Како фирмата на синот на Благородна Дулиќ стана дел од Пајажината на НПК?

by Фокус

Текстот е објавен на 4. март 2011 година во неделникот „Фокус“.

Пишувал
Владо АПОСТОЛОВ

Ако многумина се сомневаат дека Нил Армстронг воопшто се качил на месечината и мислат дека спектакуларното слетување на земјиниот сателит било снимено во холивудско студио, ние сме повеќе од сигурни дека 100-от преродбенички чекор на нашиот премиер Никола Груевски се случи токму врз површината на месечината.

Имено, како поинаку Груевски би знаел дека од таму се гледаат само Кинескиот ѕид и стравот на Бранко Црвенковски од избори. За ова второво може и да се сложиме со министерот за финансии во владата на Љубо Георгиевски, ама верувам дека тој би се сложил со нас дека дури до Плутон, најоддалечената планета во Сончевиот систем се забележува молкот во врска со случајот на Националната платежна картичка (НПК).

Помина цела недела откако потсетивме како медиумите, а богами и институциите реагираа на неправилностите во работата на Националната платежна картичка и за нејзината приватизација, но досега никој не реагираше.

Ги нема министрите на Груевски кои беа дел од НПК, го нема да се огласи ниту јавниот обвинител Љупчо Шврговски, ниту пак се појави човекот што ја водеше оваа институција – првиот братучед на Груевски, Владимир Мијалков.

Впрочем не се одзва ниту министерот за правда, Михајло Маневски, кој во неговата книга од 2005 година го вброил случајот НПК како дел од иницијативите на Антикорупциската комисија за поништување на приватизација. Едноставно, владее еден чуден космички молк, како што веројатно би се изразил реформаторот на ЗПП и идеен творец на НПК.

 

„ВИСТА ПРОЦЕСИНГ“ НЕ Е СЛУЧАЈНА ФИРМА

Да потсетиме, првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, на седница во јули 2001 година го одобрила проектот Национална платежна картичка, кој бил дел од трансформацијата на некогашниот Завод за платен промет (ЗПП), а проектот стартувал на 1 октомври истата година кога ова АД било заведено во трговскиот регистар.

Според зборовите на тогашниот министер за финансии, Груевски, НПК требало да стартува со работа на 1 јануари следната 2002 година. За почеток требало да бидат пуштени 60.000 картички, односно половина од административците во тој момент планирано било да земаат плата преку НПК и тоа за првпат на картичка, а не во кеш.

Националната платежна картичка требало да биде акционерско друштво во државна сопственост, кое брзо потоа би требало да помине во рацете на сите банки, а логиката укажувала дека ваков проект би бил голем залак за секоја поединечна банка, па затоа државата интервенирала со цел да им помогне на банките да ги воведат картичките и да се намали плаќањето во кеш.

Било замислено банките да ги користат банкоматите и пост-терминалите на НПК и целиот систем што стои зад едно картично работење, со други зборови Националната платежна картичка требало да биде македонската Виза или домашната Мастеркард.

Е арно ама не било така и целиот систем и имотот отишол во рацете на Бугарите преку нивното сопствеништво во тогашната „Балканска“ банка и за оваа приватизација се изјасни Антикорупциската комисија.

Токму денешниот министер за правда во неговата книга ,Корупцијата во Република Македонија, навел дека комисијата барала поништување на приватизацијата на НПК.

Од друга страна, за државните институции не е спорна само продажбата на Картичката, ами и начинот на кој оваа институција работела или подобра кажано како ги трошела државните пари.

Така, Државниот ревизор во неговиот извештај од 2004 година навел редица неправилно изведени тендери во кои се потрошени неколку стотици илјади евра, а меѓу нив секако најмногу боде очи улогата на приватната фирма „Виста процесинг“.

Имено, ревизорот направил проверка на буџетот за 2002 година и тогаш открил дека Министерството за финансии, каде што министер беше актуелниот премиер Груевски во два наврата и исплатило на „Виста процесинг“, дури 3 милиони евра.

Односно, Груевски како министер ја купил оваа опрема во име на Националната картичка, која ја водел, да потсетиме, неговиот братучед Владимир Мијалков. Министерството за финансии прво и платило на „Виста процесинг“ 2,5 милиони евра за хардвер, софтвер и за апликациони пакети, а потоа и платило уште дополнителни нешто повеќе од 400.000 евра за набавка на 20 банкомати.

