Ќе го окупираме Универзитетот, ако треба!

by Fokus

Во последните четири месеци, Студентскиот пленум организираше неколку протести против воведувањето на државниот испит на факултетите и новите законски измени во високото образование. Иако владата и Министерството за образование постојано ги игнорираат и ги протнаа спорните законски измени во Собранието, сепак студентите успеаја да покренат критична маса и да разбудат поширок граѓански отпор против образовните реформи. Анастасија Петревска, студентка на Филолошкиот факултет, и Владимир Делов, студент на Правниот факултет во Скопје, се меѓу активистите на Студентскиот пленум. За „Фокус“ говорат за идејата за создавање на ова движење, за ефектот од студентските протести, за етикетирањето од премиерот и од медиумите, како и за идните планови на студентската борба за автономија на универзитетот

ФОКУС: Пред воведувањето државни испити, честопати бевте цел на напади поради вашата неактивност, заспаност и незаинтересираност да се соочите со лошите владини реформи во образованието. Што беше причина за тоа?

ПЕТРЕВСКА: Во Македонија има генерален проблем со ниската политичка свест и општествен ангажман, не само кај студентите, туку општо кај сите граѓани. Делумно, тоа беше проблемот за нашата првична неактивност и пасивност, како што нѐ обвинуваа дел од медиумите. Да речеме дека проблемот со екстерното тестирање или т.н. државен испит беше капката што ја прелеа чашата и што нѐ натера да почнеме малку повеќе да се ангажираме за прашањата што нѐ засегаат.

ФОКУС: Од каде потекна идејата за формирање на Студентскиот пленум?

ДЕЛОВ: Иницијатори за создавање на Студентскиот пленум беа студентите од Филозофскиот и од Филолошкиот факултет.

ПЕТРЕВСКА: Првата идеја за тоа движење се случи по проекцијата на еден филм. Се отвори една дискусија, што можеме ние да направиме во општество во кое се прават проблематични реформи? Кои се механизмите со кои ние можеме да учествуваме во донесувањето на законите и како би можеле да го искажеме нашиот револт, а тоа да биде конструктивно? И така дојдовме до идејата да направиме собир од отворен тип. Не знаевме дали воопшто има некаков интерес кај студентите.Така дојде до првиот собир на платото кај УКИМ, каде што се собраа околу 150 студенти, што беше бројка од која бевме изненадени.

ФОКУС: Тој собир се случи токму тогаш кога бевте нападнати дека сте се пишманиле и не сте го одржале протестот!

ДЕЛОВ: Точно. Тогаш во медиумите излегоа наслови дека студентите се пишманиле, иако тоа не беше закажан протест, туку еден од нашите први собири, за да видиме дали има заинтересираност и колку студенти ќе се соберат. Конкретно, бројката на првиот пленум беше добар знак дека веќе добар дел од студентите се подготвени да придонесат за решавање на студентските проблеми. Во недостиг од легитимно студентско тело и незапознаеност со работата на студентските тела на факултетите, студентите решија да се самоорганизираат за своите прашања.

ФОКУС: И решивте да протестирате?

ПЕТРЕВСКА:Тоа беше многу продуктивен собир. На почетокот се собиравме на јавни пленуми, а подоцна се формираа осум–девет интерни гранки на пленумот, на Правниот, Филозофскиот, Филолошкиот и на техничките факултети. Сите тие имаат одделни собири и потоа координаторите од секој пленум се собираат на еден состанок, за да решат што понатаму.

ФОКУС: На улица излеговте над 10.000 студенти, средношколци и професори?

ДЕЛОВ: Очекувавме висока бројка, но не до толку. Кога на првиот протест го видовме платото на УКИМ полно со студенти, на сите ни паднаа вилиците надолу од изненадување. Бевме пресреќни што добивме поддршка и тоа што студентите се свесни за ситуацијата во која се наоѓаат, бидејќи тоа беше главниот мотив тие да излезат и да се изборат за своите права.

ФОКУС: Сепак, протестите не сменија ништо, а Владата и Министерството за образование цело време ве игнорираат?

ПЕТРЕВСКА: Можеби на сите им изгледаше дека нашата директна цел беше да се повлече законот и ние против тоа ќе продолжиме да се бориме. Меѓутоа, ние имаме и една посредна цел, а тоа е стимулирање на критичката мисла кај нашата генерација и мислам дека делумно успеавме во тоа. Поради тоа инсистираме на хоризонтална структура, без лидер, за да може секој да го каже своето мислење. Сакаме да предизвикаме секој студент да се чувствува одговорен и засегнат, да не се води постојано по некој лидер, туку самиот да донесува одлуки.

