Како ќе функционира Советот на општина Карпош, откако „пукна“ тиквата меѓу Јакимовски и Мицкоски?

by Fokus

Актуелниот градоначалник на скопската општина Карпош, Стевчо Јакимовски денеска со жестока реторика најави дека ја прекинува 99-месечната коалициска соработка со најголемата опозициска партија, тврдејќи дека нема да дозволи некој да се изживува.

Оттука, се поставува прашањето како понатаму ќе продолжи да функционира Советот на општината со оглед на новонастанатата ситуација? Веднаш по локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ, ГРОМ и Левица станаа и коалициони партнери во Советот.

„Фокус“ ги контактираше дел од досегашните коалициони партнери на ГРОМ, кои беа воздржани во одговорите, како понатаму ќе се одвива работата на советниците.

„ВМРО-ДПМНЕ е сериозен политички субјект и остануваме на ставот дека цврсто стоиме на нашите принципи, заложби, програмски и предизборни ветувања“, истакна Роберт Вељановски, советник од редовите на најголемата опозициска партија.

Од друга страна, Мартин Димоски, советник од Левица во изјава за „Фокус“ тврди дека не ги знае  односите меѓу советничките групи во Општина Карпош.

„Она што можам да кажам е дека советничката група на Левица ќе продолжи да работи во интерес на жителите на Олштина Карпош. Како и досега, така и во наредниот период посветено ќе работиме на реализирање на изборните ветувања.

 

Тоа значи и дека ние ќе ги поддржиме сите проекти и мерки кои се во интерес на карпошани, без разлика кој е Градоначалник или кој има мнозинство во Советот“, вели Димоски.

Исто така, испративме и неколку прашања и до градоначалникот на Карпош Јакимовски, кој не ни врати повратни одговори. Меѓутоа, тој денеска потенцираше дека Општина Карпош и народот „си избрале свој градоначалник кој треба да ги штити нивните интереси“.

-Мораме да се спротивставиме на обидите за рекет и обидите за закани врз стопанственици од нашата Општина. Јас сум градоначалник на сите граѓани во Општина Карпош и од тие причини имам обврска да ги штитам интересите на сите граѓани во Општина Карпош – нагласи Јакимовски.

Според него, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски „треба си бара некој помлад за изживување“.

На тоа му врати и првот опозиционер, тврдејќи дека со  Јакимовски од поодамна не е во комуникација.

„Уште од пред Нова година, ги отфрлувам навредите и обвинувањата и доколку има такви индиции, истите да ги пријави во соодветна институција.  Што се однесува во делот на напуштање на коалицијата, тој е долги години во политиката јас му посакувам среќа успех понатаму во животот се надевам дека одлуката што ја донесе мисли дека е исправна и дека таа ќе му донесе некаков политички би рекол ете подобар комфор“, вели Мицкоски.

Ирена Мулачка

 

 

Поврзани новости