Како Миле стана главен пациент на Катица?

by Фокус

arhiva

Текстот е ојавен на 25 септември 2015 во неделникот Фокус во бројот 1042

Иако критичарите на груевизмот го лоцираат пастирот како „капо ди тути капи“, сепак, во најмногу кривични пријави од бомбите, дури 14, се наоѓа Миле Јанакиески. „Прва пратиља“ му е Јанкулоска со 10 кривични. Квантитетот не мора да даде и квалитет, ама јасно ги лоцира луѓето кои му биле десна и лева рака на пастирот, а на кои сега им се заканува опцијата за нивно дислоцирање во Идризово. Во таа смисла, провокацијата е да се осврнеме токму на човекот кој е на врвот, ама според кривичните пријави. Всушност, Миле и Горде сѐ повеќе ми наликуваат на Војо и Ламбе од Љубчово време на ВМРО-ДПМНЕ! А и ако постапиле според мислењето на Груевски, нели, за мислење не се одговара!

Пишувала: Јадранка КОСТОВА

Иако критичарите на груевизмот го лоцираат пастирот како „капо ди тути капи“, сепак, интересен е податокот дека во најмногу кривични пријави, дури 14, што произлегоа од „бомбите“, се наоѓа друг лик – Миле Јанакиески. „Прва пратиља“ му е Гордана Јанкулоска со 10 кривични, кои сега се веќе во надлежност на Катица Јанева. Од друга страна, иако опозицијата ги третира како главни – Груевски „заработил“ 5, а братучедот му Сашо Мијалков, „само“ 4 кривични.

Се разбира, квантитетот не мора да даде и квалитет, та некој со сал една кривична може да помине полошо од колекционерите на „катиљ“ ферманите што Заев и дружината ги доставија на адреса на Обвинителството. Квантитетот, сепак, јасно ги лоцира луѓето кои му биле десна и лева рака на Пастирот, а на кои сега им се заканува опцијата за нивно дислоцирање во „Идризово“. Во таа смисла, провокацијата е да се осврнеме на ликот и делата токму на човекот кој е на врвот, ама според кривичните пријави – Миле Јанакиески.

Имам „уметнички впечаток“ дека, всушност, Миле и Горде се како Војо и Ламбе од Љубчово време на ВМРО-ДПМНЕ. Последниве двајца ја поминаа судската и затворска голгота откако ДПМНЕ замина од власта во 2002-та, иако, нели, Љубчо доминираше во сите сдсмовски настапи како „најголемиот криминалец“. Верувам дека и Груевски се надева да преживее како Георгиевски, како средно богат бизнисмен, иако тој, за разлика од Љубчо, го негува митот за скромност и чесност. Но, Миле ми беше инспирацијата!

ДПМНЕ-ФИНАНСИСКА

Кога ќе почнете да го анализирате М.Ј., ќе дојдете до примарното сознание – актуелната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ е, всушност, персоналот на Н.Г. во ресорот Финансии, во владата за Промени. Миле, Горде и Зоки се главните играчи со кои Н.Г. ја „прероди“ ДПМНЕ во ВМРО-финансиска. Сосе Братучедот, всушност, ја сочинуваат Фамилијата. Уф, тука е и стратегот Протоѓер, кој, покрај тоа што е шеф на кабинет на пастирот, е и претседател на партиската комисија за стратешки прашања. Од целава фамилија, сал Зоки, Ставрески де, нема ниту една кривична пријава. Во „бомбите“ тој дури изгледа „разумно“, ама, глеј чудо, останува во дрим-тимот на пастирот.

