АРХИВА Дали Жарко Луковски стои зад луксузните апартмани во Грција што ги изградил негов пријател!?

by Фокус

Текстот е објавен на 23 август 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1246

Поранешниот оперативен директор на „Македонски Телеком“, Жарко Луковски, чиј кум е екс директорот на тајната полиција Сашо Мијалков, досега двапати даваше исказ во обвинителството за случајот „Рекет“. Тоа се случува откако Луковски, кој е осомничен во предметот на СЈО „Базни станици“, се споменува во објавените разговори од италијанска „Ла Верита“ меѓу Орце Камчев и Бојан Јовановски. Во овој период, неговиот близок пријател Ристо Секуловски формирал компанија во Грција која се јавува како сопственик на комплексот „ЕОС Луксузни Апартмани“, лоциран на Халкидики.

Пишува Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во еден од разговорите што ги објави италијанскиот медиум „Ла Верита“ поврзани со случајот „Рекет“, првоосомничениот Бојан Јовановски – Боки 13 му говори на бизнисменот Орце Камчев за човек кој, како што вели Боки 13, завршил работа преку СЈО и ЗЗ. Од разговорот може да се разбере дека станува збор за лице по име Жарко, кој му бил кум на Камчев и имал предмет во СЈО поврзан со „базните“. Двајцата соговорници беседат дека Жарко си завршил двострано „големи работи и проекти“.

Не треба многу размислување за да се заклучи дека тие зборуваат за поранешниот директор на „Македонски Телеком“ Жарко Луковски, чиј кум е поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, инаку прв братучед на експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Како што е познато, Луковски беше првоосомничен во предметот што го отвори СЈО со назив „Базни станици“, поврзан со легализацијата на над 500 базни станици во сопственост на телекомуникацискиот оператор.

Иако „Телеком“ имал свој тим за легализација на базните станици кој веќе ја изготвил потребната документација, сепак, како што своевремено објасни специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи, телекомуникацискиот оператор одлучил да му плати речиси три пати повеќе за оваа работа на скопски „АД Бетон“, со што, според Фетаи, компанијата на Минчо Јорданов прибавила имотна корист од три ипол милиони евра. Веднаш потоа, оваа компанија го градеше новото партиско седиште на ВМРО-ДПМНЕ, во чии рамки и исплати два милиони евра на партијата поради наводна грешка при квадратурата, што ја наметнува дилемата дали постои поврзаност меѓу двата случаи?

Како што информираат од СЈО, истрагата за базните станици се уште е отворена, меѓутоа засега не се преземаат никакви активности поради начелното правно мислење на Врховниот суд дека СЈО е неовластен тужител во сите предмети за кои не е покренато обвинение до 30 јуни 2017 година. Тоа значи дека истрагата формално е жива, меѓутоа практично таа се наоѓа во клиничка кома се додека не се заобиколи начелното правно мислење од највисокиот суд, што може да се стори со политички договор за нов закон за јавното обвинителство, со кој ќе се утврдат статусот и надлежностите на СЈО.

ЗЕТ НА ШУТУРКОВ, КУМ СО ЗЕТОТ НА ЛУКОВСКИ

Сепак, се поставува прашањето дали, односно колку е точен и веродостоен исказот на Боки 13 пред Камчев дека Луковски си завршил работа за големи проекти? Ако може да се претпостави дека големата работа може да биде проблемот со законот, односно со СЈО за случајот со базните станици, тогаш какви се тие „големи проекти“? Случајно или не, името на Луковски во истиот период почна да се поврзува со комплексот наречен „ЕОС Луксузни Апартмани“ во соседна Грција, или поточно во областа Касандра која се наоѓа на првиот од трите краци на полуостровот Халкидики.

Инаку, овој комплекс, лоциран веднаш покрај крајбрежјето на Егејското море, има приватна плажа, сопствен паркинг, базен, градина, бар, додека располага со 10 соби (4 таканаречени делукс апартмани и 6 јуниор апартмани, опремени со клима-уред, ЛЦД телевизор и др.). Според специјализираните интернет сајтови за резервации во хотелско-угостителските објекти, овие соби чинат од 130 до 300 евра од ноќ, зависно од типот на собата, бројот на лицата кои треба да бидат сместени, како и тајмингот за кој се однесува резервацијата.

Податоците од грчкиот Генерален електронски комерцијален регистар до кои дојде „Фокус“, откриваат дека на почетокот на 2018 година македонскиот државјанин Ристо Секуловски формирал правен субјект со седиште во Кулинг, Касандра, чиј основен назив го содржи неговото име и презиме, но карактеристичниот назив гласи „ЕОС Луксузни Апартмани“ (EOS LUXURY SUITES). Меѓутоа, кон средината на тековната 2019 година, веднаш откако ЕОС апартманите почнуваат да ги нудат своите услуги на букинг (booking.com), во системот почнува да егзистира и субјект со ист наслов како и називот на апартманите, чија легална форма се нарекува IKE (формат на таканаречени компании што се формираат за едно евро).

