Апсолутно може да се воведе прогресивниот данок во Македонија, прашањето е дали се сака, a најголемиот проблем со македонскиот даночен систем е што тој е неправеден, односно ги даночи повеќе посиромашните отколку богатите, вели за „Фокус“ професорот од Виенскиот институт, Бранимир Јовановиќ.
-Работничка која прима минимална плата од 300 евра плаќа вкупни ефективни даноци (персонален данок плус придонеси) од 33%, додека најплатените луѓе во државата, со месечни плати од стотици илјади евра, плаќаат даноци од само 11-12%. Слично е и со фирмите. Малите фирми плаќаат ефективно данок на добивка по повисоки стапки од фирмите со добивки од милиони евра. Тоа може да се смени само со прогресивен данок, и на личен доход и на добивка, додава тој.
Според Јовановиќ апсолутно се неиздржани аргументите дека прогресивниот данок ќе ја поттикне сивата економија.
-Видовме и во 2019, кога се воведе на кратко, дека немаше ама баш никакви штетни ефекти. Проблемот е што со прогресивниот данок се даночат богатите и моќните, а нашиве политичари никако не сакаат да се спречкаат со нив, додава тој.
Најавите на Владата за даночни реформи со кои ќе се зголеми даночната основа, односно ќе се прошири листата на основи по кои граѓаните и фирмите ќе го полнат Буџетот наиде на остри реакции во бизнис заедницата и во јавноста. Владата убедува дека тоа нема да се одрази на стандардот на граѓаните и на работењето на фирмите и ќе се воведе правичност во даночниот систем во државата.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, со реформите во Буџетот ќе се слеат дополнителни 54 милиони евра.
Она што е јасно е дека ќе се предложи оданочување орочените депозити а се планира и оданочување на хонорарите и договорите за вработување на определено време кои би имале ист третман како платата и би се товареле и со социјални придонеси, нешто што наиде на остри критики во јавноста кога беше најавено па повлечено. Со новите измени се предвидува во делот за реинвестиции на добивката данокот да се укине само кога станува збор за реинвестиција во секторите зелена транзиција, дигитализација или енергетска ефикасност.
Во финансии сеуште размислуваат која ќе биде границата од која ќе почне да се оданучуваат доходите како и која ќе биде горната граница која што во моментов е 16 просечни плати односно нешто над осум илјади евра.
Од Стопанската комора соопштија и дека се изненадени бидејќи сеуште нема разговори околу најголемиот проблем на бизнис заедницата – цената на струјата.
Соња Танеска