Јавниот обвинител Љубомир Јовески упати писмено барање до Судскиот совет за детална информација во кои предмети судските рочишта биле одложувани поради отсуство на Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство и со какво образложение го оправдале отсуството.
-Ваквата информација е неопходна итно со цел да се овозможи законската обврска за надзор над законитото и навремено извршување на јавнообвинителската функција согласно принципот на хиерархија и убординација во Јавното обвинителство, се вели во барањето.
Тој бара скопското обвинителство и Обвинителството за гонење на организиран криминал да одржат итни колегиуми и да им укажат на јавните обвинители дека повеќекратно отсуство од судски рочишта ќе биде основ за поведување на итни дисциплински постапки против јавните обвинители за кои ќе се утврди дека неоправдано отсуствувале од рочиштата.
Судскиот совет завчера го разгледа извештајот од работната посета на Основен кривичен суд Скопје.
Координаторот за овој суд Мери Радевска констатираше неоправдано долго водење на постапки, одложувања на рочишта во низа, неоправдано долго изготвување вештачења, и различни ставови за примената на институтот застареност и на гонење во повторената постапка.
Претседателот Сашко Георгиев рече дека е изненадувачки што има одложувања по шест-седум, некаде и по десетина рочишта сериски поврзани, што трае година и половина, а се одлагаат поради неприсуство на јавниот обвинител.
– И тоа е нели причина за одложување согласно закон, но наоѓам забелешка во делот на судиите. Немаат никаква реакција, дали до Вишото или Основно јавно обвинителство како реакција за таквото, оправдано или неоправдано однесување. Не може сериски пет-шест рочишта да се одложуваат заради недоаѓање на јавниот обвинител и на крајот постапката застарува, а последица сноси судијата. Наоѓам причина дека самите судии не преземаат доволно активности за да реагираат на таквите околоности, а ги има многу, изјави Георгиев.