Како Груевски го дефинираше рекетот: „Рекет е ако не ми дадеш ќе те затворам, а спонзорство е, ако можеш помогни ми“!

by fokus

Торбата „луј витон“ со 1 милион евра, која бизнисменот Орце Камчев му ја дал на Бојан Јовановски, отвори дилема во стручната, но и пошироката јавноста, дали станува збор за поткуп или рекет. За обвинителката Вилма Русковска, според обвинението кое го поднесе, не станува збор за поткуп, туку за рекет, или попрецизно кажано, за делото „Примање награда за противзаконито влијание“, бидејќи зборот рекет не постои во Кривичниот Законик.

Екс специјалната обвинителка Катица Јанева, пак, тврди дека од снимките кои тајно ги снимил Зоран Милевски Кичеец јасно ќе се видело дека станува збор за нудење поткуп.

Пред неколку години, слична дилема, односно дали станувало збор за рекет или „спонзорство“, имаше и екс премиерот Никола Груевски, кога пратеничката Силвана Бонева го информираше дека нивен партиски човек изрекетирал се што се движи во Струмица.

Поточно, во една од „бомбите“ кои пред неколку години ги објавуваше СДСМ, Бонева го информира Груевски дека нивен сопартиец рекетирал фирми во Струмица за време на изборната кампања. Таа му кажува на шефот дека рекетот во градот почнал кон средината на изборната кампања и дека „нема фирма што не е изрекетирана во Струмица“. Груевски и вели пак дека нема информација, но истовремено бара и појаснување за тоа што Бонева подразбира под рекет, па прашува:

„Дали они барале спонзорство? Рекетот е уцена, ако не ми дадеш, ќе те затворам. А, спонзорство е спонзорство. Му викаш, ако можеш помогни ми“, стручно и појаснуваше Груевски на Бонева.

Таа пак му одговара: „Со се. Со закани, со закани и таксување на најневозможни нешта за земање пари. Со се и сешто. Нема човек што не е изрекетиран“.

Според она што го тврдеше Бонева на снимката, на фирмите најпрво им барале пари во евра, за да на крајот им бараат по 50.000 денари.

Делот со нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ беше опфатен со обвинението за случајот „Титаник“, во кој обвинет е поранешниот партиски врв на чело со Груевски. Предметот се наоѓа во доказна постапка и се уште нема првостепена судска одлука.

В.В.

Поврзани новости