Да се анализира учинокот на М.Ј. (иницијаливе колку да го скратам просторот), всушност, се сведува на скенирање на методите на владеење на Фамилијата. Миле е само една важна алка од системот. Тој, како и Гордана, е составен дел од контроверзните случаи со НПК и со „Аналитико“. Комуникацијата телефонска од „бомбите“ покажува дека Миле е од најголема доверба, штом со него шефот го планира и го реализира „плацот на Водно“. На воведот од шефот „Миле ми текна“, тој, пак, со должна почит, покрај сѐ што знае, му се обраќа со претседателе. За разлика, пак, од ароганцијата на Г.Ј., Миле во јавните настапи изгледа и инфантилно. Тој дава отпор, ама никогаш не може да му одолее на „мислењето“ на претседателот. Што би се рекло, на крајот, сепак, станува „дил ориентид“, ама со Груевски.

Има една чудна коинциденција, токму Миле кој сега е на врвот според кривичните пријави, фигурираше во наводите што ги објави Викиликс во 2011, ама пишувани некоја година претходно, дека Миле заедно со Сашо Мијалков, освен што се „најдоверливи луѓе на Груевски“, истовремено се и „нашироко познати по својата корумпираност“. Со дпмневски вокабулар кажано – „странските служби“ го имале детектирано одамна.

Случајно или не, токму обајцата „нашироко познати“, Јанакиески и Мијалков, и во ист ден си поднесоа оставки од функциите на кои беа безмалку една деценија, Транспорт и врски, односно ДБК. Како иронија на судбината, ете, во овие пакет-оставки беше и Јанкулоска. Што би се рекло, „Војо и Ламбе“ на Преродбата, сосе Братучедот.

Од друга страна, полициските оставки се поврзуваа, барем така се шпекулираше, со кумановските настани, па, оттаму, збунувачки беше што Миле беше во овој трилинг. Според некои, пак, Јанакиески ја имал својата оставка напишано многу порано. Во неа, откако ги набројува проектите што ги истакнува за успешни, ќе наведе дека се повлекува, гледајќи ја политичката состојба во државата и сите обвинувања кои на негова сметка ги упатила опозицијата „со лепени, креирани и монтирани разговори“.

ВМРО-НПК

Јанакиески имал студирано во Солун, на Американ колеџ. Злобниците велат дека ѕидовите на неговата студентска соба ги красел и постер од Бранко Црвенковски. Според некои информации, токму Груевски кога студирал во Прилеп бил кираџија во куќата на Јанакиески. Но, од кога датира нивното пријателство и не е толку важно. Освен што ќе биде дел од тимот во ресорот Финансии на министерот Груевски, по поразот во 2002 г. токму тој ќе биде лансиран како кадар од топ доверба на Пастирот.

Да, како инаку би бил дел од контроверзната Новата платежна картичка или случајот НПК, фирмата која во 2001 г. се одвои од некогашниот Завод за платен промет. И тука повторно ќе се ротираат „Војо и Ламбе“. Едно време претседател на Управниот одбор на НПК била Јанкулоска, а потоа, на оваа функција е назначен токму Јанакиески. Со реформата на ЗПП во НПК раководел тогашниот министер за финансии, Груевски. На чело на акционерското друштво бил Владимир, братот на Сашо Мијалков. Сѐ „наше дете“!

Да потсетам, по проверките во документацијата, Државниот ревизор ќе најде низа неправилности и сомнителни тендери што се случиле од формирањето на акционерското друштво. Антикорупциската комисија, пак, ја третираше НПК како спорна приватизација.

„Случајот НПК заслужува внимание, затоа што станува збор за многу голема материјална штета и редица злоупотреби од страна на лицата кои тогаш биле во власта. Вклучително и незаконското трошење на кеш пари од буџетот“, коментираше за „Фокус“, Слаѓана Тасева.

Занимливо, но на 19 септември 2002 година, неколку дена откако на избори ДПМНЕ ја загуби власта, НПК преминува во сопственост на Македонска и на Балканска банка. Банките добиле попуст, бидејќи ги платиле акциите со т.н. конвертибилни сертификати издадени за штедачите на ТАТ, оти тогаш вредноста на сертификатите не била поголема од 44 отсто од нивната номинална вредност! Опозициската СДСМ, во 2010 г., ќе потсети на овие детали.

