По изборите во партијата ќе следуваат нови кадровски промени во раководството, најави премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев во интервју за „Слободен печат“,кој е единствениот кандидат за претседател на внатрепартиските избори.
-По изборите ќе следува Конгрес на партијата некаде во месец мај и јас очекувам ново политичко освежување како дел од новата политика и тоа е првиот момент од мојата програма. Вториот момент е уште позасилено креирање на политики за борба против криминалот и корупцијата. За мене, борбата против криминалот и корупцијата е подобар економски стандард, подобро здравство, подобро образование, но и побрз пат кон ЕУ. Криминалот и корупцијата ги има секаде во светот. Во таа борба секој мора да даде свој придонес и тука ќе се вградиме сите. Трето, ќе охрабриме различни мислења. СДСМ е партија во која владее демократијата, но сакаме да дадеме шанса за уште поголема присутност на различни мислења, за дополнително да ја зајакнеме демократијата. Многу важен елемент е да ги отвориме вратите и за сите оние кои не мора да имаат книшка од СДСМ, но веруваат во социјалдемократските вредности и проевропските политики, рече Заев.