Каде се кријат осомничените бегалци: Груби престојува близу Драч, Ковачевски заминал за Нов Зеланд?!

Поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, кои се осомничени во случаите „Лотарија“ и „Адитив“, засега не се достапни за органите на прогонот. Пред неколку дена, Груби влегол во Косово, но, како што велат високи владини извори за „Фокус“, надлежните институции располагаат со информации дека тој заминал за Албанија и моментално престојува во место покрај Јадранско море близу Драч. Што се однесува до Ковачевски, пак, истите извори тврдат дека тој заминал за Нов Зеланд, каде имал роднини и пријатели.

by Фокус

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој неодамна се најде на „црната листа“ на САД поради вмешаност во „значителна корупција“, како и поранешните директори на АД Државна лотарија и АД ЕСМ, Перпарим Бајрами и Васко Ковачевски, се уште не се достапни за органите на прогонот, откако беа осомничени во рамки на случаите познати како „Лотарија“ и „Адитив“, кои се однесуваат на незаконска набавка на апарати за коцкање, односно на адитив за капацитетите на РЕК Битола.

„Поцрнетиот“ Груби се повлече „чист како солза“: Опожарено „ауди“ го поврза со купецот на хотел од изведувачот на автопатот кон Блаце!

Ако за Бајрами и Ковачевски се знае дека одамна се надвор од државата, Груби ја напушти територијата на Македонија само еден ден пред биде отворена истрага од страна на Јавното обвинителство, во чии рамки 6 лица се осомничени за злоупотреба тешка 8 милиони евра, меѓу кои се Груби и Бајрами, додека дополнително се испитува кривичната пријава на МВР за плус 2 лица, при што еден од нив е поранешниот премиер и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.

Груби заработи кривична додека се „чешла“ неговата имотна состојба: ДКСК анализира податоци од институции и банки!

Од прибраните докази произлегува основано сомнение дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во АД „Државна лотарија“, во текот на 2023 година, преку вршење на своите посебни овластувања и должности, заедно учествувале во дејствија на извршување на штета на акционерското друштво со намера да прибават противправна имотна корист за друг која се проценува на значителен износ од 501.319.119 денари од буџетот на акционерското друштво.

Првоосомничениот делото го сторил во својство на претседател на Управниот одбор – генерален директор на „Државна лотарија“, додека второосомничениот презел дејствија во својство на одговорно лице – претседавач со седница на Влада одржана во својство на собрание на Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија на Република Северна Македонија.

Останатите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и ги спровеле јавните повици иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови“, соопшти Обвинителството.

Еден ден претходно, поранешниот вицепремиер и висок функционер на ДУИ ја напуштил државата. Во последниот фејсбук-статус објавен пред 4 дена, тој пишува: „Почитувани, денеска патував за приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување. Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома при моето семејство“.

Досега, тој ниту се вратил во земјава, ниту се огласил во јавноста. Меѓутоа, беа утврдени низа пропусти и несоодветно постапување од страна на службениците на граничниот премин „Блаце“, каде всушност тој ја напуштил земјава, иако имал активна мерка на стоп листа „задржи и веднаш извести“. Притоа, тој бил во друштво на познатиот бизнисмен Арсим Папранику, кој патем е почесен конзул на Косово.

„Полицискиот службеник Б.Ј. со своето несовесно работење не извршил адекватни проверки за патничко моторно возило „мерцедес“ при премин на државната граница на излез од РСМ, не го евидентирал за остварување на излез од РСМ и патниците од предметното возило А.П. со дипломатска патна исправа како возач и А.Г. со македонска патна исправа како совозач во возилото ги завел дека пешки ја поминале границата.

Односно, со пропуштање на должниот надзор извршил гранична проверка во системот СКПВ за лицето А.Г. и при тоа не почекал системот да утврди дали предметното лице има активна мерка „задржи и веднаш извести“ туку веднаш на лицата им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин. Со наведените дејствија, Б.Ј. постапил спротивно на Законот за гранична контрола, со што сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Освен тоа, Внатрешната контрола при МВР утврдила дека од страна на раководителот на смена со иницијали Б.А. било сторено потешко кршење на работниот ред и дисциплина, бидејќи тој како раководител на смена имал обврска навремено да ги задолжува и раздолжува полициските службеници на смена со мобилен систем за снимање со камери и тоа уредно да го евидентира во евиденцијата за задолжување и техничка исправност на МССК.

„Истиот откако ги задолжил сите полициски службеници со МССК и истото го завел во евиденцијата, во 07.30 часот, од страна на полициски службеници Б.Ј., С.Ф., Б.А., Ф.Ф. и Е.Ш., било пријавено дека МССК не им работат бидејќи им се испразниле батериите. Од страна на раководителот на смена Б.А. истите полициски службеници не биле задолжени со други МССК, бидејќи батериите не можеле да се наполнат.

Од извршениот увид во горенаведената евиденција од страна на ОВККИПС исто така беше утврдено дека од страна на раководителот на смена Б.А. откако МССК биле вратени, истите не биле заведени во графите како раздолжени во самата евиденција, а воедно и не ја пополнил графата за забелешка каде што требало да го нотира настанатиот проблем со МССК“, соопштија од МВР.

