Влатко СТОЈАНОВСКИ
Министерот за транспорт, Александар Николоски, во интервју за „Фокус“ пред околу 3 месеци, говореше и за автопатот кон Блаце, откривајќи дека трасата била прецртана во планински дел, каде речиси половина од делницата, според него, требало да минува низ тунели, додека земјиштето во тој дел, како што истакна, преминало во сопственост на функционери на ДУИ.
Всушност, според него, тоа било направено за време на претходната власт и додека директор на Јавното претпријатие за државни патишта бил Ејуп Рустеми од ДУИ.
–Трасата се поместува низ планината и од 13 километри испаѓа 6 километри да се тунели. И проектираната цена, за која има обезбедено средства од Европската банка за обнова и развој, од 171 милион евра, се качува на 240 милиони евра, или ја креваат вредноста за 70 милиони евра, што ќе го направи најскап автопат било каде во регионот, бидејќи еден километар би чинел 20 милиони евра. Тоа е расипничко трошење пари.
Плус, прашање е дали тој автопат воопшто е изводлив? Прво, дали има компанија што може да изведе 6 километри тунели за 4 години? Јас мислам дека нема, со цела почит кон сите. И второ, со што ќе се спои овој автопат на косовска страна, зашто ако се изгради овој автопат и Косово ќе треба да ја пробива планината и да го спои на постојниот пат. Затоа, одлучивме да направиме ревизија на проектот… рече Николоски.
Притоа, тој упати, како што рече, уште еден предизвик, прашувајќи: „Дали на оваа нова траса, во делот што треба да се експроприра, нови сопственици на земјиштето станале одредени функционери на ДУИ во периодот кога се проектирала трасата?“.
На нашето потпрашање дали има такви информации и за кои функционери станува збор, тој одговори потврдно и изјави: „За врвот на ДУИ“.
Со оглед на тоа што станува збор за сериозни тврдења, се обидовме да ги обезбедиме потребните податоци. Па така, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, испративме барање до ЈП за државни патишта како инвеститор на автопатската делница кон Блаце.
По промената на власта, на чело на јавното претпријатие застана Коце Трајановски, поранешен пратеник кој потоа беше градоначалник на Гази Баба во еден мандат и на Град Скопје во два мандати.
Прво, побаравме информација во која фаза е проектот за изградба на последната делница од автопатот кон Блаце, чија изведба не е започната.
Второ, побаравме скица или визуелен приказ од трасата, која, како што беше соопштено во јавноста, била прецртана низ планински дел, при што од вкупно 13 километри 6 километри се тунели.
И трето, побаравме податоци за катастарските парцели низ кои минува затекнатата траса од новото раководство на ЈПДП.
Во однос на тоа, првично добивме краток одговор дека „во моментот проектот за изградба на автопатската делница Скопје-Блаце 10 км е во завршна фаза и се очекува завршната ревизија од Градежниот факултет да биде доставена до инвеститорот“.
Арно ама, одговорот не го задоволува најголемиот дел од барањето. Односно, тој може да се однесува само на првото од трите прашања, поврзано со текот на постапката. Но, со второто и третото прашање се бараат информации за веќе изготвената траса за која се говори во јавноста и од страна на министерот Николоски и од страна на други претставници во власта.
Дури, и на нивните искази се реферира во барањето, кое е со цел да се добијат податоци низ кои парцели поминува трасата што новото раководство на ЈПДП ја затекнало од нивните претходници, а за која говорат дека е нацртана низ имот кој претходно завршил во сопственост на поранешни функционери.
Со овие аргументи, се жалевме на одговорот од ЈПДП до второстепената Комисија за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, која ја прифати нашата жалба.
Со дата од 08.11.2024 година, Комисијата носи решение со кое ја уважува жалбата, а негативното решение на ЈПДП како имател на информацијата се поништува и предметот се враќа на повторно постапување.
Во образложението, од Комисијата велат дека ЈДПП не постапило согласно Законот.
