Собрани потписи за свикување на Собранието, нема поддршка од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

by Frosina Fakova

Триесетина пратеници од СДСМ, НСДП, независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците, Алтернатива и ДПА се потпишани на иницијативата на пратеничката група на СДСМ за свикување седница на Собранието на која би се потврдиле двете одлуки на претседателот на државата за прогласување вонредна состојба во државата од по 30 дена поради пандемијата со Ковид-19. Иницијативата ќе биде поддржана и од Беса. Оваа иницијатива на СДСМ нема поддршка од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, ниту од ДУИ, која, сепак, остава простор најнапред да ја види иницијативата па конечно да се изјасни.

Претседателот на Парламентот Талат Џафери исто така чека да ја види иницијатива откако таа и формално ќе биде доставена до Собранието и до него, па да даде свое мислење. Претходно во неколку наврати тој истакна дека самораспуштениот Парламент не може повторно да се состане.

Иницијативата до Собранието и до претседателот на Парламентот ќе биде доставена утре. Сметаат дека е потребно одржување на ваква седница и доколку е потребно свикување на Собранието и за други прашања, повикувајќи се на неговата надзорна улога, особено во вакви вонредни и кризни состојби.

Врз основа на тоа, седницата би имала две точки на дневен ред – првата е за свикување на седница за потврдување на одлуките на претседателот Стево Пендаровски за продолжување на вонредната состојба, а втората за ставање на Собранието во функција по потреба.

Се разгледуваат и се размислуваат повеќе начини за одржување на една ваква седница, и како тоа би можело да се организира електронски или, пак, во голема сала со Купола се со цел да се запазат превентивните мерки за заштита од ширење на коронавирусот.

Собранието се самораспушти на 16 февруари со 108 гласови „за“ заради одржувањето на предвремените парламентарни избори на 12 април. Изборите беа одложени поради пандемијата со Ковид-19.

Поврзани новости