„Гласачкото ливче за членови на Совет е важечко доколку во првата колона од ливчето е заокружена само една листа на кандидати и во втората колона само еден реден број“ – вака гласи една од законските одредби со кои за првпат се воведуваат отворени листи при изборот на општински советници на претстојните локални избори, дознава Фокус.
Според нашите информации, политичките партии денес на координација во Клубот на пратеници разгледувале предлог-измени и дополнувања на Изборниот законик во однос на отворените листи, кои, меѓу другото, предвидуваат дополнувања на членот 115 од ИЗ, според кои гласачкото ливче ќе биде неважечко доколку:
„Во првата колона не е заокружена ниту една листа на кандидати или се заокружени две или повеќе листи, без оглед дали има заокружен реден број во втората колона, и доколку во втората колона се заокружени два или повеќе редни броеви или не е заокружен ниту еден, а во првата колона е заокружена само една листа на кандидати“.
Исто така, се предвидува по членот 130, кој всушност ја уредува распределбата на советнички мандати според Донтовиот модел, да се додаде нов член 130-а, кој, пак, го уредува изборот на кандидати за општинските совети во ситуација кога постојат отворени листи.
Имено, овој член предвидува дека доколку ниту еден од редните броеви на кандидати за советници од втората колона на гласачкото ливче не добие над 3 отсто од гласовите од вкупниот број на запишани гласачи во соодветната општина, изборот на советници во Советот ќе се врши согласно член 130.
„Доколку редниот број на некој од кандидатите добил гласови од над 3 отсто од вкупниот број на запишани гласачи во избирачкиот список на соодветната општина, односно кандидатот што има добиено најмногу гласови од оние што имаат добиено над 3 отсто, тој ќе се помести погоре на листата сразмерно со бројот на добиени гласови, после што ќе се применува Донтовиот модел“, се наведува во предлог-законските измени.
Инаку, ова законско решение, кое е резултат на долги меѓупартиски консултации, наскоро треба да се најде на дневен ред пред пратениците. Генерално, големите партии немаат забелешки кон оваа последна варијанта, но одредени помали партии адресирале загриженост дали има доволно време до изборите да се спроведе едукативна кампања преку која гласачите ќе се информираат и запознаат со начинот на гласање при отворени листи.
Влатко Стојановски