ДЕЛОВ: Тука се постави прашањето, ако не ти – кој, ако не сега – кога? Ние со нетрпение чекавме да ги поставиме идните постулати на нашата иднина. Значи, ние верувавме дека можеме да успееме во ова, дека луѓето се спремни да го изразат своето незадоволство. Во однос на прашањето дали сме постигнале нешто, сметам дека постигнавме голем успех со таа ситна промена во општествената матрица, според која, наша е одговорноста за создавањето на иднината што ние треба да ја живееме.

ФОКУС: Позитивно во целата приказна е што вашата енергија ги раздвижи повеќето незадоволни граѓани. Им влеавте надеж на луѓето.

ДЕЛОВ: Ние сакавме да бидеме една поинаква рефлексија во општеството, да бидеме антипод на стравот. За нас стравот не беше ограничување, ние го заслепивме стравот со тоа што покажавме дека знаеме и умееме да бидеме храбри и со тоа што покажавме дека сме автентични, натпартиски и надрелигиски. Се обидовме да го промениме политичкиот дискурс во општеството, каде што ненужност е да се почитува автократскиот принцип на владеење, односно носење закони, без притоа да се консултираат луѓето засегнати од тие закони.

ПЕТРЕВСКА: Во исто време, сакавме да го тргнеме табуто од тоа што значи да се занимаваш со политика и поистоветувањето на политиката со партијата. Сметаме дека протестот е политички чин и во едно општество не може никој да си дозволи да не се занимава со политика. Сѐ е политика. Навистина мислиме дека е потребно луѓето да се повеќе вклучени во политичките процеси во општеството, за да можат да бидат активни чинители, а не само жртви. taa 01 ДА ГИ РАСПУШТИМЕ ФАКУЛТЕТИТЕ И МИНИСТЕРОТ ДА ДАВА ДИПЛОМИ

ФОКУС: Каква штета на високото образование ќе му донесат новите законски измени и државниот испит?

ПЕТРЕВСКА: Поимот автономија, по толку многу спомнувања во медиумите, мислам дека станува истрошен. Меѓутоа, не знам колку луѓето се свесни дека тоа е идејата што овозможува Универзитетот да биде критичко јадро. Без автономија, немаме прогресивност во општеството. Незамисливо е извршната власт да се меша во работата на Универзитетот. Овој закон ќе доведе до немање слобода во правењето на наставно-научните програми, што е незамисливо за високото образование. Тоа го нема никаде во светот.

ФОКУС: Власта вели дека државен испит се полага во повеќе европски земји, па зошто да нема и кај нас?

ПЕТРЕВСКА: Владините службеници постојано цитираат други земји, други образовни системи, каде што има државен испит, каде што е сето тоа нормално. Меѓутоа, никаде во светот нема таков државен испит на начинот на кој владата сака да го направи тоа во Македонија.

ФОКУС: Што е спорно во законот, што може да биде погубно за високото образование?

ПЕТРЕВСКА: Ќе биде погубно, не само од суштински, туку и од технички аспект. Едноставно решението е неизводливо. Некои делови од членовите што се наоѓаат во новиот закон за образование се смешни. Незаконски ќе биде ако оној што испитува се задржи повеќе од пет секунди до студентот што е испитуван. Што ако се задржи шест секунди, дали тогаш можам да го тужам? Не разбирам. Ние сметавме дека државниот испит е нашиот најголем проблем, но понатаму, кога цело време се додаваа членови на законот, се согласивме да не го признаваме законот, дека сме изричито против него. Во него се предвидува и затворска казна за деканите, глоба од 30.000 евра за професорите. Проблематични се многу членови од законот и ние мораме да се бориме против тоа.

ДЕЛОВ: Универзитетот нема да ја игра улогата на универзитет со најновите законски измени во високото образование. Истите законски интервенции го донесоа универзитетот до таа ситуација, тој да биде веќе изнемоштен од реформи. Се поставува прашањето дали државата ќе ја има улогата на издавањето дипломи? Доколку државата го има тоа право, нужни ли ќе бидат партиски органи за издавање на дипломите? Со законот не се исполнува основната теза, дека ваквиот начин ќе го подобри високото образование. Не одговорија на прашањето како преку овие законски измени ќе се подобри квалитетот на образованието.

ФОКУС: Па, еве, премиерот тврди дека со државниот испит нема веќе да се купуваат дипломи, а знаењето ќе биде основен услов за дипломирање.

