Јавното претпријатие за јавни паркиралишта Паркинзи на општина Центар-Скопје од денеска отвора преноќувалиште за бездомни лица во општина Центар коешто ќе функционира за време на екстремно ниските температури.
-Тука ќе овозможиме да ја поминуваат ноќта наши сограѓани кои сега се по улиците. Ќе им овозможиме и пакети со храна за вечера и за појадок и топли напитоци. Преноќувалиштето ќе работи според стандардните процедури за вакви пунктови, од 16 часот попладне до 10 часот наутро. Голем студ ја зафати Македонија. Денеска се најавува дека ќе биде еден од најстудените денови, со темтература од минус 20 степени во Скопје. Луѓе мрзнат надвор, семејства се завеани по села и градови, излизгани се возила по патиштата… За жал јасно е за сите дека поради неодговорните политики на досегашната централна власт државните институции не се во состојба да одговорат на потребите на граѓаните. Институциите мора да работат во служба на граѓаните. Ние во една ваква ситуација, како јавно претпријатие и како општина Центар ќе се обидеме со што можеме да им помогнеме. Повикуваме и сите кои се во можност да отворат вакви преноќувалишта или да помогнат на бездомните граѓани, тоа да го направат, се вели во соопштението на ЈП Паркинзи на општина Центар.