Пишува џ. Сулејман еф. Реџепи
Пред некој ден бев гостин на една дискусија каде што се говореше за патот пред нас и за предизвиците и пречките распоредени на тој пат. Глобална тема, за која, несомнено, треба одново и одново да се дискутира и анализира и локално. Треба, затоа што ако случајно ние локалците ја одгатнеме дилемата и го погодиме правецот на патот пред нас, ете ти бинго. Зошто да не, локалните формули за успех би можеле да се применуваат глобално. Само уште да ја најдеме формулата. Чудно, на тој панел, повторно ме обзема чувството дека сите ние, многу лесно и многу убаво можеме да срочиме говори со кои ќе се претставиме како луѓе на мирот и прогресот, како луѓе што се ангажираат за дијалогот меѓу народите, религиите, културите и цивилизациите. Да, тоа многу лесно можеме да го срочиме и да го кажеме. Но, само една искра е потребна, само еден неумерен збор, за да се соочиме со реалноста и да сфатиме колку малку, всушност, чиниме за да заживее толеранцијата. Со неподнослива леснотија, цел еден народ го именуваме како народ што лаже, бараме гасни комори за нашите комшии, само мртвите комшии ги сметаме за добри комшии. И, тоа го кажуваме јавно, без да ни трепне око. Да не говорам за верската дискриминација, особено на помалите верски заедници, а сѐ со цел да ја покажеме нашата надмоќ, приматот што едните треба да го имаат над другите. Тешко ми е да кажам, ама, пријатели, меѓу нас живеат и омразата, и екстремизмот, и дискриминацијата, и нетолерантноста, се мразиме локално и влијаеме врз глобалната омраза што владее низ светот. И, како докажани курнази, се расфрламе со божемните заложби дека „Секој треба да биде свој човек, никој не смее да биде дискриминиран затоа што е муслиман, христијанин или атеист, црн или бел, припадник на една или на друга цивилизација, на оваа или на онаа култура, луѓето треба да бидат единствени во своите различности бидејќи само така човекот ќе биде тоа што е, Божји претставник на земјата…“. Веќе станува дегутантно вербалното и само вербалното залагање за мир, толеранција и за дијалог. Пријатели, потребна е акција, лични примери, конкретизирање на тоа што убаво знаеме да го срочиме и да го кажеме. За да станеме дел од корпусот што се труди да го направи светот поубаво место за живеење, ќе треба да се соочиме со демоните на нетолерантноста, радикализмот и екстремизмот во нас, во нашите средини, заедници, групи и партии. Значи, конечно ќе треба да признаеме дека лажеме кога „андерграунд“ ја шириме излитената приказна за нас како „ангели“ и за другите како „ѓаволи“. Тоа би личело на некаков почеток, се надевам. Ама тоа тешко ќе оди, личи на фантазерство. Е, да, и тешко е, и личи на фантазерство. Ама дури и Божјиот пратеник Мухамед а.с. го навредувале и го нарекувале фантазер кога повикувал на заедништво и на верување во еден Бог. И Џеферсон го исмејувале кога го предлагал Законот за верски права, па ете го вметнат во американскиот Устав. И Махатма Ганди изгледал смешно додека повикувал на ненасилна револуција, ама на Индија ѝ донел независност. Знам, ќе кажете дека наведените личности и редица други низ историјата што оставиле траен белег, не морале да се караат за избирачки списоци и за регулирање медиуми, ги немало закрвавените ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, го немало непријателството меѓу ДУИ и ДПА, не постоеле тогаш ниту Пржино, ниту Охридскиот договор, ја немало Катица Јанева, Фатиме Фетаи… Да, ги немало, но постоеле многу поголеми проблеми и недоразбирања. И знам уште нешто. Ќе кажете, па што бе реис ефендија, не се мразиме само ние, омразата владее низ целиот свет. Точно, ама не дека реисот не знае за таа омраза, па сега морализира тука нешто. Знам за раздорот меѓу христијаните и муслиманите, муслиманите и Евреите, Евреите и христијаните, католиците и православните, протестантите и католиците, сунитите и шиитите, Индусите, Сиките, Тамилите, Хуту и Туту…Познати ми се и сите идеолошки, меѓунационални и меѓудржавни недоразбирања, споровите за една педа земја, за едно брдо или за една долина, дури знам и за непријателства предизвикани поради фудбалот. Токму затоа, токму поради тоа што и од блиску сум се запознал со срцевината на многу од наведените светски проблеми и сум учествувал на разни форуми каде што се барале начини за надминување конфликти и недоразбирања, мислам дека имам право да кажам: Македонија е толку мала (иако некои сакаат да ја претстават како многу голема), па и нејзините проблеми се сразмерни на нејзината големина. Кога би ги истерале сопствените демони, би сфатиле околу што и зошто сме си го арчеле времето и сме си играле со судбината на народот. А толку малку требало да сториме за да ја најдеме формулата за која говорев на почетокот на овој текст. И уште нешто. Жално е ако сме стигнале до ситуација во која никој не разбира колку е битно да се сослуша другиот, за таков свет и за таков живот не вреди да се бориш бидејќи на крајот тој друм нема да те одведе никаде. Кога разумот ќе надвладее, говорот ќе се намали.