Откако Африм Гаши побара од премиерот Зоран Заев меѓународна истрага за неколку судски случаи како “Монструм”, “Диво Насеље”…, како еден од условите за влез во Владата, побаравме став од републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Односно го прашавме како го коментира политичкото мешање во обвинителската и судската работа, која треба да биде независна.
-Јавното обвинителство не коментира изјави дадени од политичари во врска со предмети од наша надлежност.
Јавното обвинителство постапува стручно и неселективно по сите предмети, врши сеопфатни истраги и професионално ги прибира материјалните и вербални докази во предметите во кои постапува, тргнувајќи од целта – да се гони криминалот и сторителите да одговараат согласно законот, ни изјави обвинителот Јовески.
Во таа насока, како што додава Јовески, неопходно е процесите да се одвиваат според законските одредби и меѓународното право.
-Судските постапки за одредени постапки (за кои постои интерес во јавноста и до сега) се мониторирани од определени меѓународни организации. Покрај тоа по исцрпување на правните лекови во земјата, незадоволната странка може да поведе постапка пред Европскиот суд за човекови права.
Обвинителството е подготвено, како и досега, врз основа на закон да соработува со меѓународни организации и да ги спроведува одлуките на Европскиот суд за човекови права, вели Јовески.
Валентина Вурмо