Жал ми е што сум третиран како „баџанакот на Мијалков“, бидејќи професионално сум се реализирал пред оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт, вели Јован Илиевски, новиот судија во Европскиот суд за човекови права во изјава за Дојче Веле.
– Јас и пред нашата Комисија бев потполно искрен. Во сите изминати години буквално сум се преработил. Не ми беше право, и жал ми е што во јавноста сум третиран како „баџанакот на Мијалков“, бидејќи ако се погледне хронологијата на мојата професионална кариера, јасно е дека сум се реализирал во годините пред оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт. Вие, на пример, најдиректно ме прашувате за ова. Од Комисијата, пак, ме прашаа дали сметам дека има некои недостатоци кои би пречеле на изборот за оваа функција. Не знам дали мислеле на истото, но кај мене тлееше впечатокот дека мислат на тоа. Им реков дека нема такви недостатоци – вели Илиевски.
Во врска со информации од ПССЕ, дека пратеници на ВМРО-ДПМНЕ агресивно лобирале кај пратениците од десничарските, сестрински партии, тој вели дека нема такви информации.
– Напротив, имам информации дека против мене биле праќани многу дописи, со многу невистини. Не знам кој го правел тоа. Она што го знам – е дека се работело против мене, а не за мене – рече Илиевски.