„НПК, која била проценета токму од страна на Груевски на 7,3 милиони евра, била продадена за 1,5 милиони евра, и тоа не во пари, туку во конвертибилни сертификати. Со други зборови, од оваа продажба РМ не видела ниту евро, а Груевски потрошил 7,3 милиони евра на НПК. Капак на сѐ, купувачите на НПК се двете банки најблиски до ВМРО-ДПМНЕ, и тоа – Балканска банка, во која Груевски ја почна својата кариера, и Македонска банка, криминалното чедо на неговиот ментор Љубчо Георгиевски“, соопштија од СДСМ.

Интересно, Љупчо Шврговски како заменик јавен обвинител за Скопје ја одбил иницијативата на Антикорупциската комисија за случајот НПК. Е кога Груевски ќе ја освои власта во 2006 г., Шврговски ќе стане нов Јавен обвинител. Скандалот, пак, со Македонска банка, преку телефонскиот разговор што го објави СДСМ лани, во духот „кеш или жирално“, успешно го забошоти Марко Зврлевски. Со ваквите негови „заслуги“, сега добивме специјален обвинител.

ВОДОВОДНА КАРИЕРА

Како и да е, партијата која од 2002 г. е во опозиција, на локалните избори во 2005 г. доби мнозинство во Совет на Град Скопје. Така, новиот градоначалник Трифун Костовски ќе постави нивни кандидати на челните позиции на повеќе јавни претпријатија. Тогаш Јанакиески станува прв човек на „Водовод“. Со оглед на тоа дека партијата им се наоѓа во тешка финансиска состојба, особено по делбата со Љубчо и ВМРО-Народна, впечаток беше дека овие директорски позиции им станаа славина за финансиско полнење на партијата.

Имено, симптоматично е што од почетокот на 2006 г., кога се парламентарните избори, „Водовод“ почнува кампања во медиумите, од типот „Штедете вода“. Уште тогаш беше нејасно како јавното претпријатие што има околу 60 отсто одлив на питка вода, наместо да ја поправа сопствената инфраструктурна мрежа за да спречи одлив на чиста вода за пиење, средствата ги троши на кампања за штедење вода и ребрендирање.

Кога во градскиот Совет ќе се разгледува извештајот на „Водовод“ за 2006 г., ќе излезе на виделина дека близу 18 милиони денари биле потрошени за рекламна кампања. Софија Куновска од СДСМ тогаш ја отвори дилемата: дали, всушност, со кампањата, работена главно преку агенцијата „Република“, се авансирале средства за реализација на кампањата за парламентарните избори за потребите на ДПМНЕ. Но, доби кривична пријава од Миле за клевета. Патем, и тужбите за клевета против опозициските советници и пратеници е заедничкиот именител за врхушката на ДПМНЕ-Финансиска.

Сепак, на иста линија беа и размислувањата на сопартиецот на М.Ј., Кирил Тодоровски, ексградоначалникот на Општина Аеродром, кој беше осуден за „црковно мито“. Тој ја обвини Фамилијата за рекет, а во интервју за „Фокус“, откако излезе од притвор, ја даде неговата верзија за финансирањето на ДПМНЕ – жиро-сметки во странство, надувани фактури, рекламирање, местени тендери. Раскажа и за притисоците од врхушката да потпишува договори за рекламирање за огромни суми, кои тој ги одбил. А како спротивен егземплар го посочи токму Миле Јанакиески.

„Вие не знаете колку пари некој даде преку „Водовод и канализација“ за рекламирање?! Огромни износи, но човекот беше партиски војник“, го опиша Тодоровски директорот Јанакиески.

Не мислам дека „партискиот војник“, Миле, ја смислил шемата. Се чини дека авторските права за ваквите рекламерски навики се сепак на, како што го ословува Миле -„Претседателот“.

