Организацијата на работодавачи на Македонија и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) вчера се договорија да формираат работна група која ќе го формулира точниот текст на измените на општиот колективен договор за приватниот сектор. Заклучокот од преговорите е дека оваа година ќе се исплати К-15, но фирмите за кои ќе се утврди дека се во лоша финансиска состојба нема да го исплаќаат регресот.
-Партнерите констатираа дека правото на регрес за годишен одмор останува за работниците од приватниот сектор, со тоа што истото би било поврзано со членување во синдикат, а во одредени случаи би се утврдила и можноста при исплатата да се земе предвид економско-финансиската состојба на работодавецот, за што задолжително се прави посебен договор со синдикатот на ниво на работодавач, по предходна согласност од синдикатот на повисоко гранско ниво, односно дејност, се вели во заедничко соопштение на ССМ и на Организацијата за работодавачи.
Претходно, претседателот на ССМ, Живко Митревски изјави дека исплата на К-15 стои во општиот колективен договор, но за модалитетите можело да се зборува.