Веднаш по пресвртните парламентарни избори во Србија, на кои падна децениската власт на поранешниот српски премиер и претседател Александар Вучиќ, започна и падот на бизнис-империјата на тајкунот Давор Мацура, кој важеше за близок до Вучиќ и неговата политичка структура.
Уште во пресрет на изборите, беше покрената иницијатива за ставање на Мацура на „црна листа“ на САД, поради тоа што, стоеше во иницијативата, тој и уште неколку српски бизнисмени ги користеле јавните ресурси за лично богатење, го одржувале во живот корумпираниот режим и воедно биле вклучени во изборни нерегуларности.
Откако завршија изборите, пак, против него и неговите фирми беа покренати истраги во Србија, додека Мацура во текот на денешниот ден беше уапсен, што следуваше веднаш откако неговата „Алта банка“ падна во стечај и ја загуби лиценцата за работа поради влошена финансиска состојба.
Токму поради „Алта банка“, Мацура го привлече вниманието и во Македонија, со оглед дека тој неодамна ја купи „Стопанска банка – Битола“, која од вчера потпадна под привремената управа на Народната банка, поради случувањата со матичната банка, односно главниот акционер од Србија.
Инаку, ова е само кулминација на еден подолготраен процес што се одвива кај нашиот северен сосед, каде долго време пред октомвриските избори можеа да се прочитаат медиумски наслови од типот:
„Дури 66 милиони евра беа внесени во „Алта банка“ минатата година: Со нов капитал, раст на банката и донесе работењето со државата“; „Кој стои зад капиталот од 66 милиони евра внесен во „Алта банка“; „Профитот на „Алта банка за 4 години пораснал 29 пати“…
На пример, српска „Нова економија“ неодамна пишуваше дека во период од само 3 години, „Алта банка“ претрпела трансформација која е ретко видена на банкарскиот пазар, така што од мала банка се претворила во „брзорастечка финансиска група со регионални амбиции“.
Сепак, анализата на финансиските извештаи за периодот 2023-2025 година покажале дека зад тој раст стои модел, кој во голема мера е зависен од капиталот на сопствениците, а не од добрите перформанси на банката.
„Најважниот заклучок од сите финансиски извештаи не е профитот, туку капиталот. Во периодот 2024-2025 година, има значително зголемување на капиталот на банката преку уплатата на сопственикот.
Се поставува прашањето дали Алта банка станува зависна од финансирање од капитал, и покрај фактот дека добива големи владини зделки што влеваат огромни суми пари во неа?
Во истиот период, Алта банка ги проширува своите операции надвор од Србија, со преземање на Стопанска банка – Битола во Македонија.
Клучното прашање останува кој го финансира растот и најважното прашање што останува отворено не е во билансите на состојба – кој стои зад капиталот што влегува во системот?“, прашува „Нова економија“.
Како течел историскиот пат и развој на „Алта банка“? Порано, таа се викала „Јубмес банка“ (Југословенска банка за меѓународна економска соработка), која била основана во 1979 година.
Но, во октомври 2018 година, тогашниот министер за финансии Синиша Мали објави дека државата до крајот на годината ќе го продаде својот удел во „Јубмес банка“, чија вредност изнесуваше 25 милиони евра.
Веќе на почетокот на 2019 година, „Алта пеј груп“, во сопственост на Мацура, го купи пакетот државни акции во оваа банка од 28 отсто за околу 5 милиони евра, а со текот на времето стана целосен сопственик на „Алта банка“.
Во следните години, оваа банка, условно кажано, се избори преку неа да оди плаќањето на сметки за струја, што е само една од зделките со јавна компонента кои ја бустираа банката.
Имено, вреди да се напомене дека таа профитираше и при плаќање на осигурувањето за патиштата, при плаќање за паркирање во белградските јавни гаражи, а нејзини терминали беа поставени и на шалтерите во полициските станици.
Во една прилика, универзитетскиот професор и поранешен гувернер на Народната банка на Србија Дејан Шошкиќ, кој беше дел од победничката „Студентска листа“ на изборите, оцени дека овој вид банкарски бизнис меѓу државниот и приватниот сектор воопшто не е вообичаен.
–Оваа и слични нетранспарентни трансакции укажуваат на привилегиран третман во корист на компанијата, како и на нарушување на конкуренцијата – изјавил Шошкиќ за „Време“.
Она што се знае за Мацура е дека е доктор на науки по менаџмент и бизнис, а својата бизнис-кариера ја почнал во 2008 година, отворајќи ја првата менувачница под името „Алта“, за набргу да стане и претседател на Здружението на менувачи на Србија.
