Јубилејната турнеја на ,,Нокаут” го разубави ова лето: Со Џамбазов имаме флиуд, а со бендот сум подолго отколку со моите родители!

by Фокус

Кога се во прашање убавите настани кои се случуваат периодов во земјава, не може, а да не се спомнат концертите на култната група ,,Нокаут”, односно нивната мини турнеја по повод 25 години на македонската музичка сцена. Никола Перевски – Пере, кој е основач на бендот заедно со останатите момци од ,,Нокаут” е синоним за добра забава, за еден вид на музичко патување низ времето, без кое не поминуваат нивните концерти.

Изминативе месеци, во повеќе градови донесоа добро расположение одбележувајќи го јубилејот, а нивната наредна станица, утре вечер е Демир Капија, во уникатниот амбиент на угостителскиот локал ,,Вердисо”, кој летово стана редовна дестинација на квалитетни музичари од земјава и регионот. Со нив ќе настапи и Игор Џамбазов, со кого неретко ја делат истата сцена, а за нивниот спој, реакциите од публиката се секогаш еуфорични.

Околу тоа како дојде до оваа комбинација на сцена, која се покажа како вистински погодок, за нивната соработка и приватни дружби, но и за чувството да се биде движечка машина на ,,Нокаут” цели 25 години, поразговаравме со Никола Перевски – Пере.

Фокус: Колку долго се познавате со Џамбазов, како дојде до првиот заеднички настап?

Никола Перевски – Пере: Првата соработка со Џамбазов беше снимањето на песната “Хотел Македонија” во 1999 година. Од моментот кога прифатив да учествувам на снимањето, па се до денес нашите дружби и соработки не се престанати. Нашата креативна дружба подразбира заедничка работа на песни за други изведувачи, но и официјални заеднички настапи. Како прв посериозен настап би го издвоил Nokaut Unplugged концертот во МОБ од 2007 година, после кој се останато е историја. И тоа одлична историја на заеднички настапи на кои не им ни знаеме број, ниту ние како Нокаут ниту самиот Игор Џамбазов. Новогодишни концерти, безброј хуманитарни настапи, големи концерти, клубски, корпоративни, па и приватни настапи. Едноставно музиката не спои и се уште не спојува.

Фокус: Колку пати сте настапувале на иста сцена, која е енергијата помеѓу вас, како реагира публиката на заедничките настапи?

Никола Перевски –Пере: Како што веќе спомнав, одамна престанавме да ги броиме заедничките настапи, поминати се повеќе од 20 години и не е воопшто лесно да се води статистика. А, и зошто би воделе, кога бројките ни одблиску не можат да го опишат флуидот кој го имаме. Можеш да имаш илјадници настапи, а ниту еднаш да не ја доживееш енергијата која некој ќе ја постигне со само 5-минутен настап. Ние ја имаме среќата да бидеме од оние вторите. Интересно е бидејќи тој секогаш ни се придружува на половина концерт, откако ние како Нокаут веќе сме воспоставиле флуид и сме почнале да ја возиме енергијата онака како што во тој даден момент и со таа дадена публика ни се наметнало. Неговото доаѓање на сцена само ја надополнува таа атмосфера. Никогаш не сме го почувствувале како некој прекин на енергија, како некое интермецо, туку напротив како нужна кулминација која и ние на сцената а и фановите на другата страна и те како ја чувствуваат. Тој премин од Нокаут на Џамбазов тече толку природно, впрочем во голем дел од нашите песни тој има вмешано прсти како текстописец, па верувам дека и тоа игра голема улога.

Фокус: Со турнејата низа Македонија Нокаут одбележува 25 години на сцената, кое е стекнатото искуство од сите овие години, подеми, падови, вредеше ли да се посвети животот на нашата сцена?

Никола Перевски – Пере: 25 години е повеќе од половина од мојот животен век. Имам 44 години и некогаш знам да се пошегувам дека подолго сум со Нокаут отколку со моите родители. Искуството се надевам дека се гледа во самите песни, во нашите настапи и комуникација со публиката. Веќе добро знаеме што сака публиката, кога да го појачаме темпото на концерти и кога да се префрлиме на нешто поемотивно, што ја возбудува, од што и е здодеано, кога е време да се повлечеме и да ја оставиме да здивне од нас. Дали вреди? Секако дека вреди секоја една секунда помината на сцена пред нашите фанови, секоја нота отсвирена во студио со бендот, секоја непроспиена ноќ помината во творење нови песни… Вреди во смисла на духовна сатисфакција, креативна исполнетост, на остварување на некои идеали и желби. А, ако прашањето ви беше дали финансиски вреди, само ќе кажам дека сме светлосни години далеку зад она што во светот важи за профит од музичка кариера.

Вики Клинчарова

Поврзани новости