ПЕТРЕВСКА: Ако единствен аргумент е тоа, дека јавна тајна било оти секој можел да добие диплома или дека се купуваат дипломи, што покажува тоа? Тоа само покажува дека државата не ги гонела кривично тие што продаваат дипломи. Тоа значи дека сега сите правиме договор оти нема да казнуваме криминал, туку ќе воведеме колективна казна за сите, што е незамисливо. А со сите тие што досега купиле дипломи не правиме ништо. Апсурдно! Ја лекуваш последицата, а не причината.

ФОКУС: Но, сега факултетите ќе треба речиси за сите свои активности да добиваат „амин“ од министерот за образование?

ПЕТРЕВСКА: Ќе биде потребен и потпис од Одборот за акредитација и евалуација, кој ќе биде избран од министерот за образование буквално за секоја програма во високото образование. Амин ќе треба да се добие од МОН за сѐ што се случува на факултетот. Исто така, ќе се полага тест направен од министерот пред да се добие диплома. Јас мислам дека сега слободно можеме да ги распуштиме факултетите. Зошто да учиме кога можеме да отидеме во Министерството, да одговориме на пет квиз-прашања и да добиеме диплома? Во таква ситуација Универзитетот нема потреба да постои.

ДЕЛОВ: И уште понатаму ќе ги акредитираме универзитетите во чии квалитети се сомневаме и кои издаваат дипломи на студенти под ракав, само за пари!? А вината е секогаш само во студентите, нема соучесници. Државата станува монопол на издавање дипломи.

ФОКУС: Претседателот Иванов, сепак, ги потпиша указите на законите и не стави вето.

ДЕЛОВ: Директниот импакт од ставањето вето ќе беше да се покаже дека државата нема монолитен став за ова прашање. Но, тоа се покажа индиректно, со тоа што претседателот претходно укажа дека е потребен нов закон за високо образование, кој ќе се донесе со консултирање на засегнатите страни. Значи, на тој начин тој се обиде да го амортизира ударот врз владата. Тоа отприлика би одело вака – „да имате несогласување со комшијата и сопругата да дојде да ви рече, злато извини, не си во право“. Тој го амортизираше тоа на негова лична штета.

ФОКУС: Ве разочара ли претседателот како државник, а, пред сѐ, како професор?

ПЕТРЕВСКА: Јас искрено не се надевав дека ќе стави вето на спорните законски реформи, меѓутоа сметавме дека средбата со него беше еден од чекорите кој моравме да го преземеме, чисто за да ги исцрпиме институционалните методи, пред да одиме понатаму. Неговиот одговор беше смешен. Јас ќе постапам како државник, а не како професор. Јас лично мислев дека, ако веќе постапува како државник, тогаш требаше да му текне дека државниците го почитуваат Уставот и законите. Тој не го направи тоа.

ДЕЛОВ: Сите сакаа тој да не го потпише законот, односно да стави вето. Но, сите потајно беа убедени дека претседателот ќе го потпише законот. Доколку неговите заложби да се направи нов закон не останат празна флоскула, јас лично би го променил ставот околу целата негова заложба.

ФОКУС: Симболично го погребавте високото образование, но не се откажувате од борбата?

ДЕЛОВ: Собранието стана место на злосторството бидејќи таму се убива автономијата на универзитетот, односно се гласа против неа, иако е уставно загарантирана. Таму внатре се луѓето што гласаа против Уставот. Какви народни избраници се тие? Дали треба да се почитува законот, кој е противуставен? Со тие две прашања се соочува Студентскиот пленум во овој момент.toj 02ЕТИКЕТИРАЊЕТО Е ВЕЌЕ ДЕМОДЕ ПОЛИТИКА

ФОКУС: Во борбата на Студентскиот пленум му се приклучи и Професорскиот пленум. Ви помогнаа ли професорите во битката или само ви одмогнаа?

ДЕЛОВ: Има една поинтересна приказна за Професорскиот пленум. Меѓу нас студентите и по четири месеци не се покажа дека има различен став кон државниот испит. А кај професорите веднаш се појавија контраши. Се појави поделба за ова прашање, нешто што ние како Студентски пленум не го доживеавме. Со тоа може да му се нанесе директна штета на Студентскиот пленум, не однатре, туку однадвор. Според мене, личната заложба на професорите е искрена и тие би сакале да им помогнат на студентите.

