Синот на обвинителката Елизабета Јосифоска, ќерката на пензионираната обвинителка Гордана Смаќоска и синот на судијата во Врховниот суд, Наќе Георгиев ќе судат во Кривичниот суд во Скопје.
Денеска седуммината новоизбрани судии во скопскиот Кривичен суд потпишаа свечена изјава во Судскиот совет. Станува збор за судиите Марија Беговиќ, Биљана Смаќоска, Драгана Исакоска, Драган Јосифовски, Ахмет Идризи, Фросина Стојаноска и Кирил Георгиев.
Јосифоски е син на обвинителката Јосифоска која и беше заменичка на Катица Јанева во СЈО, а од неодамна е шефица на Основното јавно обвинителство Гостивар. Во истиот суд ќе биде и синот на Георгиев, поранешен претседател на Апелацискиот суд Штип и актуелен судија во Врховен.
Тој беше избран за член на Судскиот совет, но си поднесе оставка од член на Судскиот совет за неговиот син да биде избран за судија.
Основниот граѓански суд Скопје пак се засили со осум нови судии, Кристијан Митревски, Симона Бубевска Муцунски, Лилјана Костојчиноска, Драган Петрушевски, Маја Катариниќ, Андреа Апостоловска Малиноска, Машкули Пајтин и Јованов Јордан, потпишаа свечени изјави во Судскиот совет.
Бубевска Муцунски е сопруга на градоначалникот на Аеродром и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
Свечени изјави дадоа и новоизбраните судии во Основните судови во Битола, Струмица и Тетово.
Инаку овие судии беа дел од генерацијата што ја заврши Академијата на судии и јавни обвинители, а која предизвика големо внимание во јавноста бидејќи голем дел од завршените кандидати беа во роднински врски со актуелни и поранешни политичари и судии.
Меѓу имињата што го привлекоа вниманието на јавноста беа Барлет Џафери, син на собранискиот спикер Талат Џафери, како и Албулена Абази, сопруга на шефот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази. Џафери беше избран за обвинител во Гостивар, а Абази за Кичево.
Ф.Ф.С.