Каде „исчезна“ Комисијата за заразни болести?

by Fokus

Во последниот период, поточно последните десетина месеци за време на ковид пандемијата како да „исчезна“ Комисијата за заразни болести, која во текот на целата корона криза ги носеше главните одлуки и рестриктивните мерки.

Факт е дека и во целиот овој период, поранешниот министер за здравство Венко Филипче во нивно име ги соопштуваше одлуките или ретко се случуваше тоа да го направи претседателот Жарко Караџоски, епидемиолог кој доаѓа од Институот за јавно здравје.

Првиот човек на Комисијата веќе подолг период има слаба комуникација со новинарите, а изјави јавно даваше само во случаи кога имаат заедничка прес-конференција со министерот, па е принуден да се појави. Сите други, околу 20 членови на Комисијата се анонимни ликови, кои досега ретко се појавиле во јавност.

Според нашите информации, некои од нив се редовни на сите состаноци, додека некои се појавуваат од време на време.

НОВИОТ МИНИСТЕР НА СОСТАНОК СО ДЕЛ ОД ЧЛЕНОВИТЕ?

„Фокус“ веќе неколку пати досега ги објави имињата на дел од членовите, меѓу кои се Караџоски, потоа,  тука е Сузана Матевска, преставник од министерството за здравство, како и поранешниот директор на детската болница Козле, Ангелчо Андоновски, директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ и доктор Ирина Бухова Сотирова, прв човек на ДСЗИ.

Исто така во комисијата е и Ванчо Новоселски како преставник на Агенцијата за храна и ветеринарство, како и директорот на Институт за јавно здравје Шабан Мемети.

Како што веќе објавивме, новиот министер за здравство Беким Сали размислува дали да се смени претседателот на Комисијата,  или пак на ова тело да се назначи нов портпарол, кој ќе ја информира јавноста за сите случувања и одлуки.

„Се уште не сум донел никаква одлука. Треба да седнам и да разговарам и со моменталниот претседател на Комисијата, но и со другите членови за да ги слушнам нивните размислувања. Се уште сум во фаза на консултации. Можно е да има и нов формат, односно да има портпарол. Но, сепак не е донесена конечна одлука“, истакна во изјава за „Фокус“, Сали.

Тој додаде дека професионалното работење на Комисијата  е од најголема важност.

-Во оваа Комисија веќе има доста искусни професионалци во своите области, а натамошните чекори ќе подразбираат надградба, усовршување и професионализација – изјави Сали.

Според нашите информации, вчера министерот Сали бил на состанок со некои од членовите, за да се договорат како во иднина ќе продолжат да функционираат работите.

Сепак, постои и друга страна на приказната. Како што веќе разговарвме со некои од членовите на ова тело, тие тврдат дека тие се единствена комисија кои не се платени за тоа што го прават, со оглед на тоа што за време на цела пандемија се е на нивни грб.

„Во сите други земји, членовите на Комисијата за заразни болести имаат хонорари за тоа што го работат, само ние кај нас работиме врз основа на добра волја, а постојано не критикуваат“, велат дел од членовите за „Фокус“.

Деновиве се очекува исходот од средбата со новиот министер за здравство.

Ирена МУЛАЧКА

 

 

Поврзани новости