешни работи одиграл клучна улога, впрегнувајќи ка целокупната човечка и техничка инфраструктура за да го состави избирачкиот список по волја на интересите на својата партија. Па, така, потенцира обвинителката, кога се јавила потребата за нови таканаречени сигурни гласачи, министерот за внатрешни работи ангажирал голем дел од капацитетите и подредените ги погазиле сите закони, правилници, упатства за работа во насока на постигнување на таа цел.
– Одеднаш системот на МВР почнал да работи во обратна насока. Прво фотографирање за лични карти и со тоа влегување во системот, па системот на информатика си ја завршил работата и со тоа имаме нови гласачи во избирачкиот список, а отпосле живеалиште за тие лица. После вметнувањето во системот на МВР за лични карти, а со тоа и во избирачкиот список, апсолутно е небитно што на дел потоа им изготвиле лични карти, на дел не – нагласи една од специјалните обивнителки која работи на предметот за изборен криминал.
ИЗДАВАЊЕ ЛИЧНИ КАРТИ НАДВОР ОД ЗАКОНСКАТА ПРОЦЕДУРАТА
Кога Оливер Спасовски од опозициските редови го презеде министерството за внатрешни работи, една од првите работни задачи му беше да изврши увод како се издавале лични карти од страна на оваа институција, врз основа на што, пак, произлегува избирачкото право. За да провери како функционирал системот, тој побарал по случаен избор да се провери како им биле издадени лични карти на околу 20 лица.
– Од вкупно 22-те лица за кои истраживме, едно лице воопшто не поседува лична карта. А, на сите останати преку 20 лица, од страна на служби во МВР, им биле издадени лични карти иако немале документ каде живеат, односно немале решение за живеалиште. Но, и покрај се, сите проверувани имаат лични карти и постојат во Избирачкиот список, остварувајќи го правото на глас – обелодени Спасовски.
Набргу потоа, на уште една тематски поврзана прес-конференција, тој откри дека не дваесетина, туку над 400 лица Пустец, Албанија, добиле лични карти по незаконски пат, бидејќи имале фиктивни адреси на живеење, така што по 20, 30 луѓе биле регистрирани на една адреса, додека едно од ваквите живеалишта всушност бил стан во државна сопственост.
– Во 2011 година нив ги нема во избирачкиот список, кој почнува да се полни со овие лица во 2013 година. Во 2014 година се надградува и проширува избирачкиот список со нови лица од Пустец кои гласаат во општина Центар. Кулминација на полнењето на избирачкиот список со лица од Пустец се случува во 2015 година. Ова покажува индиции за криминал во повеќе изборни циклуси – рече тогаш министерот за внатрешни работи.
ЕДЕН ГЛАСАЧ НА ДВА КВАДРТАНИ МЕТРИ?!
Во тој контекст, веќе пишувавме за Ресен, каде бројот на гласачи се изедначил со бројот на жители, на начин што преку илјада Македонци од Албанија биле регистрирани на адреси во градските и селските средини во оваа општина. Сепак, ваквото контраверзно гласање во овие средини се водеше зад очите на јавноста, која беше преокупирана со појавата на овие луѓе на гласање во Центар, каде ВМРО-ДПМНЕ ги трпи еден од ретките порази на последните избори.
Фокус поседува документација дека на многу адреси, веројатно во брзање поради цајтнот од изборите, се регистрирани неприродно голем број на луѓе. Арно ама, еден од овие случаи има поинаква димензија, со оглед дека се доведува во врска со познат политичар и јавен функционер. Имено, станува збор станбен објект на улицата Киро Крстевски – Платник број 11.
Како што потврдуваат изводите од избирачките списоци, во еден од становите во оваа зграда има, ни повеќе ни помалку, над 30 гласачи. Нашите информации говорат дека скоро сите тие, со исклучок на двајцата домородни жители, добиле лична карта со оваа адреса непосредно пред локалните избори во 2013 година. Меѓутоа, туе фигуираат на исто место до денес, освен еден кој сменил адреса на живеење.
