Јовановиќ за „Фокус“: Владата сака да ги укине приватните пензиски фондови и да ги преземе нивните средства за да си ги реши буџетските проблеми

Вториот столб треба да остане, но можеби треба да се национализира, за да не се дозволи приватни фондови да прават профити на сметка на државни пари, смета професорот

by irena 10:55
10:55

Најавените радикални промени во пензискиот систем како зголемување на границата за пензионирање или укинување на вториот пензиски столб, кои засега се во фаза на анализирање, предизвикаа сериозна дебата во македонската јавност.

Гувернерот Трајко Славески и премиерот Христијан Мицкоски најавија дека граѓаните ќе бидат непријатно изненадени од тоа што ќе ги пречека во вториот столб, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го опипа пулсот на јавноста со најава за зголемување на старосната граница за пензија на доброволно ниво, а министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велкоски. отиде доттаму што најави и укинување на вториот пензиски столб.

Но, сите функционери без исклучок, прво ќе чекаат на длабинските анализи кои Владата ги нарачала да ги спроведат Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд, а потоа ќе се носи одлука.

Економскиот истражувач во Виенскиот Институт за меѓународни економски студии Бранимир Јовановиќ за „Фокус“ вели дека никој не зборува за суштинските проблеми на реформата кој значеше делумна приватизација на пензискиот фонд, туку за ниските приноси на вториот пензиски столб и буџетскиот дефицит поради реформата.

„Јас отсекогаш сум бил противник на пензиската реформа што беше направена пред 20-ина година, кога беше воспоставен овој систем со три пензиски столба. Таа реформа во суштина значеше делумна приватизација на пензискиот фонд – дел од пензиските придонеси им се дадоа на приватните фондови, кои потоа ги инвестираа нив, и остваруваа профити од тоа. За да бидат работите уште полоши, најголем дел од овие профити – околу две третини – всушност доаѓаа од државата. Државата мораше да издава хартии од вредност за да го покрие дефицитот кој настана поради пензиската реформа, и тие хартии од вредност ги купуваа пензиските фондови, за што државата им плаќаше камата. Така што, она што практично се случи беше дека државата им даде пари на приватните фондови од кои тие остваруваа профити, и плус мораше да се задолжува кај нив, за што им плаќаше камата.

Меѓутоа, дебатата што сега се отвара во Македонија целосно ја промашува поентата. Никој не зборува за овие проблеми, туку се зборува за ниските приноси на вториот пензиски столб и за буџетскиот дефицит поради реформата, а и двете од овие работи беа неизбежни. Приносите беа ниски затоа што глобалните каматни стапки беа ниски изминатите 15-20 години (што веќе и се смени последниве неколку години), а дефицитот што се створи поради пензиската реформата всушност значи пониски дефицити во иднина.

Така што, мене ми се чини дека Владата сака да ги укине приватните пензиски фондови и да ги преземе нивните средства, за да си ги реши буџетските проблеми со кои се соочува поради неодговорното трошење. Ако државата ги преземе средствата на приватните фондови, тоа веднаш ќе ги намали јавниот долг и буџетскиот дефицит, односно, ќе ѝ даде на Владата пари кои таа ќе може да ги троши на сѐ што сака. Знаејќи како оваа Влада ги троши државните пари, тоа само ќе ги влоши состојбите. Дополнително, суштинскиот проблем на пензискиот фонд кој потекнува од стареењето на населението, ќе остане. Така што, промени се потребни, но тие не смеат да се прават на брзина и преку ноќ, туку мора добро да се обмислат“, анализира Бранимир Јовановиќ.

Од регулаторното тело за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување велат дека речиси три милијарди евра се сигурни на сметките на граѓаните, но кај власта владее песимизам. Јовановиќ смета дека не е прашање дали ќе има пари за пензии туку дали буџетски проблеми во моментов на оваа власт треба да се олеснат за сметка на тоа на следните влади да им биде потешко.

„Не е тука прашањето дали ќе има пари за пензии. Ќе има пари, државниот буџет е доволно голем за да се исплаќаат пензиите. Вкупниот буџет за оваа година е 6,5 милијарди евра, вкупните пензии се 1,6 милијарда. Прашањето е дали моменталните буџетски проблеми на оваа власт треба да се олеснат за сметка на тоа на наредните влади да им биде потешко. Примерот од Унгарија е најдобра паралела за ова. Виктор Орбан таму го укина вториот столб во 2011, за да добие повеќе пари за негови лични цели. Дефицитот и јавниот долг тогаш малку им се намалија. Но Унгарија денеска се соочува со поголеми фискални проблеми отколку тогаш – и дефицитот и долгот им се повисоки отколку тогаш. На Орбан можеби му беше полесно, но на владите кои доаѓаат сега ќе им биде потешко“, истакна аналитичарот.

ММФ и Светска банка препорачуваат комбинација од мерки, односно параметарска реформа, а власта форсира само зголемување на старосната граница.

Според професорот Јовановиќ вториот столб треба да остане, но можеби треба да се национализира.

„Според мене, вториот столб треба да остане, но можеби треба да се национализира, за да не се дозволи приватни фондови да прават профити на сметка на државни пари. Треба и да се смени начинот на кој се инвестираат средствата, односно, да не се инвестира само во домашни државни хартии од вредност, туку повеќе во странски и приватни обврзници.
Потребни се и други реформи, како укинување на ослободувањата од придонеси, особено за оние со највисоки плати во државата, кои сега плаќаат само минимални придонеси. Потребно е и да се зголемат даноците, особено за богатите и за фирмите со високи добивки. Воопшто не треба ни да се размислува за покачување на границата за пензионирање, затоа што во Македонија животниот век по пензионирање е меѓу најниските во Европа“, вели за „Фокус“, економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Орце Костов

Слични вести