ЈСП тврди дека има електронски картички, само побарувачката била огромна

by fokus

Изминатиов период граѓаните не можеа да купат неперсонализирани електронски картички за возење во јавниот градски превоз, бидејќи нив ги немаше ниту кај возачите, ниту на продажните места на ЈСП. Сепак, во изјава на Фокус, од ЈСП велат дека електронски картички има во продажба, само побарувачката била огромна.

-Ве информираме дека не е точна информацијата дека нема картички во продажба, туку дека побарувачката е огромна. Затоа ЈСП СКОПЈЕ со целиот свој капацитет, работи да ја исполни побарувачката на електронски картички и да го одржи континуитетот на наплата. Сакаме да напоменеме дека иницијализацијата и дистрибуцијата на електронските картички се врши во три смени, со петпати зголемени капацитети, се со цел да се исполнат сите очекувања и потреби, велат од ЈСП.

Од ЈСП апелираат патниците да купуваат по една картичка и потоа истата да ја надополнуваат, бидејќи согласно нивните податоци од терен, голем дел од корисниците купуваат по две, три и повеќе неперсонализирани картички.

Од први јануари граѓаните можеа да купат електронска картичка по цена од 150 денари со пет гратис возења, но по само една недела, картичките почна да ги снемува и кај возачите и на продажните места. Така, граѓаните кои немаа купено картичка, немаше начин да платат, па без пари се возеа во автобусите.

ЈСП информираше дека од први февруари цената на картичките ќе остане 150 денари, но дека промотивниот период завршил, на новнокупената картичка ќе има две возења.

Катерина Смилева

Поврзани новости