Републичкиот обвинител Љубомир Јовески најави дека истрагата за „Плацовите на Водно“, за која минатиот месец Орце Камчев доби притвор, е во завршница. Тој посочи дека обвинителството веќе ги изготвува известувањата за завршена истрага.
-Oбвинителот кој постапува по предметот веќе изготвува известување за завршена истрага кои ќе им го достави на обвинетите и нивните бранители. После тоа известување, тие имаат рок од 15 дена евентуално да предложат изведување на нови докази. И во предметот постои една замолница за меѓународна правна помош – рече Јовески на Телма.
Инаку, предметот се однесува на тоа дека со пари од членарина и партиски донации за ВМРО-ДПМНЕ биле купувани атрактивни плацови на Водно, а неодамна обвинителството вршеше претрес и во станови на Бихаќка кои се поврзуваат со експремиерот Никола Груевски, кој е еден од осомничените.
-Врз основа на опсежна истрага, дојдено е до откривање на два нови стана и плац од 3 000 квадратни метри на Водно. За овие е издадена мерка забрана за нивно отуѓување додека трае оваа постапка – рече Јовески.
Тој додаде дека се очекува наскоро да заврши вештачењето во предметот „Империја“. Според него, станува збор за сложено вештачење на обемна сметководствена документација од страна на стручен тим.
-Се разбира дека за да се разгледа толкав број документи и да се донесе определен заклучок во делот на вештиот наод и мислење потребно е значително време. Според таа динамика како се одвива вештачењето за скоро време мислам дека вештите лица ќе завршат со овој процес – најави републичкиот обвинител.