Како Косана Мазнева стана директор на „Комунална хигиена“?

by Fokus

Последните две недели една од главните теми во јавноста беше кавгата меѓу актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ за спорниот милионски тендер од 136 милиони евра за прочистителната станица, со оглед на тоа што таа на ланските локални избори поддршката ја доби токму од „вмровците“.

Не дека тендерот беше главната причина за кавгата туку тоа само ја прели чашата, која месеци наназад се полнеше.

Тоа доведе и до бранувања во јавните претпријатија, каде беа разрешени или си дадоа оставка сите кадри, кои претходно беа назначени од Арсовска, а доаѓаа од најголемата опозициска партија.

Таа во текот на вчерашниот ден излезе со листата на имиња и презимиња на сите ново назначени директори.

Сепак, уште пред два месеци на директорското столче во „Комуална хигиена“ седна поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Косана Мазнева-Николиќ, откако Арсовска претходно го разреши Зуди Ензухи од Алијанса за Албанците, кој заврши како колатерална штета за тоа што неговиот брат пукаше со пиштол во воздух кога поминаа демонстрантите, кои протестираа против францускиот предлог.

На негово место експресно беше назначена Мазнева -Николиќ, но во тој момент тоа не беше ништо чудно со оглед на политичката соработка меѓу опозиционерите и Арсовска.

Но, според информациите до кои дојде „Фокус“, во ВМРО-ДПМНЕ воопшто не биле информирани за таквата одлука на скопската градоначалничка, туку од медиумите се научиле за новото кадровско решение.

Според нашите информации, во тој период веќе биле заладени односите со Арсовска.

МАЗНЕВА ПОВЕЌЕ НЕ ЧЛЕН НА КАБИНЕТОТ НА МИЦКОСКИ

Мазнева одреден период пред локалните избори немала никаква комуникација со својата матична партија.

Меѓутоа, таа претходно била член на Кабинетот на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, но по реконструкцијата во неговиот кабинет не добила никаква функција.

Мазнева истовремено има и друга функција, односно е избрана и именувана за член на Програмскиот Совет на МРТВ.

Од ДКСК веќе најавија постапка и проверка бидејќи законски е забрането едно лице да има две функции како избрано или именувано лице.

Таа, исто така има долга кариера во вмровските редови, поточно беше раководител на сектор природа во Министерство за животна средина и просторно планирање, работела и како одговорен инженер и советник за животна средина во АД Електрани на Македонија, а  пратеник била во два мандата.

Оттука останува нејасно прашањето – која е конекцијата меѓу Арсовска и Косана Мазнева-Николиќ, за таа да седне на директорското столче?

Ирена Мулачка

 

 

 

 

 

Поврзани новости