ПЕТРЕВСКА: Јас искрено се израдував на формирањето на Професорскиот пленум, бидејќи повеќето од професорите што се таму мене ми предаваат и се прекрасни луѓе. Тие ја сакаат својата професија и не заслужуваат таква деградација.

ФОКУС: Вие ли требаше да бидете тие што ќе ги разбудите да излезат на улица и да го кренат својот глас, бидејќи години наназад молчат и трпат понижување и деградирање?

ПЕТРЕВСКА: Дефинитивно е така. Тие 300-400 професори сами го кажуваат и ни го признаваат тоа. Проблемот е што ние Професорскиот пленум го гледаме како симбол, општо добро за професорската фела во Македонија. Меѓутоа, и понатаму има професори кои се пасивни, се кријат и не заслужуваат да го носат тоа име. Според мене, многу беше важно да се слушне нивниот глас, а дефинитивно многу полесно беше да се извалка нивното име и некои го искористија тоа. Многу од нив се јавни личности, имаат минато зад себе. Дури многу од нив и да не сакаат толку јавно изложување, да сакаат да останат во сенка за да можат други колеги да се истакнат, не можат да го направат тоа бидејќи се препознатливи. За разлика од нив, ние сме чисти. Претпоставувам дека ни останува да бидеме самостојни, ама не можеме да се одделиме едни од други бидејќи ја водиме истата битка.

ФОКУС: Не сметате ли дека вие ги засрамивте професорите почнувајќи ја битката што тие требаше да ја почнат одамна?

ДЕЛОВ: Значи, во овој момент ние имаме иста битка, нели секогаш заедно сме посилни? Но, за понатаму, здраво би било да имаме и спротивставени ставови.

ФОКУС: Премиерот Груевски постојано ве обвинува дека опозицискиот СДСМ и СОРОС ве злоупотребиле и ве искористиле за да ја истераат својата агенда за уривање на оваа власт!

ДЕЛОВ: Мислам дека тоа го зголеми гневот и ги охрабри студентите уште помасовно да се приклучуваат на протестите, бидејќи цело време беа омаловажени и понижени од премиерот, иако сите тие обвинувања упатени на наша сметка не беа точни.

ПЕТРЕВСКА: Од една страна нѐ етикетираат, а од друга нѐ игнорираат. Постојано велат „Не знам зошто студентите протестираат“ и „Само 3.000 студенти имаше“. Во дел од медиумите воопшто не кажуваат што се случува, дека има протести, па затоа не е чудно до каде е дојдена ситуацијата со слободата на медиумите. Навикнати сме на тоа, а, од друга страна, тоа делумно ни помогна бидејќи во недостиг од аргументи, сѐ што можеш да направиш е да етикетираш. А луѓето веќе се изморени од тоа и многу лесно беше да се разобличи таквата политика бидејќи се виде дека нашата цел беше навистина чиста.

ФОКУС: Провладините медиуми постојано ве етикетираат како партиски војници, ве заокружуваат со црвен фломастер, ве пребројуваат.

ДЕЛОВ: Покажавме дека етикетирањето е веќе демоде политика и дека е контрапродуктивно.

ФОКУС: Има ли „вмровци“ меѓу студентите?

ДЕЛОВ: Многу ми е драго што полека почнавме да ја разбиваме таа фиксација во однос на партискиот и личниот став. Меѓу колегите во подмладокот на партијата на власт се јави став дека ние навистина немаме опозициски и партиски мотиви и не сме партиски инструирани. И тие го почитуваат тоа. Дури и самите сметаат дека државниот испит е глупост. Не сакаме нашите поддржувачи да ги гледаме како партиски членови, ние сакаме во нашето општество да спроведеме борба на концепти, односно да одлучува тежината на аргументите што навистина би ни изградило подобро утре.

ПЕТРЕВСКА: Ние ги охрабруваме луѓето од секаков политички профил да се придружат кон ваквиот начин на изразување револт кон одредена политика. Не нѐ интересира дали некој што дошол на протестот е од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, СОРОС или кој и да е, туку единствено што треба да биде релевантно за да учествуваш во таков политички акт е прашањето, мерката што се обидуваме да ја смениме. Треба да се смени мислењето дека, ако сме од ВМРО, тогаш треба да бидеме за секоја нивна реформа или ако сме од СДСМ, треба да бидеме против секоја нивна реформа.

ФОКУС: Но, постојат и ваши колеги кои го поддржуваат воведувањето државен испит на факултетите. Се појавуваат на телевизија, се сликаат…

ДЕЛОВ: Не би навлегол во лични дисквалификации. Тие студенти што се појавуваат по провладините медиуми стануваат препознатливи, но ние лично не ги познаваме. За разлика од нив, ние не сме инструирани да кажуваме нешто што не го мислиме со своја глава.