Откако ја напушти земјава во друштво на бизнисмен и почесен конзул, по што опозициската СДСМ праша дали власта на ВМРО-ДПМНЕ имала договор со ДУИ намерно да го пушти да избега, додека МВР прстот го впери кон полициски службеници на „Блаце“, Кривичниот суд му изрече на Груби 30-дневен притвор. Сепак, неговиот адвокатски тим побара укинување на оваа мерка преку жалба до Судот. Дополнително, неговата одбрана денес се огласи и преку соопштение.

„Одбраната и сите аргументи ќе бидат изложени во законски предвидената постапка, се со цел да биде убеден и судот и јавниот обвинител дека нема кривично дело во дејствијата за кои се обвинува Груби. Се надеваме дека сите учесници во оваа кривична постапка ќе останат имуни на очигледната политизација на процесот и ќе ја задржат непристрасноста и нзависноста и одлуките ќе ги носат врз основа на јасни правни аргументи“, соопшти адвокатот Владимир Доневски.

Во меѓувреме, останува отворено прашањето каде точно се наоѓа и престојува Груби, односно која била неговата конечна дестинација откако стапнал на косовска територија? Од МВР на чело со Панче Тошковски соопштија дека се во комуникација со косовското МВР, но постапка за екстрадиција ќе почне откако Груби ќе биде приведен, што досега не се случило. И заменик-министерот за правда, Ален Деребан, рече дека прво треба да се потврди дека Груби е на Косово, па потоа да се побара негова екстрадиција.

Ја следиме целата ситуација и во контакт сме со сите надлежни органи и сите кои можат да помогнат во спроведувањето на процедурите. Во контакт сме со сите со кои треба да соработуваме. Ќе оствариме официјални контакти со министерството на таа земја каде ќе добиеме информација дека е лоцирано или приведено лицето по кое е распишана меѓународна потерница. Доколку се докаже дека е на Косово или ако добиеме информација дека е приведен на Косово, нормално ќе започнеме постапка за екстрадиција – рече тој на Алсат.

Како што неофицијално дознава „Фокус“ од високи владини извори, македонската Влада и надлежните институции располагаат со информации дека Груби не се задржал на Косово, туку дека заминал за Албанија, каде моментално престојува. Поточно, велат добро упатени извори, тој се наоѓа во место во близина на Драч, лоцирано покрај Јадранско море, во објект кој не е во негова сопственост. Во таа насока, веќе 2 години има посебен режим според кој косовски и албански државјани непречено се движат низ двете држави, без да минуваат гранична контрола.

Истите извори велат дека неговиот близок соработник Бајрами неколку месеци бил на Косово, но немаат информација каде се наоѓа сега. Сепак, располагаат со кредибилни сознанија каде е ексдиректорот на ЕСМ Ковачевски. Иако одредени информации одеа во насока дека тој се наоѓа во некоја од европските земји, меѓу кои се споменуваа Грција и Австрија, сепак, нашите соговорници велат дека тој заминал на многу подалечна дестинација, поточно во Нов Зеланд, каде имал роднини и пријатели.

Инаку, Ковачевски е опфатен со истрагата за спорната набавка на адитив за котлите во РЕК Битола, тешка 6,5 милиони евра. Во оваа истрага, осомничени се 23 лица, но Ковачевски не се терети дека бил дел од организацијата која ја направила сомнителната јавна набавка, туку за несовесно работење. Арно ама, се водат многу постапки каде се испитуваат набавките на јаглен, ископите, ремонтите, што се случуваше во време кога прв човек на ЕСМ беше токму Ковачевски.

Ковачевски 4 години куртули од кривичната дека притискал за „СВ-Инвест“ – дали сега ќе му „пресудат“ ископите во РЕК Битола?!

Артан Груби и сите оние за кои постои основано сомнение дека сториле криминал, треба од страна на Обвинителството да биде докажано дека се виновни, а од страна на судовите да биде одредена мерка, врз основа на доказите. Со самото тоа што некој е бегалец и е недостапен на органите на прогонот, тој само потврдува дека е виновен. Јас ги разбирам, не ги оправдувам пораките кои што доаѓаат од опозицијата, а ние само со дела можеме тие шпекулации да ги сопреме – изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски.

Според дел од експертите, постојат 2 можни пречки Груби, Ковачевски или некој трет осомничен во бегство да биде испорачан од земјата каде се наоѓа. Според универзитетскиот професор Владимир Пивоваров, едната е тој да има двојно државјанство, односно покрај македонско државјанство да има и државјанство на земјата каде ќе биде фатен, или нешто слично како што беше со Драган Даравелски. Втората можност, според него, е да добие азил, како што доби Никола Груевски во Унгарија.

АРХИВА Дали власта ќе му дозволи на Груевски да избега во Унгарија ако пратеници на ВМРО-ДПМНЕ го поддржат договорот за името?

Поврзани новости