Јовески за кратењето на платите на обвинителите: Најважно е сите да покажеме солидарност

by fokus

Откако судиите преку писмо реагираа дека одлуката на Владата да им се скратат платите за април и мај на 14.500 денари е незаконска, го прашавме републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, дали и обвинителите реагираат на ваквата владина одлука.

-Информиран сум дека и Здружението на јавните обвинители достави реакција до Министерството за правда со слични ставови како и Здружението на судии, ни изјави Јовески.

Сепак, тој вели дека лично за него, кратењето на платите не е проблематично и дека во ваков момент сите треба да бидат солидарни.

-Мој личен став е дека во ова време на вонредна состојба не е од суштествено значење дали платите на јавните обвинители и на судиите се намалени согласно или спротивно на Закон. Најважно е да покажеме сите солидарност и да имаме предвид дека стопанските организации подолго време не можат да ја извршуваат својата дејност.

Исто така во овој период ниту судовите ниту јавните обвинителства не можеа заради состојбата со корона вирусот целосно да ја извршуваат функцијата, всушност и поголем дел од работите ги извршуваа од дома. Според тоа, јас, имајќи ги предвид околностите во кое се наоѓа стопанството, правосудството и општо државата, поаѓајќи од принципот на солидарност, сметам дека е основано временото намалување на платите, изјави Јовески за „Фокус“.

Во Законот за платите на јавните обвинители, во член 2, став 2, јасно пишува дека платите не можат да бидат намалени со закон или одлука на државен орган.

И судиите денеска реагираа дека кратењето на платите не може да се направи со одлука на Влада.

-Доколку се имаат во предвид одредбите од Законот за плати на судиите и тоа чл.2 ст.2 од истиот дека платата на судијата не може да биде намалена со закон или со одлука на државен орган произлегува дека намалувањето на платите со Уредбата со законска сила претставува интервенција од страна на Владата на РСМ- извршната власт во платите на судиите која не е дозволена со закон, напишаа судиите, кои додаваат дека се спремни доброволно да одвојат дел од своите месечни примања.

Валентина Вурмо

Поврзани новости