Актуелното парламентарно мнозинство и оваа владина коалиција, цврсто се решени да ги надминат отворените прашања кои нè блокираат на нашиот европски пат, а со тоа дефинитивно да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ, порача претседателот на Собранието, Талат Џафери на воведното обраќање на 13-тата Конференција на Парламентарните комисии за европски прашања/интеграции на државите опфатени во процесот за стабилизација и асоцијација од ЈИЕ – Косап.
Според Џафери за реализирање на реформскиот процес и планот 3-6-9, потребно е и учество на опозицијата.
–Точно дека мнозинството ја носи најголемата одговорност, точно е дека мнозинството мора да создаде услови за опозицијата да може слободно и демократски да ги артикулира своите интереси, но притоа и опозицијата мора да преземе дел од одговорноста за целокупната состојба, како во државата, така и во остварувањето на европската иднина. Мислам дека кај нас, а и во целиот регион, кога сме во опозиција како да забораваме на сопствената одговорност. Верувам дека и оваа „детска болест“ брзо ќе ја надминеме – додаде Џафери.