Како да си ги заштитиме децата, ако не знаеме кој е осомничен или осуден за педофилија, прашуваат во Тиквешијата по вчерашниот настан

by fokus

Се уште нема официјални податоци од страна на МВР околу веста која вчера ги вознемири жителите на Кавадарци и Неготино, дека докторка во приватна ординација во Тивешијата пријавила сомнеж за полов напад врз шест годишно дете.

Од СВР Велес го потврдија случајот и велат дека истрагата е во тек, но повеќе детали со цел да се заштити идентитетот на детето не можат да објават во моментот. Дали родителите поради сомнеж за извршен полов напад го однеле детето на преглед, или пак докторката при случаен преглед се посомневала, не откриваат.

На социјалните мрежи, на страниците посветени на Кавадарци и Неготино, граѓаните револтирано апелираат доколку се докаже вината на напаѓачот, неговиот идентитет јавно да биде обелоденет. Потенцираат дека јавноста заслужува да знае дали во нивна близина живеат педофили, со цел да си ги заштитат децата.

-Како да превенираме, ако не ни знаеме од кого треба да ги заштитме нашите деца, тоа може да биде наш комшија, познаник, прашуваат.

Уште пред осум години, Министреството за труд и социјална политика отвори онлајн регистар на педофили, каде се објавуваат веќе осудените педофили со име и презиме, фотографија, адреса на живеење и детали зошто, кога и на колку долга затворска казна биле осудени.
Целта на регистарот беше јавноста да провери дали некој од веќе осудените педофили живее во нивна близина, но исто така, и кога се посочуваат нови потенцијални извршители на полов напад врз дете, со иницијали и возраст, да може да се провери дали некој од нив веќе бил осудуван, односно дали податоците се совпаѓаат.

Информациите беа објавени јавно, со цел превенција на педофилијата.
На почетокот регистарот функционираше нормално, но потоа во неколку наврати имаше прекини и не работеше.

Денес, истиот може да се отвори на www.registarnapedofili.mk , но очигледно е дека податоците со години не се ажурирани.
Така на пример, во Неготино се регистрирани шест лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за злоупотреба на малолетни лица и педофилија. Едно од лицата веќе со години е починато, но сепак, не е тргнато од регистерот. Се работи за човек кој почина во затворот, за време на излежување на пет-годишната затворската казна за полов напад врз дете кое не наполнило 14 години.

Во Кавадарци пак, внесени се пет лица во регистерот. Иако има нови случаи на педофилија, за кои сторителот пред неколку години доби затворска казна, тие не можат да се најдат во регистерот.

На нашата забелешка до СВР Велес дека регистарот не се ажурира, велат дека треба да се реагира до надлежното министерство. За случајот во Тиквешијата, порачаа дека Обвинителството ги има деталите, и одлуката за нивно споделување со јавноста зависи исклучително од таму.

Вики Клинчарова

Поврзани новости