Се сетил Веле оти направил само еден соларник. Си рекол, нека остане дома за да не се скараат ќерките. И баш за него се скараа. Уште се раскажува дека починал на каменот пред куќата, обувајќи си ги чевлите, за да го фрли соларникот во Вардар
Пишува Сања ЛУКАРЕВСКА
Да, соларникот. Таа мала, а толку важна работа во секоја кујна. Особено кај нас.
А периодов токму „готвачите“ на несолени шеги, кои забораваат дека уште има луѓе што паметат дека соларниците имаа две страни – за сол и за бибер, ме потсетија на една приказна. Заклучокот е право на секој читател.
Веле бил мајстор над мајсторите за украсување сервиси за јадење. Затоа во фабриката за порцелан го викале Пикасо. Работел во посебна просторија, без надзор, зашто Веле важел за најчесниот човек во градот на Вардар, кого сите со почит и со благ наклон го поздравувале.
Имал четири ќерки и велел дека онаа народната „и стреите плачат кога ќе се роди женско дете“ за него нема никаква врска. Секоја рожба ја прославувал со истата радост.
„СПЕЦИЈАЛНА ПРАТКА“
Еден ден, во фабриката пристигнала „специјална пратка“. Двајца млади војници едвај го носеле товарот од неколку парчиња кобалт и една прачка злато. Старешината само ги отворал и затворал вратите, сѐ додека не влегле кај мајстор Веле.
„Мајсторе, ова е материјал за шест сервиси. Комплет да бидат. Да внимаваш и да дадеш сѐ од себе. За кај Стариот се. Ако има потреба од уште, ќе донесеме“ – му рекол старешината на Веле и си заминал со голобрадите војници.
И додека ги чекал првите „парчиња да се испечат“, Веле веќе си замислувал како ќе ги украси сервисите за кај Стариот. Едноставно, а отмено. Така си велел.
Така и биднало. Исцртал мајстор Веле и плитки, и длабоки, и мали чинии, и овални за ордевери, и длабоки за салати, и чорбалаци, и филџани… ама само што го завршил украсувањето на првиот соларник, стигнала веста дека Стариот починал. Во тој миг, мајстор Веле ја спуштил четката и рекол: „До тука било“.
Почнал да ги пакува сервисите во очекување дека некој набргу ќе дојде да ги земе. Никој не доаѓал. Видел невидел, отишол до касарната да праша. Но, ни таму не добил одговор.
Чекал мајстор Веле уште некое време, па побарал совет од својот директор, кого го сметал за чесен и отворен човек. „Другар директор, ќе заминам во пензија, а ми тежи на душа ова со сервисите. Сон нема да ме фане“.
„А бре, Веле, веќе ништо не се знае. Ни кој, ни каде, ни зошто, ни до кога. Најмало гајле на државата ѝ се тие твои сервиси. Ако толку те мачи, земи ги кај тебе и готово. Јас така сум ти рекол и точка“ – му одговорил директорот.
ГОЛЕМ БИЗНИСМЕН
Збунетиот мајстор Веле ги почувал сервисите уште некое време во фабриката, а потоа дел по дел ги однел дома. Секој ден слегувал во визбата за да ги преброи кутиите. Секој ден.
Минале години, Веле станал пензионер, а и државата на Стариот веќе ја немало. Немало ни кој да ги побара сервисите и она што останало, уште некое парче кобалт и добар дел од златната прачка. И онака биле тешки, ама уште повеќе му тежеле на душата на чесниот Веле. За него, златото претставувало стопена тага од семејства со мака.
Но, го чувал, зашто не било негово и не сакал грев на себе. Дури и од свадбите на своите ќерки излегувал накратко само за да ги преброи кутиите во визбата и да ја види прачката. Пишувал Веле писма до Белград, па до Скопје, но никогаш ниту писмо му се вратило, ниту одговор добил.
Еден ден во градот пристигнал важен човек, голем бизнисмен. Стариот директор му се јавил на мајстор Веле веднаш да дојде на состанок и да се „спаси“ од маката со сервисите. Отрчал Веле до неговата некогашна фабрика и на бизнисменот му ја раскажал судбината на сервисите за Стариот.
СЕРВИСОТ НА СТАРИОТ
„Дај ми еден сервис и она што останало од кобалтот и златото. Белград ми е на патот и ќе ги оставам кај еден битен човек. Ќе ти се јавам“ – му рекол бизнисменот. Тоа било прво и последно видување на Веле со него. Потоа го гледал само на телевизија. Од телевизија Веле дознал и дека истиот бизнисмен ја купил неговата фабрика.
„Тоа што му го даде на оној, наводно го продал во странство по многу висока цена. Така разбрав, ама не разбрав дали со тие пари и нас нѐ купи“ – со половична насмевка му рекол директорот на Веле при нивната случајна средба.
Капката што ја прелила чашата кај Веле била кога еден ден, внукот од најстарата ќерка, подавајќи му го весникот, му рекол: „Дедо, овој богатиов има како твојот сервис, а ти го чуваш во кутии“. Видел Веле, на очите не си верувал. Бизнисменот ужива во семејниот ручек послужен во сервисот на Стариот.
Се налутил Веле и ги повикал ќерките. Им поделил по еден сервис. Последниот го задржал за себе. „Од сега жено ќе си јадеме како господа. И леб и маргарин и алва да е, кралски ќе си ги јадеме“.
Но, во тој миг се сетил Веле оти направил само еден соларник. Си рекол, нека остане дома за да не се скараат ќерките. И баш за него се скараа. Уште се раскажува дека починал на каменот пред куќата, обувајќи си ги чевлите, за да го фрли соларникот во Вардар.