Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја освои Специјалната награда на жирито во престижната програма Недела на режисерите на фестивалот Фантаспорто. Ова беше 43. издание на фестивалот кој се одржува во португалскиот град Порто.
Како еден од наградените филмови, „Кајмак“ имаше специјална дополнителна проекција на затварањето на Фантаспорто.
Oва е најнова награда за Манчевски, најтрофејниот македонски режисер, кој има освоено повеќе од 60 меѓународни награди и признанија во досегашната кариера. Меѓу нив се и Златен лав во Венеција, Номинација за Оскар и Индепендент спирит (САД).
Португалскиот културен магазин „Лаксанте“ го оценува филмот со четири ѕвезди и пишува: „Манчевски повторно создава моменти на голема емоционална и скулптурална убавина, со прекрасна фотографија која успева да го одржи формалното единство без оглед на тоа дали делува во комичниот или во драмскиот регистар. Резултатот е екстремно хуман и прекрасен филм, ама истовремено и филм што е искрен и сиров. Уште еден пример за големината на кинематографијата на Милчо Манчевски.“