По заканата на обвинителката Вилма Русковска дека ќе отвори финансиска истрага за судиите од Апелација кои ја пуштија Катица Јанева во домашен притвор, и скандалозната СМС порака дека „ судиите ќе ги извади од гаќи“ кои одлучувале, со реакција се јави и републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Тој вели дека ги почитува судските одлуки, но се обиде и да ја оправда Русковска.
-Јавното обвинителство на Република Северна Македонија ги следи реакциите по донесената одлука на Апелациониот суд Скопје за замена на мерката притвор со куќен притвор за обвинето лице во случајот „Рекет“.
Како единствен државен орган кој е надлежен за кривично гонење и се грижи за законитоста на кривичниот прогон, јавното обвинителство нагласува дека ги почитува судските одлуки и не се меша во работата на судската власт.
Реакцијата на надлежниот јавен обвинител во предметот треба да се разбере како израз на моментално разочарување, по сознанието за донесената одлука во предмет во кој по опсежна предистражна и истражна постапка и поднесено обвинение, очекува судска разрешница.