Каде е МПЦ сега да ја осуди јогата и да ја повика Силјановска да се покае?

by fokus

Пред неколку години Македонската православна црква застана цврсто против оние што практикуваат јога вежбање и против јогата како дисциплина. Владици на МПЦ јавно го осудија јога вежбањето и порачаа дека тоа не е христијанска работа. Но зошто МПЦ молчи кога претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ балансираше меѓу умот и телото вчера на брегот на Охридско езеро?

Осудата пред неколку години произлезе од митрополитот брегалнички Иларион кој во својата проповед пред верниците на неделната света божествена литургија во Лесновскиот манастир порача да се покајат сите што практикуваат јога. Ваквиот став предизвика бурни рекации во јавноста, но црквата не се огради, туку повеќе црковни лица го поддржаа.

Како што рече тогаш Иларион, јогата е апсолутно некомпатибилна со православна христијанска вера и нема место во животот на христијаните. Првиот човек на Брегалничката епархија, им порача на јога практикантите да се покаат и помолат, во спротивно, нема да им биде дозволено да пристапат кон светата чаша.

-Јогата не е обичен фитнес, туку фундаментално учење на Хинду религијата – изјавуваше Иларион.

Наспроти осудата од МПЦ пред неколку години, овој пат од црквата молчат за гестот на Силјановска јавно да практикува јога. Владиците кои ги исконтактиравме не сакаат да зборуваат против кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, ни велат дека се знае црквата што мисли за јогата, но дека не сакаат да се мешаат во политичките кампањи.

За потсетување јавноста беше изненадена од невообичаениот карактер кој го зазеде кампањата на Гордана Силјановска. Таа ги повика граѓаните да вежбаат утринска јога покрај Охридското езеро, нарекувајќи ја оваа активност „Јога со Гога“. Настанот доби многу коментари и верзии, па беше и мета на потсмев на социјалните мрежи. Се постави прашањето каква порака треба да пренесе потенцијалната прва дама на државата, која треба да биде пример за достоинство и умереност.

Поврзани новости