Текстот е објавен на 17-ти април 2012-та во дневниот весник „Фокус“ во бројот 126
Експратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, деновиве ќе почне да работи како стоматолог на Универзитетскиот стоматолошки клинички центар, во услови кога на вработените им се закануваат со кратење на платите и до 30 отсто, неофицијално дознава „Фокус“. Таа пред еден месец била примена на конкурс во здравствениот дом „Бит-пазар“, а сега се планира нејзино префрлување на Стоматологија.
Повеќе од една година врие атмосферата на државната стоматологија, која моментално го доживува својот крах. Ситуацијата дошла до таа мера што во клиниката нема сапуни и основни материјали за работа, долговите се таложат, буџетот е намален, а партиските војници секојдневно парадираат по ходниците.
Доктор Марија Накова, претседателка на Стоматолошката комора, вели дека крајно време е оваа клиника да си го оправда своето име и во неа да работат кадри што си ја знаат работата.
– Стоматолошкиот клинички центар стана квазипандан на приватните здравствени установи, што не смее да си дозволи да биде. Таму моментално не постојат никакви услови за работа, техничко-технолошката опрема е руинирана, не постојат услови потребни за извршување на стоматолошки услуги, а на 800 квадрати егзистираат 400 вработени и околу 670 студенти – вели Накова.
Според неа, институциите што обединуваат три дејности, не може да ги водат неквалификувaни луѓе.
Атанас Шуков, претседател на синдикатот на Стоматолошкиот клинички центар, вели дека клиниката тоне во огромни долгови, но не ја знае точната сума, бидејќи менаџментот и на нивно барање не ги информира што се случува таму.
Во целата ситуација, голем проблем претставува и превработеноста на државната стоматологија, бидејќи за да се исплатат сите плати на вработените, не стигнуваат парите кои клиниката ги добива од Фондот за здравство. Пред една година, стотина стоматолози протестираа пред стоматолошките клиники, жалeјќи се на континуиран мобинг и притисок од директорите. Државна стоматологија успешно функционира повеќе од 50 години и на времето претставуваше столб на стоматолошките услуги.
Недостапни за „Фокус“
Стручниот директор на Универзитетскиот стоматолошкиот клинички центар, Аријан Даци, во изјава за „Фокус“, ниту ја потврди, ниту ја демантира веста за вработувањето на поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ на стоматолошките клиники.
– Сѐ уште нема ништо, а дали ќе има, ќе видиме – истакна Даци.
За финансиските проблеми, со кои се соочува оваа клиника, стручниот директор нѐ упати кај економскиот директор Дејан Илиоски, кој кога слушна од каде се јавуваме, ни рече да го побараме подоцна, а потоа не крена телефон.