АНАЛИТИКО АИ

Јанакиески ќе биде дел и од маркетинг-фирмата „Аналитико АИ“, актуелна деновиве со корупцијата во Телеком. Процесот во Њујорк и сведочењето на Слободан Богоески покажаа дека македонските политичари можат да се омрсат кога продаваат фирма, потоа кога овозможуваат некоја компанија да задржи монополска позиција, но и кога треба да забошотат некои кривични пријави. Заинтересираните, пак, играле на повеќе купчиња, да бидат сигурно дека и оние од власта, ама и од опозицијата нема да им прават сопки.

Нејсе, во „Аналитико АИ“ биле вработени сите луѓе од доверба на Груевски. Покрај Миле, Гордана, Протоѓер, Канческа, и личната секретарка на Груевски, Ленче Самарџиска, ама и Ален Зекиров, многу години, телохранител на Мијалков. И токму „Аналитико АИ“ добива 120.000 евра од Телеком со договор за дистрибуција на СИМ картички. Фирмата регистрирана во 2005 г., веќе кон крајот на 2007 г., кога имаат година дена стаж во владата, е избришана од Централниот регистар. Но, „Аналитико АИ“ се јавува и како издавач на книгата „Тодор Александров – Сѐ за Македонија“, која беше објавена по повод 15-годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ“.

И откако во 2006 година Груевски ја формира владата, Јанакиески е назначен за министер за транспорт и врски, функција што ќе ја извршува сѐ до мај годинава. И тука ќе го следат одредени контроверзни проекти, за кои, се чини, најдоследно ќе го прозива пратеникот Јани Макрадули. Тој, пак, ќе возвраќа со нивната омилена алатка – тужби за клевета, што со судиите од „тефтерчето на Горде“ ќе им биде како желботека.

Макрадули, на пример, сметаше дека Миле ја злоупотребил својата позиција и овозможил фирма што не ги исполнува условите, да го добие тендерот за изградба на хотел зад „Рамстор“, Резидор. Наводно, англиска фирма која потоа станува фирма од холандски Антили, формира фирма-ќерка десетина дена по објавата на тендерот. Факт е дека и по неколку години хотел сѐ уште нема, ама Јани беше осуден за клевета. Овој скандал беше тема и на претходните парламентарни избори во Велика Британија. Јани, пак, заработи дури 4 тужби за оваа, како што ја нарече, „хотелската Окта“.

Препукувањата со Макрадули продолжија и за проектот гасификација од 2008 г. Министерството за транспорт поднесе дури кривична пријава за клевета против Макрадули, иако не ми е познато дали направиле психијатриско вештачење на целото Министерство. Зашто, нели, сите од Фамилијата со тужбите за клевета носеа и психијатриски вештачења.

ДИЛ ОРИЕНТИД ЗА „МИСЛЕЊЕ“!

Ова е само минимален сегмент од бројните прозивки на опозицијата, која ресорот на Миле дури го означи како една од пералниците на пари. Интересно е дека преку „бомбите“ разбравме дека М.Ј. знае што е спротивно на законот, прави обиди да му контрира на Груевски, но упорноста на лидерот на крајот секогаш го омекнува Миле. Ваков впечаток се добива кога ќе се слушне разговорот кога Груевски бара од Миле: „да го завршиме ова за фасадата на ЕВН и на Сити галери, како техничка грешка“.

„Ама Претседателе не може. Бара проширување на маркица, значи по ниеден закон, во ниедна регулатива го нема“, одлучен е Миле на стартот. Откако Груевски инсистира ресорот на Миле само да даде мислење, а дека одговорноста ќе била кај тој што го прифатил мислењето, по неколку минути натегање, Миле попушта да го потпише, како што вели „на лична одговорност“.

Вториот пример е кога Груевски му објаснува каква е разликата меѓу него и Владимир Пешевски, кого го фали како „дил ориентид“. За разлика од Миле, кој, демек, давал ист третман на сите компании. И во оваа конверзација Јанакиески се вади дека некој „бара нешто што е надвор од закон“. Значи, Миле ја знае границата, ама е и лесен за обработка. Лекцијата што му да држи Груевски е дека не е во ред да им вика од прва дека „ова не може, не е по закон“.