Оттука, неговиот прв деловен круг се состои од менувачници, но и златарницата „Алта Голд“, како и голем број помали бизниси поврзани со готовина и циркулација на стоки.
Па, директно или посредно, т.е. главно преку „Алта пеј груп“, која важи за негова чадор-компанија, тој поседува(ше) безброј компании, меѓу кои е и „АБЛ Солвент“.
Патем речено, оваа фирма го купи вредниот имот на поранешната ИМТ (Индустрија за мотори и трактори) во Нов Белград за 70 милиони евра, со тоа што денешната вредност на имотот се проценува на 250 милиони евра.
Преку „Алта пеј груп“, Мацура се обиде во 2024 година да ги прошири своите операции во ЕУ и да купи речиси 20 проценти од акциите во австриската „Адико банка“.
Меѓутоа, реагираше Европската централна банка, која го суспендираше правото на глас на „Алта пеи груп“ и уште една поврзана фирма, поради сомневање за непочитување на процедурите, нетранспарентно потекло на капиталот и непријавено преземање на контролата. На крајот, оваа операција пропадна.
Арно ама, ако Мацура не успеа да се прошири Австрија, ако не успеа да се прошири ниту во Црна Гора, со оглед дека беше обелоденето оти бил заинтересиран да ја презеде тамошната „Прва Банка“ каде најголем акционер е Ацо Ѓукановиќ, брат на Мило Ѓукановиќ, тогаш тој дефинитивно успеа да се прошири во Македонија, каде српската „Алта банка“ ја презеде македонската „Стопанска банка-Битола“ на крајот на 2025 година во зделка тешка на 21 милион евра.
–Влегувањето на пазарот на Северна Македонија за нас претставува многу повеќе од проширување на бизнисот. Тоа е можност да придонесеме кон јакнење на економската соработка меѓу двете земји, заснована на заеднички вредности и реални потреби.
Уште поважно, ќе отвориме простор за значително подобрување на квалитетот на банкарските услуги, за тие да бидат поблиски до луѓето, подостапни и прилагодени на нивните секојдневни потреби.
Модернизацијата на банкарскиот сектор има директно влијание врз подобрувањето на животниот стандард, поттикнувањето на претприемништвото и одржливиот економски раст.
Пазарот на Северна Македонија има потенцијал, а ние имаме ресурси и искуство за да го поддржиме неговиот понатамошен развој.
Нашите народи се блиски, многу нешта нè поврзуваат, и тоа дополнително нè обврзува да градиме односи засновани на доверба, разбирање и заеднички напредок.
АЛТА банка сака да биде мост што поврзува, не само пазари, туку и луѓе, идеи, знаења и ресурси во служба на економскиот развој… – изјави Мацура за „Блиц“.
И покрај тоа што се обидуваше да се дистанцира од политиката, сепак, дел од медиумите во Србија, како и тамошната опозиција, постојано го доведуваа во корелација со владејачката СНС (Српска напредна странка) и владејачката гарнитура на Вучиќ.
Во таа насока, Мариника Тепиќ, потпретседателка на опозициската ССП (Странка на слободта и правдата) на Драган Џилас, која претрпе дебакал на изборите, го обвини Мацура дека е дел од организирана криминална група, па дури и дека се занимава со перење на пари.
На прес-конференција во српското собранието кон крајот на ланската година, таа посочи дека Мацура бил газда на мала менувачница, а денес поседува банка и гради станови благодарение на, како што рече, поддршката од српскиот претседател Вучиќ и неговиот брат Андреја Вучиќ.
–Подемот на Мацура од сопственик на мала менувачница до сопственик на банка, магнат со недвижности и инвеститор, математички е невозможен без еден фактор – браќата Вучиќ, и се укажува на тоа дека тој (Мацура) е само маска за финансиските операции на браќата Вучиќ – рече Тепиќ.
Тогаш, таа побара српското јавно обвинителство да спроведе истрага за работењето на сите фирми на Мацура, имотот на „Алта банка“ да биде блокиран и да се утврди потекло на капиталот.
Во сторијата за Мацура што „Фокус“ ја објави во мај годинава, меѓу другото, напишавме дека такво нешто е реално можно само по евентуална промена на власта во Србија, впрочем исто како што се случи и во Македонија по политичките промени во 2016-2017 година.
Токму тоа се случи. По изборите во Србија започнаа истраги поврзани со Мацура. Сепак, останува да видиме дали овие постапки ќе се процесираат до крај, или, пак, ќе се одвиваат и ќе завршат како во Македонија – со никакви или симболични казни.
Влатко СТОЈАНОВСКИ