По објавувањето во дел од медиумите вчера дека актуелниот претседател и кандидат од СДСМ, Стево Пендаровски со службено возило и обезбедување го посетил штабот на СДСМ во Штип, реагираат од Кабинетот на претседателот.
Според нив, Пендаровски е актуелен претседател на државата и за него важат посебни прописи за заштита на личноста.
„Посебните правила се уредени во Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување, донесена од Владата, согласно со Законот за полиција, уште во 2014 година“, велат од таму.
Велат дека овие правила важат за целото време на извршување на функцијата и нагласуваат дека согласно со член 8-б, став 1 од Изборниот законик, овие правила за Претседателот важат и за време на изборната кампања.
„Потсетуваме дека Претседателот на државата не е член на ниту една партија и е подготвен да има средба со секоја политичка партија доколку има такво барање или покана, како што практикува од стапувањето на должноста во 2019 година“, додаваат од Кабинетот на Пендаровски.