И тука нема нешто премногу спорно, туку интересен е фактот дека ревизорот увидел оти недостасуваат документи со кои може да се потврди дека опремата воопшто пристигнала!!! За тие што повеќе се разбираат во оваа материја, ќе потсетиме дека Министерството за финансии и платило на фирмата само врз основа на профактура, без да има конечни фактури, а при ревизијата недостасувале и испратници и единствен царински документ.

Така барем вели ревизорот во 2004 година, кога и препорачал да се преиспита оваа набавка.

Интересно е дека откако оваа и друга опрема биле бесплатно пренесени од името на Министерството за финансии во НПК, ревизорот увидел дека вредноста на опремата во документите на Министерството не соодветствува со онаа вредност во судската регистрација на Картичката.

 

ЛАПНАЛЕ ТРИ МИЛИОНИ И ОТИШЛЕ ВО СТЕЧАЈ

Веројатно помните оти во претходниот број напишавме дека ваква фирма на интернет во моментов не постои и дека на Гугл може да се најде само компанија со исто име и со отприлика иста дејност, но оваа компанија има седиште во САД, поточно во Њујорк.

Ќе се сложите дека е чудно што оваа фирма ја нема на македонскиот интернет-простор, иако е компанија која се занимава со информатичка дејност, но оваа мистерија што ја загатнавме во минатиот број од нашиот неделник ја разрешува еден број на Службен весник.

Имено, ова државно гласило, во март 2003 година ќе напише дека Основниот суд Скопје 2 објавува дека се отвора стечајна постапка над должникот Друштво за трговија и услуги „Виста процесинг“ со седиште во скопската населба Аеродром на булеварот АВНОЈ.

Мора повторно да се потсетиме дека СДСМ на прес-конференција обвини дека оваа фирма е формирана во истата година кога е формирана и НПК, а нашите нови информации покажуваат дека мистериозно згаснува само половина година откако Груевски и ВМРО-ДПМНЕ заминуваат од власт.

Токму во периодот кога беа најжестоки апсењата и притисоците на сдсмовската власт врз поранешните функционери, во времето кога Хари Костов е се уште министер за внатрешни работи во владата на Црвенковски.

Навистина е чудно како тоа новоформирана фирма добила тендер вреден речиси 3 милиони евра во 2002 година, а во наредната пролет едноставно толку многу се задолжила и заглавила во проблеми, па морала да оди во стечај.

А дека СДСМ се во право кога велат дека „Виста процесинг“ се формирани истата година како и НПК, покажуваат и документите за оваа фирма кои ги обезбедивме од Централниот регистар.

Според документите што ги добивме од оваа државна институција, фирмата е формирана на 8 август 2001 година, неполн месец откако паднала одлука да стартува проектот Национална платежна картичка.

Во Централниот регистар, „Виста процесинг“ е регистрирана како фирма чија должност е да одржува и да поправа канцелариски и сметачки машини и сметачки системи, а меѓу другото може и да тргува. Тамам!
Исто така и документот на Централниот регистар потврдува дека фирмата отишла во стечај на 20 март 2003 година.

Сепак, изненадувањата што ги приредува оваа компанија не престануваат. Според документите од Централниот регистар, „Виста процесинг“ ја формирале двајца скопјани кои вложиле точно по 1.500 евра таканаречен непаричен влог.

Еден од сопствениците е Стефан Пулејковски, чие име ако го прогуглате ќе дознаете дека човек со исто име и презиме е генерален секретар на Пливачката федерација на Македонија, но многу поинтересно е името, а богами и презимето на другиот газда на веќе фамозната „Виста процесинг“.

Втор сопственик на оваа фирма е Дарко Дулиќ, син на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Благородна Дулиќ, кој во моментов работи во Царина, како помошник-директор на секторот за контрола и истраги.

Веднаш мора да потсетиме дека исто така во Царината работи уште еден лик поврзан со Националната платежна картичка, а тоа е Владимир Мијалков, кој е советник на директорот во Царината и кој е прв братучед на премиерот Никола Груевски.

Ако може да ја поедноставиме оваа приказна би рекле дека фирмата на Дарко Дулиќ добила бизнис од три милиони евра од Министерството за финансии, каде што главен бил Груевски, а парите ги добила за потребите на НПК, каде што, пак, директор бил неговиот денешен претпоставен Владимир Мијалков. Малку замрсено, речиси како пајажина!

И да, ревизорот не бил убеден дека воопшто пристигнала опремата од оваа фирма, која отишла во стечај само една година откако го добила тендерот вреден околу три милиони евра.