Според информациите со кои располагаме, Секуловски е зет за ќерка на покојниот Данчо Шутурков, поранешен заменик генерален директор на тутунскиот комбинат „Македонија Табак“, кој важеше за човек што го контролираше бизнисот со цигари поради што во јавноста се нарекуваше „крал на тутунот“. Воедно, тој е долгогодишен близок пријател со поранешниот прв оперативец на „Телеком“ Луковски, чиј зет за сестра, Димитар Маткалиевски, пак, е во кумовска врска со Секуловски. Патем речено, сите тројца се блиски пријатели со поранешни, но и со некои сегашни високи државни функционери или нивни блиски роднини.

ПОРАНЕШЕН СОДРУЖНИК ВО ОФШОР КОМПАНИЈАТА „ЕКСИКО“

Во телефонски разговор, Секуловски ни потврди дека формирал фирма која го поседува посочениот комплекс со апартмани во Грција долж егејското крајбрежје, истакнувајќи дека тој е единствениот сопственик. Меѓутоа, во однос на прашањето дали и Луковски има одреден удел, влијание или било каква врска во овој бизнис и имот, тој не упати да го прашаме директно него. Арно ама, поранешниот директор на „Телеком“ не одговори на нашите повици и пораки за коментар дали има вистина дека стои зад овој комплекс, кој, колку за информација, на социјалните мрежи редовно го промовира близок член на неговото семејство.

Пред да влезе во мешовитото акционерско друштво со комбиниран приватен и државен катитал „Македонски Телеком“ (околу една третина од акциите ги поседува македонската држава, а остатокот германски „Дојче Телеком“), каде Луковски прво беше главен извршен а потоа и главен оперативен директор, тој бил дел од офшор компанијата формирана во далечната 2001 година „Ексико“, која долги години се поврзуваше со ВМРО-ДПМНЕ и, пред се, со Мијалкови. Поточно, како што покажуваат проверките во Службен весник, тој бил содружник во „Ексико“ до крајот на 2004 година, кога го продал неговиот удел на „Делта Инвестмент ЛТД“ со седиште во таканаречениот даночен рај Белизе.

Моментално, како единствен сопственик на оваа компанија се јавува „ТМЈ Инвестмент“, регистрирана во Лугано, Швајцарија, додека како единствен управител фигурира Тодор Мирчевски. Сепак, историјатот на компанијата покажува дека своевремено дел од нејзината сопственичка структура била и офшор компанијата „Калвус ЛЛЦ“, додека на директорските места се смениле и некогашниот телохранител на Мијалков Ален Зекиров, како и поранешниот помошник-министер во МВР и член на УО во Телеком Небојша Стајковиќ, осомничен со случајот на СЈО со назив „Трезор“, што се однесува на набавка на опрема од Британија за следење во 2010 година.

Исто така, и фамозната „Ексико“ беше опфатена во еден од предметите на СЈО – „Империја“ која, се однесува на перење пари со што, според СЈО, направена е буџетска штета од над 6 милиони евра. Во годините наназад, „Ексико“ се поврзуваше со атрактивни парцели на Водно, како и со неколку станбени комплекси на улицата „Славејко Арсов“, при што, според дел од медиумите, во еден од нив престојувал и Мијалков. Оваа компанија поседуваше и се уште поседува сопственички удели во акционерски друштва, како на пример „ЗК Пелагонија“, „Жито Полог – Тетово“, „Бетон – Штип“ и други.

БОКСЕРСКИ КЛУБ, ТЕНИСКА ФЕДЕРАЦИЈА, ПРИВАТНА КОМПАНИЈА

Нашите сознанија велат дека дополнителна заедничка точка меѓу Луковски и Мијалкови е боксерскиот клуб именуван според таткото на Мијалкови – Јордан Мијалков, кој беше министер за внатрешни работи во првата експертска влада на чело со Никола Кљусев. Како сопственици во овој боксерски клуб, кој функционира како здружение на граѓани, се јавуваат Луковски, браќата Сашо и Влатко Мијалков, како и синот на Сашо, односно внукот на Влатко, Јордан Мијалков. Овде треба да се посочи дека најмладиот Мијалков е сопственик на компанијата „Бест Веј Инвестемент“, преку која Мијалкови поседуваат сопственички удели и акционеркси капитал во повеќе компании во градежниот, нафтениот, прехранбениот и други сектори.

