Додека се „криеше“ во соседна Србија, избегнувајќи ги последиците од кривичниот погон во Македонија, поранешниот директор на македонската царина Драган Даравелски остана присутен во земјава преку повеќе фирми, кои немаа голема деловна активност, но многу од нив останаа правно активни и до ден денес фигурираат во трговскиот регистар.
Како што вчера објави „Фокус“, преку истоимена кипарска фирма, Даравелски ја поседува компанијата за управување со недвижен имот „Скотиха Тихама Оверсис Лимитед“ , која е регистрирана во скопска Кисела Вода на иста адреса со „ИТЗ Центар“. Ова друштво, пак, има персонален линк до „АД Козјак“, кој порано поседувал компанија заедно со фирма на експремиер.
Како управители на „Скотиха“ се јавувале повеќе лица, пред да падне во стечај во 2021 година, по што е управувана од страна на стечајниот управник Живко Калков. Оваа компанија, се јавуваше на листата на должници на УЈП со долг од 2,7 милиони денари по основ на неплатен ДДВ до моментот кога скопскиот граѓански суд го усвои барањето на црногорската „Арарат“ за отворање стечајна постапка.
Според официјалните податоци, на иста адреса со „Скотиха“ е регистрирано друштвото за трговија на мало „ИТЗ Центар“ во сопственост на истоимена фирма од Белград, додека како управител фигурира Томислав Даравелски. Истовремено, тој се јавува и како овластено лице на „Југоопрема АД-Скопје“ заедно со Марко Даравелски.
Притоа, Томислав Даравелски фигурира и како неизвршен член на Одборот на директори на „АД Козјак“, која се занимава со изградба на станбени и нестанбени згради. Моментално, ова акционерско друштво ја поседува градежната компанија „ФТ Козјак“, основана пред неколку месеци, но „АД Козјак“ своевремено поседувала и друга компанија, која пред две години е ликвидирана.
Се работи за „Кеп Инвестмент“, основана во 2018 година со седиште во Куманово. Интересно е што втор содружник на оваа компанија била „Еуропрофил “ во сопственост на Љубчо Георгиевски, кој беше премиер на владата на ВМРО-ДПМНЕ од 1998 до 2002 година, кога Даравелски беше директор на царина. Поточно, „Еуропрофил“ е во сопственост на „Вип Проект“, чиј единствен сопственик е Георгиевски.
Инаку, македонската „Скотиха“ се јавувала како сопственик на „Саксес Брокерс“, друштво основано во 2000 година за тргување со хартии од вредност. Како што покажува историјатот на оваа ликвидирана компанија, во нејзината структура минале повеќе лица, а еден од нив е Миодраг Марковиќ, црногорски бизнисмен кој своевремено беше осуден на 4 години затвор за перење на пари.
Воедно, неизвршен член на директори на оваа компанија бил и Александар Даштевски, актуелен претседател на Државната изборна комисија. Воедно, Даштевски бил и во органите на уште една компанија што се поврзува со Даралевски – „АД Трготекстил“, која е активна до ден денес. Тој своевремено бил неизршен член на директори на ова друштво, исто како и Томислав Даралевски.
Во најголем дел, се работи за субјекти од кои беше извршена конфискација на имот, односно на удели што се доведуваат во врска со Даралевски, кога во 2007 година беше осуден на 7 години затвор за злоупотреба на службена положба. Подоцна, започна постапка и за имотот на кумановска „Бисерка“, откако МВР поднесе кривична за приватизацијата на друштвото, товарејќи го Даравелски дека создал група со цел да се разграби имотот.
Пред десетина години, „Фокус“ пишуваше за имот во центарот на Куманово што се доведува во релација со „Бисерка“, кој во тоа време на нејасен начин го користеше општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за деловна зграда на катастарската парцела со број 14798, која беше во сопственост на „ФК Куманово“ преку имотен лист 17361. Впрочем, и моменталните проверки во Катастарот на недвижности ја покажуваат истата состојба, иако овој субјект веќе не постои.
Поточно, податоците од Централниот регистар покажуваат дека „ФК Куманово“ е избришан од регистарот во 2016 година. Дотогаш, тој бил во сопственост на три правни лица, меѓу кои веќе згаснатата „АД Диер“, се уште постоечката „Еко Интернационал“ и третата е „Бисерка“. Во меѓувреме, партијата непречено го користеше објектот, иако се јавуваа хипокетарни доверители на имотот и поранешни вработени со судски пресуди кои не можеа да ги наплатат побарувањата.
Како што е познато, Даравелски после 20 години се врати во земјава и замина зад решетки. Но, тој ќе биде слободен грѓанин доколку му биде прифатено барањето за повторно судење, бидејќи во таков случај ќе биде константирана апсолутна застареност на кривичното дело за кое се гонел, а кое застарело лани, односно по 20 години од извршувањето. Одлуката за тоа дали ќе му биде дозволено повторено судење треба да ја донесе Кривичен совет на скопскиот суд.
Влатко Стојановски