Јовески: Годинава водевме дисциплински постапки против 5 јавни обвинители

by fokus

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, денеска одржа дигитална предновогодишна средба со  новинарите.

Јовески посочи дека 2020 е тешка година за сите, а беше исполнета и со многу предизвици за јавните обвинители бидејќи нивната работа бара постојан  континуитет, целосна посветеност, лична директна комуникација со многу луѓе.

„Надлежни сме за гонење на криминалот, а тој не запира, дури и кога има пандемија. Обврзани сме со рокови во преземањето на нашите дејствија, на целосно прибирање на материјални и вербални докази за да имаме издржани обвиненија. И во услови на пандемија, со поинаква организација на работата,  обезбедивме непреченото одвивање на истрагите и постапките по другите предмети, почитувајќи ги целосно здравствените протоколи“, рече јавниот обвинител Јовески.

Во оваа година  обвинителствата постапуваа против повеќе од 25.000 полнолетни сторители на кривични дела. Само за време на вонредната состојба  беа поведени и се завршени постапки против 3.500 лица за непостапување според здравствените прописи.

Обинителството, почитувајќи го начелото за презумпција на невиност ги објавува сите информации, за кои нема законска пречка и кои нема да наштетат на постапката. Само во оваа година објавени се 825 соопштенија, што е двојно повеќе од претходната година, а покрај тоа редовно одговаравме на вашите прашања за кои јавноста имаше интерес.

Јавниот обвинител посочи дека со години има недостаток на материјални и човечки ресурси, но истакна дека годинава беа избрани нови 18 јавни обвинители, а во завршна фаза е постапката за вработување на 70 работници на различни работни места од кои повеќето се неопходните јавно-обвинителски стручни соработници. Овие нови вработувања значително ќе ги подобрат капацитетите на јавното обвинителство, но неопходно е и натаму да се засилуваат човечките ресурси во обвинителството.

Во оваа година профункционираа 4 истражни центри во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и основните  јавни обвинителства во Скопје, Куманово и Тетово.

„Во насока на градење систем на отчетност во рамки на јавното обвинителство ја зајакнавме дисциплинската одговорност. Оваа година водевме неколку дисциплински постапки против 5 јавни обвинители кои сториле повреди во текот на работењето“, рече Јовески, и посочи дека во втората половина на годинава започна примената на новиот Закон за јавно обвинителство со кој се унапредува организацијата и работењето на обвинителството. Значајно е што се гарантираат 0,4 проценти од Буџетот за работа на обвинителствата. Имајќи ја предвид состојбата во државата предизвикана од пандемијата за 2021 е обезбеден Буџет на јавното обвинителство во висина од 0,2 отсто. Да нагласам дека треба сите да бидеме солидарни и да помогнеме во заложбите за справување со потешкотиите предизвикани од опасниот вирус“, рече Јовески.

„Jавните обвинители постапуваа и превземаа дејствија и по предметите превземени од Специјалното јавно обвинителство, со што во неколку предмети се поднесени обвиненија или други одлуки согласно доказните материјали, а продолжија и со застапување по предметите по кои претходно беа поднесени обвиненија. Јавно сакам да кажам дека обвинителството постапува непристрасно и неселективно се гонат сторители на кривични дела Обвинителството на овој начин ќе продолжи да работи и следната година“, рече обвинителот Јовески.

В.В.

Поврзани новости