Понатаму, податоците што ги обезбедивме од Централниот регистар говорат дека Луковски е овластено лице на Македонската тениска федерација, која делува како здружение за развој и унапредување на тенискиот спорт, но во дејностите на друштвото се наведува и трговија со спортска опрема во специјализирани продавници, работа на спортските објекти, спортско образование… Во тој контекст, на интернет може да се пронајдат објави дека веќе споменатиот Маткалиевски, зет на Луковски и кум на Секуловски, бил прв човек на разни тениски турни во изминативе години. Згора на тоа, тој е и управител на друштвото „Југ Комерц“, чиј основач е здружението на граѓани „Тениски клуб Југ“.

Покрај тоа, Луковски е единствен сопственик и управител на компанијата за трговија со електронска и телекомуникациска опрема „Мобико“, формирана во далечната 1992 година. Тековната состојба на друштвото покажува дека во негови рамки функционира и подружница, каде како овластено лице фигурира Владислав Стајковиќ, брат на веќе споменатиот Небојша Стајковиќ. Првиот од браќата Стајковиќ е сопственик на една од компаниите што беше опфатена во истрагата „Империја“ – НВСП, која во „бомбите“ што ги објавуваше Зоран Заев беше споменувана како дел од шемата за набавка на израелска опрема за прислушување.

Кога сето тоа ќе се собере и одземе, произлегува дека Луковски по долгогодишно делување во приватниот сектор преку „Мобико“ и извесен период преку „Ексико“, станува дел од менаџерскиот врв во најголемиот телекомуникациски оператор, што, според упатените, е резултат на пријателството со неговиот кум Мијалков, со кого се дел од сопственичката структура во боксерски клуб. И покрај тоа што за него СЈО го отвори предметот поврзан со базните станици, тој релативно мирно ги преживеа и последните политички промени кога СДСМ дојде на власт, имајќи предвид дека случајот моментално му е замрзнат. Во меѓувреме, неговиот близок пријател Секуловски изгради луксузни апартмани на атрактивна локација во Грција.

 

Разговор меѓу Боки 13 и Камчев
НЕ МИ Е КОМПАТИБИЛЕН ЗА ГОЛЕМА ИГРА, СО МЕНЕ БЕШЕ ИСКЛУЧИТЕЛНО ПРЕЦИЗЕН

Како тече еден од разговорите меѓу Бојан Јовановски и Орце Камчев што ги објави новинарот на „Ла Верита“, Ларис Гаисер, во кој се претпоставува дека тие разговараат за Жарко Луковски:

Боки 13: И уште една работа, споменуваш неколку пати еден човек. И ова меѓу мене и тебе.

Камчев: Јас сум споменал човек?

Боки 13: Еден човек споменуваш неколку пати, што е, кај е, како е.

Камчев: Кој?

Боки 13: Тој човек, преку мене стапи во контакт…

Камчев: Овој од горе? Нашиот?

Боки 13: Да. И заврши сé.

Камчев: Супер.

Боки 13: Ама заврши со двострано, и СЈО и ЗЗ. И големи работи, и големи проекти и сé.

Камчев: Нашиот?

Боки 13: Да.

Камчев: Тој не ми е компатибилен за голема игра.

Боки 13: Те молам, меѓу мене и тебе.

Камчев: Не, не, шефе завршена работа, што ти е тебе? Оти он имаше исто предмет таму…

Боки 13: Немаше.

Камчев: Имаше, за базните… Добро сега си го решил тоа, си решил матер.

Боки 13: Никој не знае.

Камчев: Си ја решил, добро супер. Види, Жарко ми е кум мене. Што збориш, нека си тера работа. Кој може, Бог да му поможе.

Боки 13: Со мене беше исклучително прецизен…

 

ИНТЕРЕСНО ПАРТНЕРСТВО
Луковски поседува парцела покрај Охридското езеро заедно со градоначалникот на Охрид Георгиевски

Во пресрет на вториот круг од претседателските избори, со кои заедно се одржаа и предвремени локални избори во неколку оштини, вклучително и во Охрид, дел од медиумите објавија дека Жарко Луковски поседува парцела покрај Охридското езеро заедно со тогашниот кандидат и актуелен градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ, Костадин Георгиевски.

Повикувајќи се на официјална документација од Катастарот на недвижности, медиумите објавија дека Луковски и Георгиевски по половина го поседуваат земјиштето со вкупна површина од 4.736 квадратни метри, што се простира на катастарските парцели 2743/2 и 2743/3, лоцирани во месноста „Конско“.

Во катастарската евиденција ова земјиште се води како пасиште, што значи дека не е урбанизирано, што е логично со оглед дека се наоѓа во непосредна близина на Охридското езеро, односно во заштитено подрачје, поради што го прави неподобно за изградба на хотел.

Поврзани новости