 

МОЛЧАТ И ГАЗДИТЕ НА ВИСТА ПРОЦЕСИНГ

Поради сите овие чудни коинциденции се обративме до Царината за да стапиме во контакт со Дарко Дулиќ, а една љубезна службеничка не’ посоветува дека најдобро е да го исконтактираме на мобилниот телефон и ни го даде неговиот број.

На овој број Дулиќ не дигаше слушалка, а богами не врати ни на нашата СМС-порака во која го замоливме да се сретнеме за да може да ни раскаже нешто повеќе за фирмата „Виста процесинг“.

За активностите на Дулиќ не може многу да се дознае од интернет зашто таму ја има само прес-конференцијата на која СДСМ ги обвинува и него и мајка му дека со нивните функции има судир на интереси.

Вредно за спомнување е и дека оваа фирма била лоцирана во скопски Аеродром во стан на булеварот АВНОЈ, кој е сместен во близина на супермаркетот „Веро“.

Седиштето на оваа фирма се наоѓа во кварт, кој е исклучително станбен и нема никакви знаци дека во таа зграда и во тој стан некогаш постоела фирма, која би можела да победи на државен тендер вреден околу три милиони евра.

Адресата на која се наоѓала оваа фирма е всушност станот на управителот на „Виста процесинг“ извесен Горан Јовановски, а денес на таа адреса е регистрирана друга фирма со сосема трета дејност.

Имено, следната година откако „Виста процесинг“ отишла во стечај, нејзиниот поранешен директор Горан Јовановски отворил нова фирма на истата адреса наречена „Арт принт студио“. Оваа компанија денес се занимава со изработка на рекламни табли, паноа, ротациски билборди, светлосни реклами, изработка на реклами на автобуси и со печатење.

Некој ќе рече оти ова е одлично време за ваков бизнис кога владата троши грдни пари за секаков вид маркетинг.
Го побаравме и Јовановски, за да може да ни сведочи за работата на „Виста процесинг“ но од неговата нова фирма ни кажаа дека тој бил на службен пат надвор од државава и ни ветија дека ќе му пренесат оти сме го барале.

За повеќе информации во врска со фирмата „Виста процесинг“ се обративме и до Основниот суд Скопје 2 од каде што ни ветија дека можеме да добиеме нешто повеќе податоци за стечајната постапка со која згаснала оваа фирма, но до затворањето на весникот се уште не добивме никаква информација.

Така што се уште не знаеме дали стечајот е затворен и не знаеме кој е стечајниот судија, од кого веројатно ќе може да се чуе нешто повеќе за судбината на „Виста процесинг“.

За чудните стечаи пишува и министерот за правда, Михајло Маневски, во неговата книга од 2005 година. Впрочем, тој се осврнува на начинот на кој бил продаден државниот и општествениот капитал, но, сепак, ова поглавје од книгата е многу интересно четиво и затоа ви пренесуваме дел од него.

Имено, Маневски пишува дека на времето смислено биле обезвредени многу значајни стопански субјекти, производствени и други претпријатија што успешно работеле, но биле доведени во состојба на лажен стечај, а за лажен стечај, потенцира Маневски, никој не одговарал.

„Сето тоа се правеше со една проверена шема. Откако ќе се стекнеа значителни материјални средства по основ на земени кредити, заеми или од други пласмани или ќе се создадеа големи обврски од неплатени даноци, со цел да се избегне плаќање на обврските капиталот смислено се пренесуваше на друг нов правен субјект, а остануваа само обврските. След тоа, се покренуваше стечајна постапка, која се отвораше, а истовремено се затвораше поради немање имот на должникот“, пишува Маневски во книгата „Корупцијата во Република Македонија“, за дел од стечајните постапки.

Така пред пред години размислуваше Маневски, додека ние многу би сакале да знаеме кои се чувствата на јавниот обвинител Љупчо Шврговски за случајот со Националната платежна картичка, со оглед дека во една пригода тој рече оти сочувствува со вработените во А1 телевизија, откако сметките на телевизијата беа замрзнати поради вмешаност во аферата Пајажина.

Имено, тој во врска со овој случај изјави дека А1 не може да има посебен третман иако е медиум, но прашање е дали во случајот Национална платежна картичка, сепак, обвинителските чувства проработеле.

Самиот за „Утрински весник“ има изјавено дека 20 години се дружел со браќата Мијалкови, од кои едниот Владимир бил и директор на Националната платежна картичка.

Сепак, ние сме трпеливи и ќе го почекаме Шврговски да ја прифати нашата покана за разговор, кога, меѓу другото, ќе го прашаме и за неговите чувства во овој случај!

Поврзани новости