Проверката во Катастарот на недвижности открива дека како сопственик на станот кој има 77 квадратни метри се јавува Јовановски Димче. Инаку, тој е роден брат на Владанка Авировиќ, која е пратеничка во неколку последователни мандати непрекинато се од 2006 година, како кадар од Социјалистичката партија на Љубислав Иванов – Ѕинго, константен партнер на Никола Груевски над 10 години.
НИТУ СУМ ПОТПИШАЛ ДОГОВОРИ НИТУ СУМ ГИ ВИДЕЛ ЛУЃЕТО!
За да испитаме каква е ситуацијата денес, го посетивме домот на Јовановски, кој веднаш, без никакви резерви и задршки не прими во својот дом, уверувајќи дека тој воопшто не знае дека кај него формално живејат уште 30 лица, а уште помалку дека свесно и намерно бил сочуесник во операција за впишување на фиктивни гласачи. Тој сведочи дека разбрал за овој податок кога отишол на гласање, каде членовите на избирачкиот одбор му предочиле дека кај него се водат уште многу луѓе.
– Ниту сум видел некој од посочените лица, ниту сум потпишал договори за закуп, за да може да се водат на моја адреса. Тоа им го кажав и на полициските службеници кои неколку пати доаѓаат да вршат проверки. Тој што издал лична карта треба да одговори како го сторил тоа – објаснува тој.
Под претпоставка дека нашиот соговорник ја говори вистината, во што нема причина многу да се сомневаме, ако има на ум фактот што не бегаше се криеше од јавноста, се отвара една клучна дилема – како МВР издало лични карти на оваа адреса? И второ, дали неговиот стан е одбран случајно, или, пак, се имал на ум фактот што тој е во блиски релации со висока јавна функционерка од власта, за да може да му се влијае доколку одлучи да реагира и да се побуни?
Во секој случај, од сето тоа произлегува дека луѓе добивале избирачко право на нелегален начин, додека центар на ваквата криминална операција било МВР со издавањето на лични карти. Токму тоа го утврдува проверката и истрагата на полицијата и обвинителството, кои освен што треба да ги поништат овие невалидни документи, треба да утврдат кој се бил вклучен во криминалот со незаконско впишување на гласачи во избирачкиот список.
Владанка Авировиќ, пратеничка од СПМ
СИТУАЦИЈАТА ТРЕБА ДА ЈА РАЗРЕШИ ОРГАНОТ ЗА ИЗДАВАЊЕ НА ДОКУМЕНТИ ВО МВР
Пратеничката од владејачката Социјалистичка партија, Владанка Авировиќ, ни изјави дека не е запознаена со случајот дека во станот на нејзиниот брат се впишани трисетина лица, односно гласачи.
– Но, во интерес на сите е да се утврди ако е тоа вистина кој ги впишал и затоа одговорот треба да го даде органот кој е надлежен за издавање на документи во МВР – вели Авировиќ.
Министерство за внатрешни работи
ОТПОЧНАВМЕ ПОСТАПКА ЗА ПОНИШТУВАЊЕ НА НЕЗАКОНСКО ДОБИЕНИТЕ ЛИЧНИ КАРТИ
Министертвото за внатрешни работи, на наше барање, утврди дека посочената адреса е наведена како живеалиште во личните документи на 31 лице од Република Албанија, кои се дел од оние над 400 лица за кои неодамна министерот Оливер Спасовски обвини дека добиле лични карти во незаконска постапка.
– МВР располага со признанија на вработени кои потврдуваат дека им биле вршени притисоци од претпоставените да издаваат лични карти во незаконска постапка, без валидни документи, пред локалните избори 2013 – велат од МВР.
Дополнително, од таму посочуваат дека заради сериозни повреди на позитивната законска регулатива во издавањето на лични документи, министертвото ја отпочнало постапката за поништување на овие лични документи по службена должност.