ПЕТРЕВСКА: Сите оние што излегуваат да дадат изјави по медиумите со поддршка за овие реформи, вклучително и од Министерството и од владата, постојано го мантраат тоа дека реформите ќе го подобрат квалитетот на високото образование. Тоа не е никаков аргумент. Тоа дополнително треба да се разгледа и да се поддржи со факти. Каде се анализите, каде на хартија има некаков заклучок од некаква анализа која вели дека ова навистина ќе го подобри образованието. Не постои такво нешто.toj 01УНИВЕРЗИТЕТОТ Е НАШ, НЕ Е НА ВЛАСТА

ФОКУС: По Професорскиот пленум се појави и професорски контрапленум.

ПЕТРЕВСКА: Јас искрено не ни ги знам кои се тие луѓе од контрапленумот, освен Тања Каракамишева. Мене никој од нив не ми предава и не ни ги познавам.

ДЕЛОВ: Мислам дека тие професори своето однесување ќе го платат со немање почит од студентите. А, тоа е нешто што чини многу, нешто скапо. Во политиката сметките стигнуваат со задоцнување, ама, сепак, стигнуваат.

ФОКУС: Најавивте дека ако се изгласа законот, ќе бојкотирате, ќе  блокирате и ќе окупирате?

ПЕТРЕВСКА: Сѐ уште сме во фаза на координација. Ако треба ќе биде и порадикално, односно ќе го окупираме Универзитетот. Факт е дека кај нас веднаш почнуваат да се формираат контрапленуми, контраштрајкови. Може да ни ја украдат идејата за да ја уништат или да ја спречат. Поради тоа, не сакаме да откриваме сѐ во детали. Сигурно ќе биде порадикално, бидејќи досега ги истрошивме сите други механизми. Колку и да се масовни протестите, власта ги игнорира.

ДЕЛОВ: Дефинитивно ќе направиме нешто. Сметам дека се наоѓаме пред нов предизвик, а тоа е да ги сплотиме студентите, да бидеме едногласни и меѓу другото да бидеме порешителни и спремни да дадеме жртва. Да не бидам сфатен погрешно, дејствувањето на студентите е секогаш ненасилно.

ФОКУС: Кога ќе се случи тоа?

ПЕТРЕВСКА: Па, во скоро време. Некаде на почетокот од февруари. Многу интересен момент е тоа дека сѐ што презема власта, го прави за време на испитна сесија, кога студентите се најзафатени, потоа за време на празници, што на некој начин гарантира дека револтот нема да биде искажан.

ДЕЛОВ: Завршуваат испитните сесии, студентите се будат од зимскиот сон, така што во најскоро време ќе реагираме. Ние бевме спремни да го искажеме револтот, не сме заморени, но постојат временски ограничувања што ни се наметнати, а власта гледа по секоја цена да го избегне отпорот кога носи закони. Па, видете сега, колку е тоа кукавички и „државнички“. Во моментов треба да видиме дали сите студенти се спремни да ја дадат потребната жртва и истрајност во оваа борба.

ФОКУС: Се појавивте и пред Собранието кога се изгласаа спорните законски измени. Додека вие извикувавте „не“, пратениците му дадоа зелено светло на законот.

ДЕЛОВ: Ни беше битно тој ден да бидеме присутни пред Собранието, да знаат дека сме надвор и дека нема да седиме со скрстени раце.

ПЕТРЕВСКА: Тој перформанс беше симболичен. Бевме свесни дека колку и да се собереме, колку и да урламе и да чекаме, тие законот секако ќе го донесат. На Комисијата за образование одредбите поминаа во три часот наутро. Сметавме дека треба да се појавиме за да им покажеме дека ова не е крајот, иако бевме свесни што ќе направат.

ФОКУС: И, сега, ќе ја бојкотирате ли наставата?

ПЕТРЕВСКА: Само едно ќе кажам, Универзитетот е наш, не е на власта.

ДЕЛОВ: Во план е држење академски час на факултетите, алтернативна настава, панаѓур…

ФОКУС: Дали откако го кренавте својот глас, вие и вашите семејства се соочувате со некакви притисоци и закани?

ДЕЛОВ: Една од одликите на авторитаризмот е дека ти можеш да зборуваш што сакаш, ние законите ќе си ги донесеме и ќе ги спроведеме како што ние сакаме. Во овој момент не сме под закани или притисоци.

