Какистократија

by fokus

Пишува: Јанаки МИТРОВСКИ

Постојат повеќе термини кои можат да ги опишат последователните влади во “демократска” Македонија но еден најдобро ја опишува бедата која ја живееме- какистократија. Какистократија е општество во кое владеат најмалку способните, бескрупулозните и неквалификуваните припадници на тоа општество. Сведоци сме дека ова е во најголема мера вистина за сите наши влади, секоја чест на индивидуи кои се исклучок, но тие пак се покажале и како доста корумпирани.

Какистократијата во Македонија особено зеде замав кога бев во последните години на моето основно образование, или некаде заедно со фамозните промени кога комуњарите за прв пат паднаа од власт во деведесет и осмата година. Тогаш започна масовното полнење на партиски кадри во администрација и јавните претпријатија на наша штета нормално. Како за пример во Јавното претпријатие за авионски услуги во кои речиси цел работен век од осумдесет и осма се до пензионирање го помина мојот татко, пред да биде дадено на концесија на ТАВ броеше осумстотини и педесет вработени. Како за илустрација барем во периодот пред да одат аеродромите под концесија, потребната бројка на вработени би била максимални триста и педесет.

Во други јавни претпријатија, состојбата е и полоша. МЕПСО, ЕЛЕМ, делумно Телеком, РЕК Битола и плејада други со години се златни кокошки на хохштаплерите партиски кои ги товарат со своите конкубини, роднини и пријатели, а богами и шиткаат работни места за пари. И како рибата смрди од главата, ваквата состојба не ги заобиколи сите наши влади во независна Македонија, кои со мали исклучоци беа водени од бескруполозни клептомани, неспособни лоповчиња кои се накрадоа државни пари и ден денес живеат од истите тие пари, а понекогаш продаваат муда за бубрези како тоа во нивно време подобро се живеело.

ПРЕМИЕРИ РОДЕНИ ВО ФОТЕЉИ

Љубчо ден денес глуми некаков политички фактор, живее повеќе од удобно од заработеното како четири години премиер, иако претходно бил паразит на грбот на Стојменов во фирма, а после тоа не се ни знае дали работел нешто, а и зашто би, натоварен како средно богат бизнисмен. Бранко е роден во фотеља, фати два мандати премиер, сега си лапа доживотно сто илјадарки како екс претседател ( привилегија што итно треба да се укине) и мува позадински колку може.

Бучко глуми преговарач со Бугарија на за нам најштетен можен начин бидејки мора да одработи за преседанот да после дванаесет години судење обвинителот сфати дека треба да преквалификува и со тоа предметот автоматски да застари. Патем сѐ уште е професор по право. Груевски не само што не лежи туку ужива во своите тешко спечалени пари, паметува од Пешта додека неговите субординирани се влечат по затвори, но и е сѐ уште најпопуларен политичар во Македонија, што доволно говори за нашата политичка свест.

Заев исто така си ужива откако продаде се што може да се продаде, повремено се шокира по социјални мрежи кога судот ги помага обвинетите, која помош тој ја започна и тоа мошне јавно, а ништо чудно и да направи камбек во политика како претседателски кандидат на СДСМ во 2024-та година. Најтазе премерот Ковачевски е исто така роден во функција, саде директорски столчиња, за на крај без избори седне во најпосакуваното столче и да плаши раја со најновата баба рога- Левица, која колку год да ноторно отстапува од тоа што таа партија требаше да биде, не била ниту ден на власт( централна власт, локална се, иако не признаваат )

Никогаш нема да си простам себе си што останав да си го трошам талентот во Македонија, да трпам лажни авторитети кои почиваат на сила, а не на стручност и интегритет, да полнам буџет со даноци за да дрпа некое татино синче на политичар кое плаче бидејки овој викенд нема двесте евра за бело, и да вадам извод од матична книга на родени цел месец. Требаше како еден тон наши луѓе да си фатам патот, бидејки секаде ќе успеев. И ова го говори човек кој нема финансиски проблеми, а замислете колку им е преку тасета на оние кои не можат да сврзат крај со крај!

Поврзани новости