„Со вакви крупни, ќе имаме и други вакви, ќе дојдат сега гасоводи-масоводи, не можеш така, земи или остави. Бараш дил да постигнеш, бараш… кружиш како скијање, велеслалом, идеш лево-десно, лево-десно“.

Со ваквата филозофија за „мислењето“, Груевски веројатно верува дека утре и тој нема да сноси одговорност за своето мислење, туку послушниците што постапиле според неговото мислење. Сега останува да видиме што од „бомбите“ ќе заврши на суд поткрепено со докази и сведоци, ама и колку предмети ќе се испилат од необјавените бомби. Што би рекол Миле, задоволен кога Горан Трајковски од УЈП му реферира колку од фирми од списоците за отстрел биле казнети, ем колку со јаки казни: „Пиштење, вриштење ќе има“!

И да појаснам зошто мантрата за разговорите како „сечени, лепени и монтирани“ ми е фалична. Та, за изминативе месеци ќе обезбедеа експертиза од неколку реномирани компании за ваквите наводи. Напротив, германски стручњак за телевизијата Ал џазира потврди дека разговорите се „оригинал“. И во извештајот на Прибе многу јасно беше назначено дека „Овие снимки според квалитетот, опсегот и бројноста потврдуваат дека се направени во просториите на националната разузнавачка служба. Содржината на многу од снимките упатува на индикации на незаконски активности и злоупотреба на моќта од страна на високи владини службеници“.

Тонч! На ова груевци не слушнав дека имаа „примедби“. Патем, и без „бомбите“ за мнозинството од скандалите секој просечно интелигентен имал сомнежи уште додека биле „ин“! И доколку барем дел од пријавите за изборни манипулации бидат поткрепени со докази и инасајдерски сведоштва, тогаш веќе ќе има и судска потврда дека со партијата навистина, а не метафорично раководело „злосторничко здружение“… аминувано од гордите послушници во парламентот, а благословено од обвинителско-судските фактори од „тефтерчињата на Горде“ . Сите тие како „психолошки помагачи“.

 

Кираџии

ОГЛАС НА А4 ФОРМАТ

Откако во јануари годинава СДСМ обелодени дека во куќата на министерот Миле Јанакиески, во Прилеп, е сместена германската фирма „Лудвиг Фајфер“, Јанакиески се правдаше дека Германците сами се јавиле, а тој ја огласил куќата за издавање под закуп на лист А4 формат, кој бил закачен на куќата. Ем најави дека го раскинува договорот за кирија. Сепак, портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, реплицираше дека во неговата куќа биле сместени и други кираџии од проекти доделени од владата, па не е јасно кој договор е раскинат.

Но, ете што лепак за вакви фирми, проекти и владини соработници бил „оглас на А4 формат“!

 

Парцели на Водно

ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ!

Четиринаесетте кривични пријави што СДСМ ги поднесе до обвинителството против Јанакиески главно се однесуваат на повреди во изборниот процес, од присилување да гласаат за ДПМНЕ до нелегално финансирање. Најмногу се наведува „злоупотреба на службената положба“. Сепак, според кривичната за „парцелите на Водно“, тој е дел и од „злосторничко здружување“. Миле е еден од пријавените и за случајот со рушењето на Космос… заедно со Претседателот.

 

Формула за гласање

ШИФРА „ТРИАГОЛНИЧЕ“!

Во дел од разговорите што ги објави Зоран Заев се наведува како Миле Јанакиески се заканува со бркање од работа на наставниците во училиштата, ако не гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. И плус требало обезбедат уште по еден глас. Ама ја откри и формулата како да потврдат дека гласале според наредбата.

„Со триаголниче речи му ќе гласаш, ќе ти го провериме ливчето, ако не гласаш ќе те избркаме од работа“ …

Зошто триаголниче, а не квадратче, на пример, останува енигма!? Како асоцијација на вмровски тројки, можеби!

Поврзани новости