Последните настани кои се случија во саботата, на денот на чествувањето на раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, поради група на бугарски провокатори, уште повеќе ги затегнаа односите помеѓу двете земји.
Следуваше јавна осуда од нашето МВР за агресивното однесување на радикалните поединци на граничниот премин Деве Баир, јавна реакција и од бугарското МВР во која македонските власти се обвинуваат за акции кои не допринесувале за надградување на билатералните односи помеѓу Софија и Скопје, а потоа, во саботата навечер, беше искршено и стаклото на влезот на македонскиот културен клуб ,,Никола Вапцаров,, во Благоевград.
Актуелни се навредливи дискусии на социјалните мрежи помеѓу Македонци и Бугари, и очигледно е дека напорите за добрососедски односи помеѓу двата народи не го дадоа посакуваниот ефект.
А пред само пет години, во Благоевград, каде завчера се случи каменувањето на македонскиот културен клуб, владееше сосема поинакво расположение, кога се односите помеѓу македонските и бугарските граѓани во прашање.
Имено, во 2018 година тогашниот македонски премиер Зоран Заев, заедно со тогашниот бугарски премиер Бојко Борисов, заедно чествуваа 115 години од Илинденското востание, пред споменикот на Гоце Делчев на плоштадот во Благоевград.
Тогаш се одбележа и првата годишнина од потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство, а Борисов пред присутните кажа дека договорот ќе и донесе на земјата сигурност, и дека земјата веќе добила датум во 2019 година да ги започне преговорите со ЕУ и покана за НАТО.
Околу тоа како гледаа Бугарите на тогашните случувања помеѓу двете земји, доволно зборуваше и заедничката фотографија на Заев и Борисов, која беше истакната на видно место на рецепцијата на познатиот хотел Монте Кристо во Благоевград.
Дел од екипата на ,,Фокус,, тогаш разговараше со повеќе жители на Благоевград, како и со персоналот во хотелот, кој е лоциран на околу 30 метри од споменикот на Гоце Делчев, и тие кажаа дека се горди на двајцата премиери.
-Фотографијата е направена за време на одбележувањето на 115-годишнината од Илинденското востание во Благоевград. Премиерите заедно положија венци и цвеќе на споменикот на Делчев.
Потоа свратија во хотелот, а сопственикот изрази желба да се фотографира со нив и да им честита за примерот кој што го даваат со своето пријателство и соработка.
Фотографијата веднаш ја врамивме, гордо стои овде, за сите гости да ја видат. И да, се гордееме со двајцата премиери- ни изјавија набргу по настанот вработени во Монте Кристо.
-Премиерите се симбол на добрососедство и пријателство помеѓу двете земји! Сепак, ние сме соседни земји и драго ни е што Заев и Борисов се согласуваат и соработуваат-кажаа тогаш жители на Благоевград, каде пак лани во октомври, во тензична атмосфера беше отворен македонскиот културен клуб Никола Вапцаров, кој во саботата беше вандализиран.
Вики Клинчарова