Минатата година, на 25-ти март, жители на Велес, Кавадарци, Неготино, Гевгелија и Богданци, сведочеа на невообичаени слики низ улиците, кога свештеници качени во возила прскаа со света вода, како што подоцна појасни Митрополитот Агатангел, за покосување на страшната заразна болест.
Откако по настанот на социјалните мрежи следеа низа на реакции на граѓаните, кои на свештениците им ја испратија пораката дека со прскање не се уништува вирус, десет дена по случката, револтиран од реакциите, јавно се обрати и Митрополитот на Повардарската Епархија, Агатангел.
Во своето обраќање, тој ги искара граѓаните кои со мобилни телефони ги снимиле возилата со свештениците кои прскаа со света вода по улиците, но и кои се исмејувале со нив, само поради тоа што принеле молитви кон светците за спасение.
-Она кое ме поттикна да го напишам овој текст, е блуењето на омраза, исмевањето, навредите кои се случија по завршувањето на Литиите. Најнапред целата ситуација ескалираше на социјалните мрежи, каде нема никакво ограничување на изразувањето, така што поединци си дозволуваа секакви навредливи зборови кон свештениците кои беа во возилото.
Дали кога со полни гради блуевте, дали размисливте дека и на сите погореспоменати свештеници им влепивте шамар. Tакви попови беа и свети Никола кого го слави скоро цел Велес, и свети Кирил и Методиј, и свети Климент и Наум. Навредувајќи го клирот ги наредувате и нивните претходници. Да живееше и свети Никола во денешно време, веројатно и тој ќе беше исправен пред судот на велешката „авангарда“…
Ама ако не беа тие денес ќе зборувавме на некој друг јазик. Ќе имавме и поинаков идентитет.
Црквата не е само свештенството, Црквата е мноштво народ, колку и да Ви изгледа тоа несфатливо. Црквата сте и вие кои ковате клинци во Нејзиното тело. Црквата е Тело Христово и нејзината мисија ќе живее векови и векови од сега, а ние ќе го избуткаме некако Нашиот престој овде на Земјата, но дали ќе го напуштиме овој свет со чист образ е прашање кое ме мачи…
Свештенството се наследници на апостолите. Со оваа Литија Го молевме лекарот над лекарите, Нашиот Спасител Господ Исус Христос, кој ги испраќа ги апостолите да го шират Христовото учење низ светот и ги поучува со зборовите „Кој ве прима Вас, ме прима и Мене, а кој не верува во Вас, не верува во Бога“ – напиша во отвореното писмо митрополитот, лани во април.
Инаку, Митрополитот Агатангел веќе две недели е хоспитализиран во приватната клиника Систина, каде се лекува од корона вирус. Според зборовите на Владиката Петар, кој исто така се лекува од Ковид-19 во Систина веќе 20 дена, и двајцата се во добра состојба.
И покрај сите апели на здравствените власти, да не се одржуваат собири во црквите, и верниците да не се причестуваат со исто лажиче, Митрополитот Агатангел редовно во полниот храм одржуваше литургии, а фотографии со верници кои без маски се причестуваат се објавуваа на страницата на Повардарска Епархија.
Последното видео од таков собир е објавено на страницата на 24-ти март.
Вики Клинчарова