Шефот на републичкото јавно обвинителство, Љубомир Јовески, ја осуди постапката на четворица јавни обвинители од ЈОРМ кои испратија соопштение до јавноста, во кое го изнесуваа своето гледиште за одлуката на кумановското обвинителство да се преквалификува делото во случајот за Алмир.
„Сметам дека таквото обраќање е непрофесионално и дека со тоа се повредува функцијата јавен обвинител и тешко е прекршен Етичкиот кодекс на јавните обвинители во Република Македонија. Нивната постапка ја доведува под сериозно сомневање независноста, непристрасноста, лојалноста и достоинството на јавниот обвинител, бидејќи нивниот настап е предизвикан од други цели кои не се поврзани со извршување на јавнообвинителската функција“, порача Јовeски.
Тој додава дека нема да допушти влијание од кого и да доаѓа, а кое ги попречува напорите за средување на состојбите во јавното обвинителство во насока на професионално, стручно, непристрасно, совесно и законито извршување на јавно обвинителската функција.
„Јавните обвинители во вршењето на функцијата не смеат да дозволат да бидат надвладеани од субјективни мислења и проценки, од притисокот на јавноста или политиката. Законот за секого и во секој предмет е еднаков за сите, без оглед на национална, верска или политичка припадност и така треба да се применува. Предметот во детали е рефериран и разгледуван на колегиум на Вишото јавно обвинителство Скопје и на Проширен колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија, при што се оцени дека во кривичниот предмет е постапено во согласност со Законот за кривична постапка, Законот за јавно обвинителство и начелата во работењето на јавното обвинителство. Со соопштението од јавните обвинители директно е нарушена функцијата јавен обвинител и се настојува да се влијае во одлуките по предметот, бидејќи тие конкретно не постапуваат по тој предмет и не можат во јавност да изнесуваат ставови што не добиле верификација на Колегиум. Затоа за нивната постапка ќе се расправа Колегиум на Јавното обвинителство на Република Македонија, а ќе побарам нивното однесување да го преиспита Етичкиот Совет на јавните обвинители“, посочува тој.