Јошевска Анастасовска: И Мицкоски може да одговара за повреда на тајност на постапката

by fokus
Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска во изјава за Фокус вели дека се надева дека веќе денеска Христијан Мицкоски е свесен со што си поиграл со вчерашното „мафтање“ со доверливи материјали од истрагата „Рекет“. Јошевска Анастасовска вели дека не само оној кој му ги дал документите на Мицкоски, туку и самиот тој може да одговара за повреда на тајност на постапката.
-Апсолутно е кривично дело откривањето на податоци или документи од постапки што согласно закон се тајни, каква што е дефинитивно предистражната постапка, а во одреден опсег и истражната постапка, особено ако е така наредено од обвинителот кој постапува по предметот. Но исто така, јавното објавување на овие податоци или документи претставува кривично дело кое се казнува со истата казна како и самото откривање. Според тоа, не само таканаречениот „свиркач“ на Мицкоски кој неовластено ги земал документите од тајна постапка, туку и самиот Мицкоски можат да одговараат за сторено кривично дело Повреда на тајноста на постапката од член 369 од Кривичниот законик и за евентуалната штета што притоа може да настане, објаснува Јошевска Анастасовска.
Таа додава дека се надева дека Мицкоски добро ги чува доверливите материјали, бидејќи може да биде загрозена и сигурноста на сведоците.
-Јас само се надевам дека Мицкоски ги чува како своите очи овие податоци и документи досега и дека нема да западнат во погрешни раце бидејќи можат да биде загрозена сигурноста на сведоците со оглед на тоа дека не знаеме какви информации тие се решиле во доверба да изнесат на обвинителството. Се надевам дека Мицкоски денес е веќе свесен со што си поигра со цел да постигне политичка предност или поен повеќе, како и дека начинот на кој го претстави поседувањето на доверливи материјали и мотивот за нивна употреба личеше на уцена и недозволен притисок врз обвинителството. Исто така се надевам дека обвинителството ќе постапи промптно и веднаш ќе ги обезбеди овие материјали од злоупотреба, како и дека ќе му биде лекција за тоа дека треба да има повеќе капацитет за обезбедување на тајноста на постапката кога веќе најавува дека е спремно да се бори со висока корупција, заклучува Јошевска Анастасовска.
Катерина Смилева

 

Поврзани новости