„Она што е неопходно, не заради Брисел, е носење на нов закон за јавно обвинителство, но ќе подвлечам, квалитетен и издржан закон, а не решенија кои ќе бидат резултат на дневнополитички договарања. Подобро да не се донесе закон отколку да се изгласа закон со вакви решенија.“
Оваа изјава на државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, од 24 декември 2019 г., е причината преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти денешната средба на пратеничките групи во Собранието со министерката за правда, Рената Дескоска, додека не им се исполни барањето Јовески да присуствува на состаноците.
Текстот на законот што сега е на масата за преговори е доставен од власта до ВМРО-ДПМНЕ на 12 декември 2019 г., од што Милошоски влече заклучок дека изјавата на Јовески од 24 декември се однесува на него.
„360 степени“ го праша обвинителот Јовески што мисли за барањето на опозицијата за негово присуство на средбите, но и што мислел со изјавата што ја цитираше Антонијо Милошоски. Обвинителот вели дека дадената изјава се однесува на предлогот за вградување на политички решенија во изборот на обвинител кој ќе раководи со едно од обвинителствата.
„Веќе се изјаснив дека ако се отвори стручна расправа и ако бидам повикан, ќе учествувам на расправата, а во политичките договарања за донесување на законот не му е местото на јавниот обвинител на Република Северна Македонија. Тогаш дадената изјава се однесува на интенцијата за вградување политички решенија во текстот на законот, особено во постапката за избор на обвинител кој ќе раководи со едно од обвинителствата. Бев член на работната група што го изработи текстот на законот, кој беше разгледан и во обвинителството и сметам дека тој обезбедува професионално и самостојно обвинителство“, вели Јовески за „360 степени“.