„Согласно член 3, став 1, алинеја 2 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, информација од јавен карактер е информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно неговите надлежности, а согласно член 10, став 1, алинеја 1, 8, 14, 15, 19, 20, 22 од истиот Закон, имателот е должен да ја информира јавноста со објавување на податоци од негова надлежност, како и за документи кои се однесуваат на актите од надлежноста на имателот“, стои во решението на Комисијата.
Понатаму, во него се додава дека со давање на бараните информации ќе се обезбеди поголема транспарентност и отчетност на имателот на информации за начинот на трошење на јавните пари и ќе се овозможи остварување на јавниот интерес.
Оттука, додава Комисијата, имателот на информации е должен одново да го разгледа барањето, да постапи согласно законските одредби и со соодветно решение да ги достави бараните податоци.
Сепак, и покрај ваквите насоки на второстепениот орган, ЈПДП повторно носи решение со кое одбива да ни ги достави бараните информации, овојпат по спроведување на т.н. тест на штетност.
ШТО СОДРЖИ ТЕСТОТ?
Првата точка се однесува на „утврдување на заштитен интерес“, при што се наведува дека овој заштитен интерес се утврдува со тоа што проектот моментално е во сензитивна фаза, односно во завршна фаза и се очекува завршна ревизија од Градежниот факултет, која се уште не е доставена до инвеститорот.
Потоа, јавното претпријатие извршило проверка дали би имало „штета од објавувањето“ на бараната информација, при што заклучува:
„Во оваа фаза проектот не е конечен и во процесот на ревизија може да претрпи промени. Со доставување на нерелевантни податоци, јавноста би можела да добие нецелосна слика и информација. Откривањето на бараната информација може да го доведе во прашање извршувањето на проектот, а со тоа и стратешкиот интерес на државата. Можната штета што би се нанела на заштитената цел ќе биде поголема од јавниот интерес“.
Исто така, во рамки на ЈПДП била извршена и „проверка дали постои поголем јавен интерес“, па во тој дел се наведува дека потребно е да се почека завршувањето на ревизијата, како и постапувањето на проектантот по можните забелешки, имајќи го во предвид фактот дека проектот е во фаза на ревизија поради што може да претрпи промени.
Од тие причини, односно со цел да не нанесе штета на проектот, јавното претпријатие тврди дека одговорила негативно на нашето барање.
„Не е можен делумен пристап. Преовладува заштитен интерес над јавниот интерес. Штетата што би се нанела на заштитената цел која е од стратешки интерес за државата ќе биде поголема од јавниот интерес доколку се открие информацијата. Не треба да се даде бараната информација“, стои во тестот на штетност спроведен од ЈПДП, врз основа на кој по вторпат го одбива нашето барање за информации поврзани со затекнатата автопатска траса кон Блаце.
Поради ваквата одлука, повторно поднесовме жалба до второстепената Комисија, во која наведуваме дека, од една страна, ЈПДП оценува дека објавувањето на информации за овој проект, во оваа фаза, би нанелo штета врз стратешки државен интерес која би била поголема од јавниот интерес, додека, од друга страна, токму највисоки претставници на власта ја актуелизираа во јавноста темата за автопатот кон Блаце и изнесуваа информации за проектот, кои сугерираа и незаконско постапување на нивните претходници.
Се уште траат временските рокови за одговор по жалбата.
КОМПАНИИ НАМЕСТО ФУНКЦИОНЕРИ
Во меѓувреме, министерот Николоски говореше за овој проект и на собраниска седница за пратенички прашања, на која објави кој го купил имотот каде треба да минува трасата. Меѓутоа, тој не спомена лица, туку компании.
Конкретно, посочи дека компаниите „Јубај 2 Амет“, „Фрукта фрута“, „Кадис холдинг“ и „Атлантик ДООЕЛ“ ги купиле плацовите од физички лица, кадешто е предвидено да поминува трасата на автопатот, а плацовите, според него, биле препродавани дури неколкупати.
