Кабинет на Иванов: Сертификатите за новинарите се поради постоење на висок ризик за генерирање лажни вести и протек на информации

by Fokus

Откако претседателот на ЗНМ, Насер Селмани денеска на прес-конференција истакна дека советници на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов терале новинари да потпишат дека ќе молчат, со експресна реакција се јавија од Кабинетот на шефот на државата.

Иванов, преку соопштение ја демантира изјавата на претседaтелот на ЗНМ, Селмани посочувајќи дека тој е погрешно информиран.

Според кабинетот, врз основа на деловникот за работа на Советот за безбедност седниците во определени случаи можат да бидат јавни. Стручни лица, наведуваат, може да учествуваат во работата на Советот, односно Советот за безбедност може да формира работни тела за разгледување на прашања сврзани со безбедноста и одбраната.

– Во процесот на спроведување на итните реформски приоритети врзани за прашања за безбедноста, но и законската обврска на Претседателот на Република Македонија да ја донесе стратегијата за одбрана, Советот планира активности во кои сметаме дека треба да бидат вклучени и стручни лица – новинари. Согласно законските одредби за работа за класифицирани податоци, новинарите треба да имаат издаден безбедносен сертификат од надлежен државен орган, ДБКИ. Во планираните активности очекуваме од новинарите да дадат сугестии за начинот на информирање на јавноста за подигнување на свеста и безбедносната култура за работа со класифицирани информации заради постоење на висок ризик од генерирање лажни вести и планиран протек на информации, што врши ерозија на институциите – се наведува во реакцијата од кабинетот на Иванов.

 

Поврзани новости