ПЕТРЕВСКА: Јас лично не трпам никакви закани и притисоци, но постои одреден став кај луѓето и дел од нив постојано ни велат – зошто се буните, што ќе постигнете, утре нема да можете работа да најдете. Сето тоа ни кажува за општата ситуација во Македонија и за стравот што владее, а од друга страна слушаме дека пред протестите, луѓе од студентските домови биле спречени да излезат. Исто така, еден вид притисок е и медиумскиот. Што е етикетизацијата, ако не е притисок.

ФОКУС: Што направи власта со постојаното „реформирање“ на високото образование?

ПЕТРЕВСКА: Премиерот и претседателот треба да си ги земат индексите и да се вратат во студентските клупи, за ние да им одржиме час по државништво бидејќи покажаа незнаење. Ако тоа што го прават не е од незнаење, тогаш мора да е од желбата за контрола. На образованието му треба комплетно нов закон, бидејќи откако оваа гарнитура е на власт, досега законот за високо образование е сменет 15 пати и постојано е во ужасна состојба. Тоа значи дека власта не треба да се амнестира од одговорноста за тоа во каква состојба е денес образованието.

ДЕЛОВ: Јас би направил разлика меѓу ставовите на претседателот и ставовите на премиерот, пред сѐ, поради тоа што претседателот е професор на катедрата каде што учам јас. Сметам дека доколку тој се држи до своите заложби за нов закон, сепак ќе го обели својот образ пред своите колеги и студенти.

ФОКУС: Доволно ли е само еден ден Груевски и Иванов да бидат студенти, за да видат како е во денешно време да се биде студент?

ДЕЛОВ: Треба само еден ден да бидат студенти, бидејќи јас не верувам дека ниеден од нив двајцата не би сакал да биде дел од студентските домови, кои имаат затворски услови. Дури и затворите се подобро опремени и имаат подобри услови од студентските домови. Не знам за затворската храна, не сум бил во затвор, меѓутоа во мензите каде што се хранат студентите е очајно. Студентскиот стандард е опаднат.

ПЕТРЕВСКА: А да не зборуваме дека владата издвојува ужасно малку пари за универзитетот. Освен платите на професорите и асистентите, универзитетот комплетно се само финансира.

ДЕЛОВ: Да бидеме реални, тоа го турка универзитетот во амбис.

ФОКУС: Студентскиот лидер еднаш изјави дека не е време за протести. Тој е ставен таму за да ги брани правата на студентите, а наместо тоа, тој излегува со поддршка за власта.

ПЕТРЕВСКА: Токму поради тоа се роди идејата за студентска самоорганизација. Не знам дали Студентскиот парламент некогаш во историјата на УКИМ бил функционален. Малку од студентите знаат што е СПУКМ, малку од нив знаат дека даваат пари во фондот за студентскиот парламент, а тоа не резултира со никаков напор да се подобри студентскиот живот. Страшно и срамота е никаде да не се појави студентскиот лидер, а треба да се бори за студентските права. Тој нема направено баш ништо во историјата на неговата функција. Тој не е легален лидер, истечен му е мандатот.

ДЕЛОВ: Јас не го сметам за лидер воопшто. Според мене, студентските тела не треба да имаат партиска заднина. Се надевам дека во иднина студентите ќе бидат таа брана што ќе го оневозможи тоа. Ние треба да им поставиме граница и да им кажеме дека тие се извршители на нашите барања, а не на власта.taa 02

НЕ СМЕЕМЕ ДА ЗАСТАНЕМЕ

ФОКУС: До кога ќе ја водите битката?

ДЕЛОВ: Многумина од студентите, донесувањето на овој закон го доживеаја како пораз и како крај на студентската битка. Ние чувствуваме општествена одговорност дека треба да продолжиме со тоа што сме почнале да го правиме и дека во никој случај сега не е моментот да застанеме.

НЕВОЗМОЖНО Е ДА СЕ ОБЈАВУВААТ ТОЛКУ НАУЧНИ ТРУДОВИ

ФОКУС: Дали овие законски измени во високото образование се со цел да се избркаат од работа неподобните професори?

ПЕТРЕВСКА: Јас не би знаела да кажам дали законот ќе има такво влијание. Одредбите што се однесуваат на објавувањето научни трудови со импакт-фактор сега ќе се одразат врз повеќето професори бидејќи физички е невозможно да се објавуваат толку трудови, а со таков временски рок и со недостиг од пари.

Поврзани новости