–Техничкиот консултант, компанијата „Суец“, што била избрана како техничка поддршка во изведба на автопатот Скопје-Блаце, преку писма го предупредувал поранешниот директор на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, дека трошоците за проектот пораснале од 172 на 240 милиони евра оти двапати се правела промена на проектната документација. Истата компанија предупредува дека тунелите се погрешно проектирани и не се проектирани согласно европските стандарди.
Во последниот документ од „Суец“ од септември годинава испратено до новиот директор Коце Трајановски се вели дека намерно тунелите се погрешно проектирани и не се според европските стандарди. Кога би имало тендер што би го распишал Рустеми, само една компанија може да го добие и да гради такви тунели. Но, ниту јас, ниту Коце, ниту премиерот, ниту ЕБРД не се наивни да финансираат криминал. И овие податоци не ги кажувам јас, туку „Суец“, најголемата компанија што го градела Суецкиот канал – рече тој.
Во однос на тоа, реагираа од опозициската ДУИ на Али Ахмети, од каде соопштија дека самиот Николоски во парламентот рекол дека никој од редовите на ДУИ не купил земјиште на патот Скопје-Блаце, како што претходно обвинувал со недели.
Како што истакнаа од Мала Речица, тој открил имиња на 4 фирми кои, според нив, за свои потреби купиле земјиште во близина на трасата, а ниту една од нив нема ниту една единствена врска со ниту еден функционер на ДУИ.
„Николоски се демантираше себеси и ВМРО-ДПМНЕ. Секојдневните ретерирања на Владата, како за Коридорот 8, така и за автопатот Скопје-Блаце, покажуваат несериозност и леснотија на ширење лажни вести од самата Влада и владините министри без етнички легитимитет. Граѓаните се убедени дека тврдењата на ВМРО и ВЛЕН треба да се земат со голема резерва, бидејќи тие се предомислија за секое прашање и ги негираа нивните лажни обвинувања“, порачаа „интегративците“.
Исто така, треба да се спомене дека во интервјуто за „Фокус“ Николоски рече дека проектантите од ЈПДП под раководство на Рустеми од ДУИ побарале и по брза постапка добиле мислење од Министерството за животна средина, според кое просторот што претставува природна линија од веќе изградениот автопат на Косово кон Скопје треба да се заштити како „еколошки заштитено подрачје“.
–Кога доаѓате од Косово кон Македонија, дел од автопатот поминува низ река. Еден убав автопат, кој изгледа дека е тежок и скап, но во суштина е евтин, зашто не градите тунели и немате експропријација. По секоја логика, зашто границите се вештачка работа и не се дел од природата, автопатот треба да продолжи по истата линија кон Скопје.
Но, проектантите од ЈПДП под раководство на Рустеми од ДУИ побарале мислење од Министерството за животна средина, кое пак по брза постапка им дало мислење дека тој простор треба да се заштити како еколошки заштитено подрачје и сугерираат да се помести трасата – рече тој.
Затоа, го побаравме ова мислење од Министерството за животна средина, но од таму го добивме следниот одговор:
„Ве информирам дека откако ги консултирав надлежните сектори во врска со Вашето прашање, односно Секторот за природа, Секторот за води, Секторот за животна средина и Секторот за просторно планирање, констатирано е дека Министерството за животна средина и просторно планирање нема издадено вакво мислење…“.
Инаку, Фокус“ своевремено ја истражуваше и изградбата на првите 2 километри од автопатот кон Блаце, при што беа презентирани податоци за начинот на кој градежниот гигант АД „Гранит“ го доби и изврши првиот милионски договор за изградба на автопатска делница кон Блаце и потоа доби втор вреден тендер за комплетирање на оваа 2 километарска траса, непосредно пред да го продаде хотелот на Попова Шапка за 55 илјади евра на фирма-загубар со еден вработен.
ЛИНКОВИ:
(АРХИВА) Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?
Опожареното „ауди“ што го возел Груби се поврзува со фирма за осветлување, која купи хотел на Шапка?
Како вицепремиерот Груби управувал „ауди“ А6 старо 2 години, во сопственост на приватна фирма?