Јордановски од ВМРО си поднесе оставка: Ова не е партијата во која се зачленив, се е чисто профитерство!

by Fokus
Иво Јордановски си поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на МК на ВМРО ДПМНЕ Агино Село, и член на ОК на ВМРО ДПМНЕ Куманово, а своето членство го стави во мирување.
 
Известувањето за оставката го сподели на својот Фејсбук профил, а за ,,Фокус’’ вели дека чашата му ја прелеала повторната кандидатура за градоначалник на Зоран Ѓорѓиевски од ВМРО ДПМНЕ.
 
,,Од 1997 година, па се до 2000, а потоа повторно од 2005 година до сега, бев претседател на МК на ВМРО ДПМНЕ Агино Село. Бев избран од членовите, а не од Груевски и неговите потрчковци! Исто, и како член бев избран со поддршка на сите месни комитети во Куманово, 36 луѓе дигнаа рака, а не Груевски. Чашата ми ја прелеа кандидатурата на придојдениот во ВМРО, Зоран Ѓорѓиевски, а советничката листа е циркузијада! Слободно објавете го ова, стојам позади секој мој збор’’ – изјави Јордановски.
 
Ви го пренесуваме и известувањето за оставката кое тој го сподели со јавноста.
 
-Почитувани, поради несогласување со политиката што ја спроведува раководството на нашата партија изминативе години, а особено последниов период, си поднесувам НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА  на функциите ПРЕТСЕДАТЕЛ на МК на ВМРО ДПМНЕ Агино Село и ЧЛЕН на ОК на ВМРО ДПМНЕ Куманово, а моето членство во партијата го ставам во мирување. Ова не е партијата во која јас се зачленив пред многу години и не ја спроведува идеологијата поради која се зачленив, се е сведено на чисто профитерство, а јас не се наоѓам себе си тука – стои во известувањето објавено од Јордановски.
Вики Клинчарова

Поврзани новости